Thursday, June 4, 2015

COSA NOSTRA



Банда на Република Македонија
Често ќе ви го постават прашањето „наш ли си?“ за да ве препознаат. Се сеќавате, зборчето „наш“ беше најчесто употребуваниот предлог во вмровската пропаганда. Зборчето беше вметнато пред секој назив на секоја нивна акција. Виктор Клемперер (1881-1960), професор по литература на Дрезденскиот технички универзитет во својата книга „Јазикот на Третиот Рајх“ вели: „Наш весник, наш глас, наш приемник... Не, не говорам за Хитлер, туку за радиото. Сакам да си купам едно“.
Имаат некои сличности со германскиот националсоцијализам, но овие „наши демократи“ повеќе наликуваат на некоја негова безуспешна мафијашка копија комбинирана со Сталиновиот ригиден социјализам. Не е доволно само да бидете „наш“, да се зачлените и да извадите партиска книшка. Треба да сте активни и редовни на состаноците, да давате идеи кои не мора секогаш да се здраворазумни! Битно е да ги имате повеќе на број. Можете да дадете и некој малоумен предлог, на пример нешто како „да ги исечеме сите трски во Охридско Езеро“, но битно е дека сте го изустиле и сте биле инвентивни дури и во глупоста. Кој знае, можеби уште утре токму вие ќе сте следниот министер! Ако ништо друго, треба барем да сте активни во лепењето плакати, во учество на контрапротести и слични „демократски“ активности, да земете крави и да ги прошетате пред седиштето на противничкиот „комуњарски“ табор, или да ги паркирате таму државните автобуси! Битна е идејата! Битно е што нешто ви текнало! Што и како, воопшто не е битно. Та, и онака тие во умот и во знаењето не гледаат креативност туку опасност. Ако не сте присутни на ваквите активности лесно може да ви се случи да ја загубите позицијата на која ве поставиле. Секако, и таа најмалку ќе зависи од вашето образование и вашите вештини, а најмногу од понизноста и од удирањето во гради како патриот. Колку повеќе се удирате во градите, толку сте поголеми и помоќни, но внимавајте да не ви излета некоја мисла која не се совпаѓа со онаа на мудриот владетел. Веднаш ќе ве повикаат во Централниот комитет за да ви напоменат дека не смеете да скршнете од зацртаниот курс.

 Сте приметиле ли дека, случајно, или не, дури и речникот на снимените гласови од популарната серија „Бомби“ на „префинетите“ фаци со „истенчен вкус“ за убавини се совпаѓа со оној на Мафијата? Идентичен е!

 На Диктаторчето му се обраќаат со „Шефе“ што е еквивалент на Капофамиља (дон, шеф на фамилијата). Капофамиља е главниот, тој раководи со сите операции, работи 24/7, не спие и дава идеи кои му текнуваат до доцна во ноќта. Тешко на оној кој ќе го вознемири во размислувањето.

 Втор во скалата на раководење е Сотокапо (Бастонекапо) е потшеф, или заменик на шефот. Често е некој најблизок род на фамилијата, најчесто син, брат или Братучед. Ако „шефот“ заглави во затвор на подолга робија, сотокапото го заменува. Почнува да ги прислушува, уценува и подмитува членовите, за да дознае што повеќе информации, се грижи за безбедноста и ја чува фамилијата. Заменикот-шеф најчесто поседува инкриминирачки податоци за шефот, па често се случува дури и додека шефот е на слобода тој да стане многу помоќен од него, а шефот потоа изигрува марионета. (*напомена за вмровците кои ќе го читаат текстов: не, не станува шефот Марија Антоанета, туку марионета) :).

 Советникот (Консиљере) е најчесто близок пријател на шефот, човек од доверба, често и негов венчален кум, бандитска верзија на некој постар државник. Според некои сведоштва тој е лишен од амбицијата да го замени шефот и затоа дава непристрасни совети. По самата природа на работата тој е еден од ретките кому му е дозволено да му се спротистави на шефот кога се расправа за идеи и планирање. Тој е третиот на командното скалило. Капофамиљата, Сотокапото и Консиљерето ја претставуваат главната власт во фамилијата. Тие се главата, изворот на сите зла!

 Дури и она „Ало началниче!“ необично потсетува на титулата Капореџиме (началник). Во принцип терминот означува глава на некој огранок на криминално организиран синдикат кој командува со екипа војници. Мафијата, особено американската, е поделена на независни „екипи“ со кои раководат „началници“. Секој член на екипата го известува и му одговара директно на началникот.

 Терминот Згариста или Солдато, како што ги нарекуваат обичните членови во својата служба, сосема одговара на нашиот израз „партиски војничиња“, или само„војничиња“, а често може да се преведе и онака како што милно и шегобијно ги нарекува Гоца: „будалетинки“. Пичото се војничиња од понизок ранг, често млади уште недоквакани војничиња, а во владетелскиот жаргон ги нарекуваат „човечиња“. Тие обично служат за поситни работи, за да премлатат, или да соберат насила пари од некого. Треба да се докажат за да станат војничиња. Најчесто овие последниве пичотите и солдатите не примаат наредби и пари од Шефот, туку од своите реонски началници. Тие се мускулите на мафијашката фамилија. Како такви служат за извршување на разни акти на заплашување, закани, насилства и убиства. Обврзани се да ги почитуваат наредбите на својот началник, бидејќи од нив примаат плата.

 Последни на листата, но многу позначајни од „будалетинките“, од „човечињата“ и од началниците се Ѓоване и Уомини Д’Оноре – почесни членови, „симпатизери“, како што ги нарекуваат, или само „придружни членови“. Тоа се „независните“ соработници, а меѓу нив има професори, новинари, уметници, градежни претприемачи, транзициски газди и сл. Самиот поим „придружен член“ е резервиран за оние кои не се директни членови на Фамилијата, или се нејзини некогашни членови кои одамна не ја водат главната игра, но служат како владини мегафони и апологети, или само како чергиче за бришење кондури и за перење пари (убаво платени „будалетинки“)! Најчесто се популарни политички конвертити, оние „кои умеат да се прилагодат“, што преоѓаат од една во друга партија глумејќи дека, од волци, наеднаш станале бајчиња, или од лопови, прекуноќ се преобратиле во чесни граѓани.

 Времето на владеењето на полуписмениот Пастиw е при крајот. Ќе го помниме како време на илузии и сништа. Сништата одамна поминаа, илузиите се распаѓаат, пукаат како меур од сапуница. Зад нив остануваат само руините и фасадите налепени врз гнилежот. Уништено е здравството, сотрено е образованието, урнисано е судството, превртени се сите морални норми. Штетата од ваквото празноглаво, мангупско владеење е огромна и на Македонија ќе и требаат децении за да заздрави. Има ли поголемо непријателско и предавничко делување од тоа да ја осакатиш својата татковина за навек!

 Правниот систем воопшто не функционира, превртен е наопаку во интерес на владеачката каста, а не функционира ниту државата. Во јавните установи и во институциите, кои се целосно превземени од нив и ставени под нивната партиска капа, владее хаос и истите водат двојна евиденција. Едната е реална, со сите маани, утки и недостатоци и останува строго чувана тајна, а во втората се прикажани фризирани, накитени успеси кои повеќе наликуваат на извадоци од некоја рубрика „верувале или не“ отколку на реалноста. Во нив и онака е поставен паралелен систем. Едниот е официјален, легален и јасно видлив, другиот е со партиски војничиња чија задача е да ја набљудуваат идеолошката исправност на редовно вработените и за тоа редовно да ја известуваат тајната полиција на братучедите, или надлежната партиска централа. Во неколку министерства имате по неколку стотици вработени кои воопшто не доаѓаат на работа, а редовно примаат плата. Нивната плата ја заработуваат оние кои секое утро одат редовно на работа и особено оние кои не се учени да симулираат дека се хронично болни. Има и такви кои се вработени во некое министерство, примаат од таму плата, а во меѓувреме државата им отворила и приватна фирма, бидејќи „биле греота“, сиромашни, или детенца без родители.

 Маските паднаа! Оние кои девет години изигруваа патриоти, чесни, високоморални граѓани со неизвалкан чист образ, сега ни се откриваат во вистинската светлост и дознаваме дека не биле само вешти лажговци и манипуланти, туку и тешки криминалци извалкани со барут и крв. Нивните гласови ни ја раскажуваат сета нивна мизерија, подлост, раскажуваат за нивните зли намери. Слушаме лични признанија за нивната деструктивност, за моќта на малоумните манипулатори кои ја приграбија власта, за тешкиот криминал, за злосторствата, за бесрамниот грабеж на државниот имот... Ги слушаме нивните лаги, слушаме како се обидувале да прикријат убиства и да ги сокријат доказите за нив. Слушаме како вршеле манипулации на изборниот процес само за да ја приграбат власта, поигрувајќи си со туѓи животи, со бедните, со социјално загрозените, со инвалидите. Вешто се поставиле над законите на РМ криејќи се зад патриотизмот. Иако сите овие признанија ги прогласија за „креирани, сечени, лепени и монтирани снимки“, никако не успеваат да ни разјаснат зошто од истите се слушаат нам добро познатите гласови на „патриотите“, на големиот Пастиw и на неговата портокалова патридиЈотска камарила. Никако да ни ја објаснат магијата на кој начин може целата држава да ни ја прислушуваат само еден поранешно вработен и еден поранешен пензиониран шеф на УБК. Каде беа тогашниот и сегашниот директор на УБК додека поранешни вработени им ги изнесува снимките? Кој ли беше толку вештиот монтажер на тон што уште повешто ги залепи зборовите на „чесните“ патриоти, па сега личат како да се зборови на обични улични бандити? Како да се разговори на селски мангупи кои ја зграпчиле власта и со сета своја прекуноќ стекната моќ сега си поигруваат со судбините на милиони граѓани, се изживуваат со умрените, ги газат живите!

 Ечат најпрости изрази, пцости и навреди упатени кон неистомислениците, но и кон оние кои им се подредени, кои се спремни да изгинат за нив и сето тоа низ етерот, во „креирани, сечени, лепени и монтирани снимки“! Оној што ги измонтирал, насечкал, испозалепил и искреирал, се надминал себеси. Успеал да ја испреврти смислата на нивните зборови, па кога vидеwот сакал да купи имот за децата бездомници и да ги смести на Водно, на чист воздух, да им изгради базен и да подигне ограда за да ги заштити од бесрамните погледи на педофилите, овие со вешта монтажа му налепија дека сакал имотот да си го купи за себе и дека сакал да изгради ѕид за да не видат другите чиј е имотот. Нашиот Пастир се загрижил за безбедноста на странските политичари и на бројните бизнисмени кои едвај чекаат да ја посетат Земјата на чудата и посакал да ни ја претстави земјава како да е европска, а не некоја пустелија од Африка, па затоа со државни пари си купил блиндиран Мерцедес. За истиот модел пари имала само Германија, најсилната економија во Европа, која е само едно место пред нас на скалата на најсилните економии. „Ќе глумиме дека колата е на МВР“ и вели оскаровецот Грујо на Гоца, поранешната министерка. Очигледно монтажерот е некој изразито надарен талент, каков што го нема на планетава, па позитивните работи што ги правело милото Диктаторче, сака да ни ги претстави како црни злодела! Таквиот вешт и трудољубив работник, кој непрестано монтира, сече, креира и лепи илјадници снимки за да делуваат во својот обратен смисол, па добрата намера и хуманите дела на Пастирот да ни ги претстави како некакво зло, заслужува да застане на чело на државава и да ја замени маалскава багра!

 Нема сомнеж! Сè е веќе јасно! Со Македонија царува мафија! За разлика од вистинската (онаа Сицилијанската) оваа е како малтерот што наликува на мермер, а не е мермер. Што би рекле, иста е како скопскиов „барок“ – однадвор чисто одело, а под него неиспрана носија, гнилеж и смрдеа! Барок, што воопшто не е барок! Однадвор сјајна и силна, одвнатре гнила. Толку се способни што ни нив не можат да ги ископираат како што треба. Ова не е Камора, ова не е ’Ндрангета. Тие барем имаат стил! Овие „нашиве“ немаат ниту чест, ниту играат по некакви одредени правила, а уште помалку можеме да говориме дека имаат некаков стил. Единственото правило е да не му противречиш на главното Текнувало, за да не те снајде несреќа! Немаат ниту срам, нити перде и најлошо од сè – продолжуваат да пелтечат и бесрамно да лажат за својата чесност и за количеството на патриотизмот кое го поседуваат во своите до срж искварени души. Наша работа!

No comments:

Post a Comment