Sunday, August 31, 2014

ПУТИНОЉУБИЕ, ИЛИ АМЕРОДЕМОНКРАТИЈА, ПРАШАЊЕ Е СЕГА!


Поделба на сфери,
Југославија (1941)
  


Гледам се развила дискусија на темата „путинољупци“и „амеродемократи“ без мое присуство, па да не останам должен некому!

 Поделбава на проруси и проамери кај нас изгледа зема замав, само што малку ми е наопака. Филозофијата и „аргументот“ за омраза дека Русите „ја поделиле Македонија“ и „не ја признаваат црквата“ не држи. Првото, затоа што во 1913 можеле да поделат само недефиниран географски поим, а не и држава. Македонија е држава од 1943. Што се однесува до црквата („јака причина“) таа може да биде признаена само од васељенски собор, а не од било која друга црква. Да не се лажеме, разговорот за самостојност на црквата не е македонштина туку чиста бугарштина!


 Некако по дифолт сега имаме сдсмоовци кои го поддржуваат „демократскиот и либерален“ запад и вмровци кои го поддржуваат Путин бидејќи „бил ист како Пастиwот“. Веднаш да кажам, ниту е западот демократски и либерален, ниту Путин во било што наликува на Гwујокио (не му е ни до црното под ноктето). Целта воопшто не ми е да го воспевам Путин (најмалку тоа), но треба да се стави јасна граница меѓу она што го прават дека е, и она што тој навистина е. Па, зарем секој кој не игра по нотите на САД и Западот е крволок и диктатор!? Пресреќен ќе беше западот да ја види Русија на колена. За малку тоа и ќе и се случеше со Горбачов и со пијаниот Јелцин.

 Јасна ми е и инерцијата која од ИБ-е наваму ги оцрнува Русите како ропски настроени и воспева Америве како слободоумни. Добро размислете дали е слобода да одгледуваш пиперки, краставици и патлиџан со точно одредени димензии и форми - за другото да не говорам! Да не ги мешаме редот и поредокот со идејата да се контролира зарзаватот.

 Еве и неколку прашања на кои барам одговори:
 Дали е случајно што дури откако „беа ослободени“ Либија, Ирак, Сирија, а нивните лидери прогласени за диктатори, во нив се појави крвопролевање (до невидени размери) и се создаде ИСИЛ ― втората исламска држава во светот? (*напомена: не е грешка ― првата е веќе создадена во Европа, на просторот на поранешна Југославија). Зарем и во Украина, дотогаш мирна и реалтивно просперитетна земја, не се појавија „демократи“ и не беше протеран „диктаторот“ (избран на слободни избори), а прогласен друг задемократски вожд без никакви избори? Зарем не гледавме како во Украина слободно пукаат во луѓе кои се обидуваат да излезат живи од запалена зграда?! Зарем не гледавме како ѕверски и без судење го черечат Гадафи? Зарем не гледавме како на брзина го бесат Садам? Во ниту еден случај не се докажа постоење на хемиско или атомско оружје и покрај секојдневното тупење на западниот „слободарски“ печат од кој препишуваат преводи нашиве „новинари“.

 Со Украина се обидоа да наметнат дека малезискиот авион бил урнат од „проруски“ бунтовници (небаре Русите не живеат со векови во Украина), па според тоа Русија е таа која би требало да биде одговорна. Еден друг малезиски авион не го ни пронајдоа (падна крај Австралија, Нов Зеланд, или во Недојдија), но делириум тременсот на Западот отиде дотаму што наркохоландезите беа спремни да ја линчуваат ќерката на Путин за авион за кој доказите говорат сосема спротивното ― дека е урнат во режија на украинските фашисти (да не се лажеме: луѓе кои не трпат друга нација, сметајќи ја својата за идеална и ариевска, се фашисти жедни за туѓа крв и ништо повеќе).

 Нека ми докаже некој од славниве домашни „политички аналитичари“ дека не се остварува глобалниот интерес на силите зацртан во Првата и Втората светска војна. Погледнете ја територијата на поранешна Југославија. Сферата на интереси е сега иста како и во моментот кога била окупирана во 1941. Самостојноста на државите е само на хартија, во нивните устави. Тие се строго контролирани од обавештајните служби и од капиталот на Западот. Точките на интересот се исти од Сежана, до Гевгелија! Македонија е поделена точно по истата линија на италијанска зона (албанската е само игра на празноглава марионета) и на бугарска зона. Повеќе од дваесет години на народите од Југославија, вклучувајќи ги тука и сите малцинства кои живееа во неа и оние новонастанатите во сопствена држава, им се ветуваат бајки за подобра иднина, а државите никнати од републичката административна поделба откако се осамостоија им наликуваат на пашалуци со кои владеат криминалци и багабонти кои прават што си сакаат! Сурати кои не беа ништо, станаа сè и тоа со имот стекнат со грабеж и малверзации.

 Најголемата глупост што ја направија народите кои живееа во федеративна заедница е што во името на некакви измислени „права, слободи и демократии“, во името на промената на некаковси „попроспетитетен“ општествен систем, си ја урнаа државата оставајќи прав, пепел и крв зад неа. Па зарем за капиталот е подобар пазар од два (според интензитетот на иселувањето кој знае дали е и толкав) наспроти оној од дваесет и кусур милиони?! Добри 90% од луѓето кои живеат на истиот простор се изјаснуваат дека им било поарно во Југославија!

  Доцна, но на многумина им е веќе појасно дека ги изгубиле сите права и подобности што им ги нудеше таа „темница на народите“ и тој „црн“ систем. Зарем тоа не им е доволно да сфатат дека нема ништо од дводеценискиот пат кон ЕУ? Не е ли предолг патот од 20 години кон „рајот“! Зарем тоа не е доволно да се побара од овие наши луди и малоумни политичари (и едните и другите) да работат на средување на главните столбови на државата и на исполнување на вториот дел од прашањето на македонскиот „референдум за независност“!

No comments:

Post a Comment