Friday, June 5, 2015

ЏЕЈСОНМИКОВИОТ ОКТОПОД



 Деновиве владиниот апологет со американско-унгарско потекло (како и критикуваниот од него Џорџ Сорос) напиша колумна (четврток, 4.6.2015, во „Дневник“) во која им се нафрли на „предавниците“ и „соросоидите“ стигматизирајќи ги како „левичарска толпа“, но и на сите неистомисленици на нашата влада. Типична американска параноја! Уплав, фобија посилна и од стравот од атомската бомба и од озрачувањето. Дури и на ураниумот станаа отпорни, но на зборовите: комунизам, левица и Русија – никако! Сместувајќи нè во Источна Европа, поентата му беше ВМРО-ДПМНЕ да ги посочи како партија создадена од чесни, богојазливи луѓе, одани на семејната традиција и на конзервативизмот, а сите кои се опозициски настроени ги опиша како лопови, дрски крадци, лажговци и левичари (според него веројатно поимов симболизира некакво големо зло).
Секој слободоумен граѓанин на оваа земја од него е обележан како поддржувач на октоподот Сорос – тројанскиот коњ кој владее со Македонија. Македонските конзервативци биле ранети, во болки и вознемирени (веројатно со нарушено психичко здравје) заради проблемите кои ги имала Македонија со американската администрација на неконзервативниот претседател Обама, вели тој. Му рекло некое чесно конзервативно „човече“ од пречесната ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ дека тие се „проамериканска и прозападна партија“, што по автоматизам треба да значи дека се модерни, современи и определени за напредок. Како тоа се вклопува со конзервативизмот чија тенденција е да го сочува старото и традицијата сосема е непознато! Левицата, му рекол преподобниот, отсекогаш била со Москва, а сега нивните пријатели од Америка ги туркале нив (тешките конзервативци) кон Русија. Заборави Миклош на ’48-та, заборави на Македонската неврзаност во времето на СФРЈ, го игнорираше Миклош фактот дека Југославија, а и Македонија со неа, беа Запад за Истокот! Заборави Мико дека оние кои беа за Сталин дојдоа во годините што следуваа по ИБ-то, претежно од Ташкент, дека во Југославија им беше дадено сè, дом, образование, работа. Продолжува советникот на Гуица со небулозите дека нашиве самонаречени конзервативци „парче ја правеле левицата и дека двет години по ред ги толчат до колена на избори“, дека ова биле „Реганови години на Македонија“, демек „години на просперитет“, време кога Американците имале купишта пари и слични глупости.

 Му пречела песната „Бандјера роса“ на Први Мај. Му ѕвонела во ушите црвената песна, му го реметела мирот, а ја пеела вообичаена „левичарска толпа“ собрана да протестира против убавата ни „конзервативна власт“, против „нашиот“ милозвучен десничар. Насекаде имало црвени знамиња, „обични, неукрасени и тажни“ без ѕвезда, без српот и чеканот, но повторно се шокирал кога го здогледал Че Гевара, а сето тоа му делувало застрашувачки, заглушувачки, како бучава на една страшна толпа која уште утре, ако е за верување на Мико, би ги напикала сите конзервативни Американци во кампови за миг, заедно со овие „нашиве“ големи Македонци! Му пречела петокраката, бидејќи била симбол на злото (комунизмот), но заборава дека неа ја има и на знамето на сојузната американска држава каде живее. Очигледно дека и Аризона според него е комунистичка, левичарска! Оттаму предлага нов контра-институт кој наместо постојниот „Отворено општество“ ќе се нарекувал „Вистински отворено општество“, но резервирано исклучиво за неговите конзервативци. Воопшто не би ме зачудило од некоја страна да дознаам дека токму Џејсон Миклош е мудрецот кој ги смисли контракамповите и контрапротестите!

 Ех, јаден Мико! Се уплашил кутриот, та не знае каде се скрил октоподот во Македонија, или, пак, можеби за добра пара само глуми дека не знае! Очигледно, на советникот на нашето „конзервативно“ Диктаторче единствената цел му е да шири портокалова магла низ Македонија! Да прочепкал малку подлабоко низ архивите и биографиите на „конзервативците“ ќе увидел дека „најпатриотската“ партија во Македонија е составена од поранешни комунисти, бивши членови на СКМ, на СДСМ, претежно потомци на оние од Ташкент и на оние кои беа повеќе од еден век контролирани од Русите – пробугарското ВМРО (Русија²), а сега царуваат во ВМРО-ДПМНЕ и со Македонија ставајќи се над нејзините закони и над сите општествени норми! Не знае, или не сака да знае дека оној немиот ни Хорхе беше поранешен член на Управниот одбор на Сорос, ниту дека таму се обучувани и Мирка, Латас и на нив слични, а премиерот и неговите братучеди се бивши членови на СКМ. Михајло Маневски беше комунистички министер за правда и член на СКМ, а и 90 отсто од новопечените газди (Камчев, Керим, Минчо Јорданов,Чифлиганец, Азески, Колемишевски...) се бивши комуњари. Веројатно е убеден дека некој може прекуноќ да ја смени идејната матрица! Денес си комуњар, преспиваш и изутрината се будиш како конзервативец! Не само што неговите (а и „наши“) конзервативци се тешки комуњари, туку се од оној најзакоравениот ортодоксен комунистички ков кои размислуваа само право, Сталинистички, по една права линија без да скршнат лево, или десно. На таквите им е поблизок националсоцијализмот, отколку социјализмот, им пречи секое бранување на мислата и никогаш не расчистиле со сопствените определувања. Штом е така, а ова што го набројав се непобитни факти, каде е тогаш октоподот Мико?

No comments:

Post a Comment