Monday, September 5, 2011

ЗАБОРАВЕН


Деновиве, еден апологет на власта (ја брани секоја власт досега, во континуитет) објави колумна по повод смртта на Лазар Мојсов, чудејќи се на фактот што некој се обидува да го претстави како врвен политичар и дипломат. Воопшто и не ме зачуди таквиот текст, особено кога се знае дека неговиот автор ќе остане запаметен како најголемиот конвертит на политичката сцена, кој секогаш знаел да ја одбере „вистинската страна“, онаа на „победникот“ ― на власта.
Кашата во неговата глава е видлива од миксот и обидот сите, дури и оние кои активно се ставиле на страната на бугарскиот окупатор учествувајќи во нејзините државни органи, или активно работејќи против партизанското Народноослободително движење и против сопствениот народ, да ги смести под истиот кров со оние кои ја донесоа државноста и слободата на Македонија. Ова е најнова мода низ која владеачката ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги изедначи улогите на сопствените дејци и да стави равенство помеѓу Народноослободителната борба во Македонија и колабораторите на окупаторот. Овој пат, Мирчев, се обидува да го стори тоа преку потенцирање на „патриотизмот“ на одредени политички дејци кои ја застапувале бугарската кауза за Македонија („борци“ за „самостојноста и самобитноста на македонскиот народ“) и ставањето равенство со „гревот“ на Мојсов ― неговото ставање на страната на застапниците на заедничката федерација и борбата за нејзино сочувување.

Авторот како „светли примери“ ги набројува: Ченто, Брашнаров, Шатев, Пирузе, Л. Соколов, К. Гермов (Шаќир), Шарло… На сите им е блиска дејноста во ВМРО во одреден период и бугарското образование, но и двоумењето и ставањето на бугарската страна во моментот кога требале да се определат.

Брашнаров и Шатев, активно учествуваат во создавањето и организирањето на Бугарските акциони комитети во војната. По војната, во своето писмо до ЦК ВКП (бољшевици) јасно и недвосмислено се ставаат „против политиката на Југославија за анексија на Пиринска и Егејска Македонија“, но ја наведуваат и причината „бидејќи тоа не им одговара на интересите на Б’лгарија“. Оттука, тие јасно и прецизно се одредиле и ставиле на знаење за чии интереси работеле!

Самиот Ченто во својата жалба до Окружниот суд во Скопје, јасно наведува дека е фатен во обид за бегство преку Грција: „При една објективна анализа може да се утврди дека има законски прекршок за обид за нелегално преминување на границата“, вели тој самиот, откако ќе ги наведе своите припреми за заминување во Грција.

За Шаторов е доволно да го спомнеме неговиот прекар „Стария българин“, за да ни стане појасно во чии води пливал и зошто активно учествувал во рушењето на идејата за востанието против бугарскиот окупатор. Неговата матична партија била Б’лгарската Комунистическа партија, а тој самиот командир во „Трета пазарџиска в’станическа оперативна зона“, но дури по смртта на Цар Борис III, која веднаш ги определува за НОБ и некои наши „силни борци“ за „каузата“, кои дотогаш биле во служба на Царството.

Текстот е жален обид да се изедначат жртвите и злотворот во Втората светска војна и изобилува со мешање на поими. Јаден обид уставното делување на Мојсов и неговото одбивање да се стави на страната на сецесионизмот, да се вметне во антидржавно и антинационално, некакво антимакедонско и непријателско делување. Станува појасно и зошто е тоа така. Мирчев, никогаш нема да ги достигне дипломатските квалитети на Мојсов, човекот чии функции се движат од највисоки републички и сојузни, па сè до оние во Обединетите Нации. Тие ќе останат засекогаш недостижни за авторот на текстов! Му преостанува единствено да советува, да сонува за сопствената големина, да му завидува и преку наивни шкрабаници да се обиде да го минимизира делото на Лазар Мојсов. Авторот заборавил само дека беше член на „Реформските сили“ на А. Марковиќ и дека постојано крстареше низ Македонија убедувајќи нè во големината на договорот „Глигоров-Изетбеговиќ“.

*Повод за овој мој текст е текстот на Димитар Мирчев во „Дневник“ од 1.9.2011. каде мојот коментар беше цензуриран!

1 comment:

  1. Одличен текст, јасен и фактографски. За жал манипулациите на конвертитот Мирчев и таквите како него се она што може да се прочита во медиумите.

    ReplyDelete