Monday, October 17, 2011

МАКЕДОНСКИ РУЛЕТ



Минувам деновиве крај „Воинот“ и, покрај вртоглавицата што ми ја предизвикува лошо урамнотежената композиција и бедната статика на „Коњот под воинот кој се придржува на опашот-кој-е-најголемиот-во-свет“, наеднаш, одекнува музика: Штраус и едно кратко „ккврррр…“ помеѓу!
Глеј, си помислувам, пријатно изненаден од „вкусот“ на владетелот, па овие знаеле саде за валцер и за класика! Онака збунет и национално неосвестен (Коце ветуваше Александрови песни и ора), наеднаш ме штрекнува феноменалниот Мусоргски со неговите „Жени на пазар“. И глеј чудо, музиката доаѓа од спротивен правец, а не од „споменикот со коњ“! Па тоа е генијално! Каде ли се звучниците на овој неверојатен спој, се прашав себеси. Гледам, барам, и наеднаш пред мене се појавува звучник. „Ете го!“, воскликнав радосно! Очекував во меѓувреме, веднаш по она „квррр…“, од него да го чујам и славното „Говорит Москва“, или во „наш“ превод „ЦК ве информира“, но оттаму ечи Вагнер! Прекрасно доживување ― романтизам, како контрапункт на псеудобарокниот кичерај, наспроти нив псеудосоцреализмот на Диме, Тинче и компанија! За ваквиот „граѓански“ ефект (во опинци) виновниците повторно ќе мора да ги побараме меѓу опозицијата и бриселското антимакедонско друштво!

Огромна група од десетина туристи радознало го прашуваат водичот колку чини лудоријата, а тој гордо одговара: „Околу петнаесетина милиони евра! Точната сума ја знаат само во Владата!“! „Прекрасно!“ си велам во себе. „Врв на демократија ― правата сума ја знаат само во владата“, ги повторувам зборовите во себе. Водичот, повторно ги прашува: „сака ли некој нешто да праша?“, а тие, веднаш тргнуваат натаму кон Камениот Мост како сè да им е кристално јасно. Се направив и јас Англичанец, препречувајќи се пред нив: „Дами и господа, зарем не ве интересира чудото,  како во земјата каде една третина од населението живее во сиромаштија и една третина не работи, власта троши 15 милиони евра на грозотија која ја прогласува за уметност?“! Водичот збунето ме погледна и итно ги упати кон најголемиот циркус чиј осветлен кров го симболизира македонското знаме. „Секакви будали има во овој град“― си повторив самиот за себе, вртејќи три пати околу споменикот (онака, против уроци:)!

No comments:

Post a Comment