Monday, October 17, 2011

ЕВРОЛАКРДИЈА, ЦЕНЗУРА, ИЛИ АВТОЦЕНЗУРА




Деновиве актуелен е извештајот на Европската Комисија за ПЈРМ. Власта се обидува да ги минимизира наводите од извештајот, обвинувајќи ги оние од ЕУ дека извештајот го составиле со цел да му наштетат на македонскиот народ, притоа заборавајќи дека Македонија е држава на сите нејзини граѓани, а не на одредени привилегирани народи. Еден текст во „Дневник“, напишан од нивниот уредник Зоран Димитровски, насловен како „Евролакрдија“ го предизвика моето внимание, заради обидот целата вина за извештајот да ја фрли врз неколкумина новинари кои се обидоа јавно да проговорат за медиумскиот мрак кој владее во Македонија. Се обидов да одговорам на ваквото префрлање на одговорноста за извештајот, но моите коментари под „Ајван Доктор®“ беа цензурирани од страна на администраторот, потврдувајќи ги тврдењата од Извештајот. Ја користам можноста коментарите да ги објавам во мојот блог:

 Авторот се обидува целата вина и одговорност за лошиот извештај, но и за лошите состојби во земјата, да ја префрли врз новинарите и опозицијата! Небаре тие раководат со земјата! Уште полошо, се обидува во нему својствен стил, наспроти пропагандно-прокламираната желба за обединување и стопирање на поделбите, одново да бара предавници онаму каде ги нема! За него, најубаво би ни било да си молчиме за ужасот, а тој, идеално и апсолутно реално е опишан во Извештајот! Овојпат достапен и’ е на јавноста, па можете и сами да го прочитате! Изразуваат загриженост за селективниот пристап кон обвинувањата за даночно затајување во одредени медиуми! Беа ли инспекциските органи и УЈП во „Канал 5“ и во „Сител“? Зарем овие провладини телевизии не се поврзани со други градежни, банкарски и производни фирми?! Укажуваат на широко распространета автоцензура меѓу новинарите која е резултат на ваквиот неселективен и диспопорционален систем на казнување на нивната критичност! Во него, освен реалната загриженост за состојбите со слободата на говорот и медиумите, стои и загриженоста од стагнацијата на реформите во судството и администрацијата, како и за неуспешната борба со корупцијата (а толку луѓе испозатворија), но и за неказнувањето на беззаконието во редовите на органите на прогонот! Укажуваат на зголеменото задолжување на земјава и редица други забелешки! Главната е „дека недостасуваат адекватни човечки и финансиски ресурси“ за целосна имплементација и прилагодување кон Законодавството на ЕУ! Правната и институционална рамка за човековите права и за заштита на малцинствата стои во место, велат! Целосната оценка за „подобрување“ на состојбите е со употреба на еуфемизми, за да не кажат „ужасно“, или „лошо“, употребиле дипломатски изрази: „одреден напредок“, „ограничен напредок“, „значаен напредок“… Стоиме во место, тврдат тие ― како и повеќето стотици илјади жители на државава! Само шарлатаните (наспроти „заблудените“ грујофоби) се способни ретроградното движење да го гледаат како пат кон иднината! 

 Овој свој коментар се обидов на два пати да го протнам низ администраторкото сито. Во правилата за објавување стои дека „коментарот нема да биде објавен, ако содржи навреди, или, ако повикува на омраза“ . За жал, очигледно беше доволен потписот „Ајван Доктор®“ за да ме одбијат. 

Потоа следуваше мојот втор одбиен коментар, кој се однесува на цензурата на мојот претходен текст, а тој гласеше: 
 Ете ја реалноста на приказот во Извештајот на ЕК! Бидејќи посочувам дека уредникот е „тренди“ наспроти пропагандната идеја за „обединување“ и повторно нè дели на „патриоти“ и „предавници“, администраторот си применува автоцензура! Тука е на виделина сказната за слободата во медиумите! Порака до администраторот: моите испишани мисли, или глупости (како сакате), се само мој срам, или моја гордост! Стојам цврсто зад моите искажани мисли, па навистина не знам зошто го цензуриравте текстот? За да не ви се јави уредникот?! Па , едноставно ― одговорете му го претходново! Мојот коментар нема врска со Вас, а и не може да и’ наштети повеќе на државава од тоа што и штетат оние кои управуваат со неа! Зарем од моите пишани зборови ќе пропадне државава? Оставете ги, нека ме демантираат со факти! 

Следуваше уште еден мој краток коментар кој беше повторно одбиен: 
Прашање до уредникот и до администраторот: Зошто денес само три пати одбивате да ги објавите моите коментари? Заради слободата на говорот ли?! 

 На крајот како доказ дека е одбиен само мојот псевдоним, следува и доказот ― администраторот објавува мој коментар, но овој пат маскиран во латиница и под сосема друг псевдоним:
Blajan, 14.10.2011 16:22:27 
Najgolem dokaz za tvrdenjeto na avtorot e neobjavuvanjeto na onie komentari koi se kosat so negovite tvrdenja. A toa deka Gruevski e rastroen e vidlivo nasekade. 


 Очигледно, кај нас е доволен дури и специфичен псевдоним за да се примени правилото за цензурирање текстови кои се неподобни за владетелот! Токму за ваквиот пристап говори и Извештајот на Европската Комисија.

No comments:

Post a Comment