Tuesday, August 5, 2014

ПОЛИТИЧКА ЕДНОЧИНКА (РАСТУР-СИСТЕМ)

„Ко овде не полуди, тај није нормалан.“ (Горан Бреговиќ)


I чин
 Сцена прва (место: една скопска улица; време: среде бел ден): Сообраќајка на една раскрсница. Судир на две возила. Детенце и жена со лесни повреди, неколку набиеници. Некој од соседите повикува полиција и ги носи жената и детето во
болница на преглед. Се враќаат со потврди за повредите и со насоки за натамошно лекување. После 3 часа доаѓа полиција и прави увид на местото за 20-тина минути и си заминува.

 Сцена втора (место: една скопска улица; време: среде бел ден): Прикочува автомобил среде раскрсница, за да не згази детенце кое претрчува. Во неговиот заден дел удира друго возило. Возачот кој удира, уфрла во рикверц, го заобиколува возилото во кое удира и „испарува“. Некој повикува полиција. После 3 часа, се појавува полиција, прави увид за 15-тина минути, трошат уште 15 на пополнување на испечатени листи и си заминуваат.

 Сцена трета (место: една скопска улица; време: штотуку се стемнило): Повреден човек на пешачки, возачот експресно фаќа усвет. Човекот офка, притрчуваат граѓани. Полицијата се појавува по нецели час и 15-тина минути, прави увид за 15 минути и си заминува. Еден од присутните граѓани го става повредениот во возило и го носи лесно повредениот во најблиската болница.

 Сцена четврта (место: една скопска болница; време: ноќ, после 24:00): влегува човек со расцепена глава, крвав. Причекува 20-тина минути и го носат во просторијата за прегледи, интервенираат, му ја чистат раната, го превиткуваат со завој и го испраќаат дома. Во меѓувреме во просторијата за чекање се набутаа уште неколку пациенти, кој со шината нога, кој со скршеници на раката, друг со болки во стомакот... За три часа им е извршен прегледот, проверени, згрижени, со лонгети и гипсови, покриени со потребните лекови. Во меѓувреме, во друга просторија, лежат уште петмина, некои во болки, други молчеливо чекаат да ги прегледа лекар, или веќе се прегледани. Луѓето во бели мантили растрчани натаму, наваму. Едниот од лекарите кажува дека пре некоја вечер имал накај 30-тина интервенции, не сметајќи ги трите полесни опертивни зафати. Другиот, изутрина продолжува со работа.

 Сцена петта (место: истиот вообичаен дневен весник): „Денеска министерката за внатрешни работи ја пофали акцијата на полицијата и поднесе кривични пријави против насилниците.“. „Не е убиено младо момче на плоштад!“... „Младото момче само си скокнало во реката, за да им побегне на полицајците!“... „Нема никаква одговорност на било кој припадник на полицијата во случката!“... „Никој до сега не поднел таква пријава...“... „Никој не го пријавил случајот.“...
 Сцена шеста (место: еден вообичаен дневен весник): „Денеска министерот за здравство ќе превземе итни мерки“... „ќе провери веднаш за што станува збор“... „Лекарите - вакви, онакви...“... „...немарни, недоволно образовани, незаинтересирани, неажурни, недоквакани...“... „Против најодговорните во случајот ќе се превземат најстроги санкции.“... „Ќе провериме дали возачот на брзата помош и екипата во неа имале партиски книшки и според тоа ќе одредиме дали интервенирале навремено и во склад со прописите...“...



 Заклучок:

 Во земјата каде „нашата“ полиција е фирма со најголем број вработени, таа очигледно има преполни раце работа, сообраќајки се случуваат на секои две минутки (криминалот веројатно уште почесто), па кутрата не може (а и не мора) да стигне да ги исполни општествените обврски за кои е слабо платена. Тие се врвни професионалци (со основно и средно образование)... Не е проблем, ако некој од нив е вработен и во некоја агенција за приватно обезбедување, формирана од бивш (или активен) полицаец... Затоа, секој припадник на МВР треба да има што повисока плата и да си прави што си сака!

 Во земја каде лекарите и медицинските лица се непрофесионални, дрски и безобразни, неработни, тешки аматери (со високо образование, со специјализации и докторати)... Онаму каде клиниките, здравствениот персонал и болниците се недоволни, ниту се доволно опремени со апаратура и лекарства... истите мораат да ги исполнуваат општествените обврски и за клои се прескапо платени. Ним треба да им се намалат платите за 30%, бидејќи не стигнуваат навремено да ги извршат своите задачи, а останатото ќе мора да си го остварат според заслугите... Се разбира, ако имаат доволно пациенти, ако не, ќе треба да делуваат во насока да го зголемат нивниот број!

 Секако, во право сте! „Драмава“ е пишувана со голема иронија и не се однесува само на овие две области од нашето општеството.

No comments:

Post a Comment