Friday, March 16, 2012

РАЃАЊЕТО НА ЗЛОТО III (ЅВЕРОТ)




Сè започна со писмото до партиското членство. Се чудев, како е можно во XXI век некој да ги прогласува сите неистомисленици за непријатели на татковината и за предавници на македонштината со кои конечно треба да се пресметаме во решавачкиот бој!? Навистина, ваквите сподоби постојано ни се презентираат како врвни патриоти. Доволно е да бидете ВМРО (НП, ДПМНЕ, ТМОРО, Гоцева…), па да станете веднаш, по автоматизам, невиден патриот-надчовек, „загрижен, исклучиво за македонскиот народ и за неговите интереси“. Парите кои при тоа ќе ги стекнете се попатна неодвоива и неодолива патриотска придобивка. 

Историјата на оваа организација (сега претопена во партија на анахрона манија) е преполна со пронаоѓање и казнување на „предавници“. Читајќи мноштво документи, наеднаш човек станува свесен дека некогаш во дамнешното минато ни се случувало сосема истата песна: „кој не е со нас, тој е предавник, а со предавниците се знае како се постапува!“ ― повикувале тие, сеејќи смрт од која страдале не само членовите „отпадници“, туку и мноштво недолжни цивили, неретко жени и деца. 

Еден од многуте документи кои јасно укажуваат на ваквиот вроден стил на организацијата е повикот до „Б’лгарите од Македонија и Тракија“ што се бореле во грчките одреди во Турско-Грчката Војна (1919-1922) масовно да дезертираат од грчката армија и да се приклучат кон „братската“ турска војска „вистинските пријатели на бугарскиот народ“!? Одејќи наназад кон Илинденското востание, станува појасно дека отсекогаш делувале спротивно на интересите на македонскиот народ. Приказната за Преображенското востание опишана во „Њујорк Тајмс“ (26 август,1903) во која авторот, откако ќе наведе дека жителите во градот биле повеќето Власи, кои себеси се нарекувале Грци („2000 куќи“и „околу 100 сиромашни бугарски куќи“), го раскажува и следново: „Им понудија договор на комитаџиите да им дозволат на жените и децата да го напуштат градот. Овој нивен предлог беше одбиен. Комитите набрзина го напуштија градот и побегнаа во околната шума…“. Каква храброст! Какво ли херојство е потребно да им забраните на жените и децата да го напуштат градот, а потоа да побегнете и да ги оставите цивилите на милост и немилост на башибозукот кој силувал, убивал, палел и пљачкосувал?! Пустошењето на Крушево траело цели три дена, наведува Њујорк Тајмс. Познато е и тоа дека самото Илинденско востание е организирано и раководено од двајца офицери на Бугарската армија, Гарванов и Сарафов. 

Дури и од ваквите факти, ако ги оставиме настрана, испливува на површината дека од историјата има делови кои никако не сакаме да ги осознаеме. Почна да ме копка сознанието што поголемиот дел од делегатите на АСНОМ биле бивши членови на ВМРО, или се сеуште членови и во периодот на одржувањето на самото заседание. М. А. Ченто, П. Брашнаров, П. Шатев, Т. Чундев (соработник на Т. Александров), Ј. Чкатров (близок соработник на Ванчо Михајлов)… Долга е листата на лицата кои членувале во ВМРО, а биле присутни на заседанието како делегати. Делегати?! Чии? Кој ги избрал?! Велат, народот ги бирал!? Општопознато е дека поголемиот дел од нив активно го поддржувале бугарскиот фашистички окупатор, учествувајќи во организирањето бугарски организации („Бугарски акциони комитети“, „Браник“, „Ополченец“ и сл.). Па, за какви патриоти тогаш станува збор?! Како стигнале тие на Заседанието? Имало избори во војната?! Секако дека немало! Очигледно дека се работи за голема игра на бугарската пропагандна машинерија, дека бугарскиот окупатор добро бил информиран и знаел дека заседанието се одржува. Токму затоа на заседанието се сместиле делегати, бивши членови на ВМРО. Се сеќавам на членот на првиот партизански одред од Куманово, кој постојано ми повторуваше дека бил предаден од близок пријател и дека бугарската полиција цело време добро знаела за неговото движење низ градот. Го уапсиле токму во моментот кога требало да воспостави контакт. Лицето кое го предало е поранешен член на ВМРО. Следувало тепање до помодрување, испраќање во затворот во Скопје („Рубин кармин“ зградата крај Калето), па негово префрлање во затворите во Бугарија. Бивш член на ВМРО?! Па, нели само комунистите… Всушност, ете, „случајно“ наидов и на список на членови на ВМРО (обединета). А во списокот: Кузман Јосифовски-Питу, Мара Нацева, Цветко Узуновски, Страхил Гигов, Бане Андреев… Иако за неа некои историчари тврдат дека се работи за организација одвоена од „бугарскиот елемент“, сепак верувам дека поголемиот дел од нејзините членови поим немале и воопшто не биле свесни за силината на бугарското влијание врз неа, а во бугарска енциклопедија (1989) јасно стои: „Вътрешната македонска революционна организация (обединена) е българска политическа организация с лява идеология. Част от членовете й приемат и идеите на македонизма, а след 1944 година участват в управлението на НР Македонија.“?! Па, јас цело време мислев дека со државата тогаш раководеле исклучиво „клетите комунисти“!? Таму е запишано и дека организацијата е формирана во 1925, во Виена од претставници на „левицата од ВМРО“ и од бившите организации Емигрантски комунистички сојуз, Серска група („движење на Б’лгарите од Сер,на чело со Ј.Сандански“) и од Македонска федеративна организација. Пишува и тоа дека е раководена од Балканскиот револуционерен центар на чело со Георги Димитров, а главната цел и била формирањето на Македонија како самостојна политичка единица, која би влегла како рамноправен член во идна Балканска федерација. Таму е наведено и тоа дека на ставот да соработува со Коминтерната се противеле М. Герџиков, Павел Шатев, Г. Зонков и други членови и дека организацијата е растурена во 1936 година.


Всушност, одреден дел историчари наивно веруваат дека префиксот „Македонска“ во мноштвото организации, по некаков автоматизам значи и дека се бореле за „самостојна Македонија“, или за „самобитноста“ на македонскиот народ. Всушност поголемиот дел од овие организации, како и самата ВМРО, се формирани од страна на бугарските разузнувачки служби, за да им служат на бугарските пропагандни цели. Оние кои станувале свесни за големината на бугарското влијание во ВМРО, биле стигматизирани како „ренегати“, бележени како предавници и веднаш им е донесувана смртна пресуда. „Судењето“ се вршело во локалните кружоци. Тука, не станува збор за некакво вистинско судење врз основ на правни акти, или документи, туку за судење од локални „шефови“ без присуство на обвинетиот и без право на одбрана, врз основ на нечие искажување, или само врз основа на нечија клевета. Звучи познато, нели!


Ренегати?! Интересен збор со кој црквата ги обележувала „отпадниците од верата“. Денес, со него се означуваат и оние кои извршиле предавство и преминале на страната на противникот. Во историјата на ВМРО има еден посебен оддел кој е токму така насловен. Таму се наброени сите оние кои биле членови на ВМРО водени од желба да се ослободат од османлиското ропство, но подоцна се освестиле дека Бугарија манипулира со движењето заради сопствени цели и пребегуваат во спротивниот табор, бегајќи од вмровштината што подалеку. Листата ја дополнуваат: Х. Будов, Г. Дојамов, А. Зоис, И. Радналијата, М. Каламатиев, С. Недиќ, П. Киров, С. Мишев, М. Соколарски, Г. Соколов… и редица други! Интересни се биографиите на овие „отпадници“ од идејата. Ако ги разгледате, меѓу нив има и такви кои преминале на страната на грчките чети, такви, кои лавирале од подршка на Грците во Првата балканска војна, до нивни противници во Втората балканска војна, но и такви кои се обележани како ренегати дури по Втората светска војна, како што е случајот со Лев Главинчев кој станува комунист, партизан, а потоа и заговорник на идејата за македонството и голем поборник на идејата за Балканска федерација. Затворен е во 1951, па потоа рехабилитиран од Т. Живков во 1956. На неговиот погреб во 1970 година, неговиот брат Павел ќе изјави: „Мојот брат уби 226 македонски фашисти“. Во Софија една улица го носеше неговото име сè до 1990 кога е преименувана во „Ванчо Михајлов“. Самиот чин на преименување на улицата во име на еден од најголемите крволоци на македонскиот народ јасно укажува кој ја освојува власта во Бугарија во тие посткомунистички години.
Една од интересните биографии е и таа на Стојан Мишев кој станува ополченец во Балканските војни. Во Првата светска војна станува кмет во Куманово. По нејзиното завршување се враќа во Софија каде му помага на Т. Александров во неговото „консолидирање“ на организацијата. Ја напушта организацијата во 1922 заради наводни финансиски малверзации и се зближува со земјоделците на А. Стамболиски, а потоа преминува во МФО. По акцијата на ВМРО врз федералистите во Неврокоп, пребегува во Грција, а во 1923, во Југославија. Убиен е по наредба на Иван Михајлов од Кирил Глигоров Келешов од Штип во 1925. Тој е татко на сопругата на Киро Глигоров, Нада Глигорова.

Слична е и судбината на неговиот пријател Мите Соколарски! „Извършва множество грабежи и насилия над изявени българи в Източна Македония
под ръководството на Стоян Мишев и Славе Иванов“, стои во спомените на И. Михајлов. Осуден е на смрт од ВМРО (наводно бил „српски шпиун“) и убиен во Виница во 1923 од Дончо Христов и уште двајца други. Славе Иванов, по наредба на Т. Александров во 1914 го убива Стефан Дедов, човекот кој е осуден од ВМРО на смрт како „србоман“ и кој во 1904 го создал во Софија фондот „Свети Климент“ чија цел била помагање и отворање на бугарски училишта и просветата во Охрид. Во 1921 го напушта Александров и е прогласен за отпадник од организацијата. Заминува во Виена и раководи со МФРО, заедно со Филип Атанасов и со Тодор Паница. Осуден е во Југославија во 1948 година, за Информбирото.

Меѓу ренегатите „србомани“ е Иван Паљошев (Палеота) кој од ВМРО, преку МФО, преминува во „српска служба“. Во Балканската војна е ополченец и носител на царскиот Орден за храброст од IV степен. Учествува во Валандовско-удовската акција, кога на Велики петок (2 април 1915) бугарските и турските чети,околу 3000 специјално обучени комити здружени влегуваат преку границата со тогашна Србија, веднаш по полноќ, колејќи ги српските граничари. Се упатуваат кај селата Удово и Пирава и убиваат 261 српски војници. При крајот на Првата светска војна настануваат судири меѓу МФО и ВМРО и И. Паљошев пребегува во Југославија и преминува во МФО. На 14 февруари 1923 година една чета од осумина бугарски комити од ВМРО, предводени од Георги В’ндев, влегуваат преку границата и во една кафеана во центарот на Струмица вршат атентат врз него и уште неколкумина од МФО. Иван Паљошев е тешко ранет, а убиен е неговиот соработник Халил Пеливанов. На 7 април 1924, продолжува со дејноста и мобилизира луѓе од околината на Струмица за четата на федералците, со цел да се организираат за сопирање на ВМРО-вските банди кои постојано вршеле терор врз населението од околните села, влегувајќи преку бугарската граница. Во август повторно му прават атентат во Гевгелија при што е тешко ранет.


Голем број од овие отпадници од организацијата и идејата се всушност обележени како „гркомани“, „гркофили“, „андарти“, а не помалку и како „србомани“ и „српски шпиуни“. Истото клише на стигматизирање на неистомислениците трае до денешен ден. Меѓу „гркоманите“ се имињата на: Димитр Далипо, Лаки Делјо (Николаос Дајлакис - Лакис), браќата Димитар, Лазар, Гоно и Трајан Дојамови (Дојамас), Андонис Зоис, Иван Радналијата (Радиналис)… Интересно е да се напомене и едно кажување на Павел Киров (Павлос Киру) кој преоѓа во грчките чети во тек на самото Илинденско востание. „(Гоце) Делчев дойде в Кономлади и каза: Гръцките свещеници и учители са пречка. Дойде време да играем игра за България. Ние всички сме българи. Трябва да работим за България…“, вели тој, во своето сведоштво за Ален Апвард и неговиот неофицијален „Извештај за европските провинции на Турција“ (1908 г.),  јасно посочувајќи ги нашите денешни заблуди за големината и за патриотизмот на „најмакедонската“ организација, но јасно укажува и колкаво влијание имала бугарската држава врз организацијата. Влијанието е најверојатно и природен тек на настаните, бидејќи Бугарија тешко можела да се откаже од организацијата формирана од нејзините воено-разузнавачки царски служби, свесни за влијанието кое таа го имала на просторот на она што се нарекува Македонија, Румелија, Тракија и Одринско. Борбата меѓу трите држави за територијата на Македонија во својата срж е верска битка меѓу влијанијата на грчката патријаршија, бугарската егзархија и српската патријаршија.


За жал воопшто не се обележени оние кои преминале од срските и грчките чети во бугарските. Еден од тие личности е Дамјан Груев, кај нас и премногу возвишуван како еден од најголемите борци за слобода на Македонија. По исклучувањето од Солунската бугарска машка гимназија, заедно со други деветнаесет души, меѓу кои и Петар Поп Арсов, заминува во Белградската гимназија, а подоцна Друштвото Свети Сава му овозможува негово бесплатно образование на Великата школа во Белград. Откако бил избркан од студии го врбуваат бугарски агенти и тој преминува во Вишето училиште во Софија. Интересно е што и од таму го исклучуваат заради убиство на министерот Христо Белчев. Сомнително е на три пати да те исклучат од школувањето. Барал учителско место во Битола, што му било одбиено, па станал учител во родното Смилево. Член е на бугарската масонска ложа заедно со Борис Сарафов, Јордан Чкатров, Тодор Александров и Александар Протогеров.

Интересно е и постоењето на Разузнавачка служба на ЦК на ВМРО, создадена во 1925, каде меѓу основачите и едни од главните разузнавачи, покрај бугарскиот генерал Александар Протогеров, се наоѓа и Никола Миљовски, татко на Кирил Миљовски, член на Владата на НРМ (1946 година) и член на МАНУ од 1967 и секретар на Одделението за општествени науки. Неговиот внук Јане Миљовски, започнува со работа во Извршниот совет на СРМ, а подоцна, по осамостојувањето на Македонија, станува министер без ресор во неколкуте влади, на онаа од 1991, со Кљусев како премиер и во таа на Б. Црвенковски од 1992-1994, како и министер за финансии во времето на Б. Црвенковски (од 1994-1996). Главната цел на оваа служба е бележење на сите „просрпски“ и „прогрчки“ активности, со особено внимание на „ренегатите“ и на „колонистите“. За таа цел создаваат и тајна полиција, а особено силно влијание имала меѓу бугарската „Македонска младежка тайна революционна организация“ чии членови се и Мара Бунева и Коста Црнушанов.

1 comment:

  1. Докторе, за първи път чета нещо по отношение на македонското минало, написано от македонец, което да отговаря на истината...Но мисля, че грешиш като обясняваш нещата с българските тайни служби и други подобни...
    ...Хубаво ще бъде, ако прочетеш и коментираш участието на Коминтерна в македонската история.
    ...Истината прави човек свободен...

    ReplyDelete