Monday, November 29, 2010

А1 - ВИРТУЕЛНИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА



Да! Повикот на бунт во Македонија е забранет! Но, нешто не е во ред со народот кој молчи при силување! Нешто не е во ред со народ кому цели 20 години, разни политичари, му ветуваат влез во светла иднина, а таа никако да му осамне!

Власта тврдеше, најпрвин, дека го чекала Велија „само“ 8 месеци. Потоа, дека всушност се работи за цели 16 месеци! Се прашувам, дали и некој „семкар“, кој „се тресе кога УЈП ќе му го пречекори прагот“ ќе го чекаат цели 16 месеци за да му ги проверат податоците? Ќе бидат ли толку толерантни и кон „дуќанџијата“? Дали во оваа земја ќе излезат политичарите и интелектуалците, во одбрана на слободата и интегритетот на обичниот граѓанин, кој не е член на ниедна партија, тогаш, кога полицијата без налог ќе му го пречекори прагот со образложение дека треба да го приведат во некоја полициска станица? Дали ќе повикаат на бунт, кога таа ќе ги пречекори своите овластувања врз него, на било кој начин?

Да, Велија имал неколку фирми во една зграда! Дали е тоа криминал?! По кој закон? А дали е тоа нешто невообичаено за МК? Зошто власта чекала цели 16 месеци да интервенира? Зошто токму сега го применува законот? Дали е вообичаено и нормално кога цел град ќе се претвори во една фирма?! Дали кај нас е невообичаено еден сопственик да има повеќе фирми? Вообичаена ли е појавата да се поседува цел град? Дали Ѕингоград е вообичаена појава во светот? Дали и таму е вообичаено енормното прекуноќно збогатување на политичарите? Нормална ли е и таму појавата, министри, или нивни роднини, да се појавуваат на тендери и надавања како единствени купувачи? И тоа - на државен имот?!

Кај нас, мамењето стана нормална појава, внесена во непишаните норми на однесување: „Министер кој нема да украде е будала“ - вели народот! Народ кој има ваква поговорка, навистина треба да се плаши за својот опстанок! Не од силните надворешни непријатели и притисоци, туку од сопствениот самоуривачки менталитет... од сопствената заблуда дека може да се живее и опстои во хаос, каде законите се применуваат селективно... од заблудата дека е подобро да има закон со правни нелогичности и намерно вметнати недоречености, отколку да ги нема!

Да! Секој кој потикнува на немири,според законот треба да одговара! Но, погледнете во Англија, Франција, Германија, погледни во Србија, Хрватска, Грција… Секогаш кога владетелите ќе умислат дека може да прават што сакаат со народот… Секогаш - им се случува Народот! Тој (Народ) добро знае дека, за слободата и за правата треба да се Бори и дека никој нема да му ги донесе на тацна! Особено не - владетели, кои замислуваат дека се фараони и дека може (цело семејство) да владее и да е имуно на законите и да се постави над нив!

Она што е гнасно во целава ситуација е неслогата на новинарите! Лигавењето на одредени нивни колеги е непресушно! Се здадоа полтрончиња од видот Латас-Миленко, во одбрана на сопствените газди, кои ја освоија МВР-дипломата „кодош-не-кодош“!

Со кој закон е забрането постоење на неколку фирми на иста адреса? Со кој закон е забрането поседување (поголема) количина на пари (па и во девизи) во приватен стан? Со кој закон и во која држава е забрането поседувањето повеќе фирми? 40-те фирми на Велија, се сведоа на 6. Зошто токму сега се врши упад, и тоа-ноќе? Работат ли дење? Зошто се чекало 8/16 месеци? Дали УЈП би чекал некој друг граѓанин „семкар, дуќанџија...“ (со значително помал имот) за да му изврши упад во станот?

Се препознаваат и Намерата и Причината! Намерата беше очигледна: Замолчување на Телевизија А1! Да се спречи говорот! Да се предизвика молк! Причината...?! Па, објавувањето непријавени фирми во Чешка на братучетчето на Шерифот McLaboud и копањето по имотот на „Фамилијата“, се доволна причина за русвајот во „Перо Наков“! Доволен предизвик! Фрлена ракавица!

Јасна ми е летаргијата на народот! Стравот говори! За секоја спротиставена мисла следува отказ и лична дискредитација! Замислете што би му се случило на Магарето кое постојано лупа со копитата по тастатурата „дека Шерифот McLaboud си ги заборавил некаде лубениците (од под мишка) и дека одамна му побегнал коЈнот“? Замислете што ќе му се случеше на оној кој ја опишува „Старата баба“ како грда убавица? Ќе му никнеа Тревки и Катран, ќе му најдоа и пари и писанија, странски и домашни врски, во огромни количества во неговиот дом! „Предавник!“ - ќе речеа! Можеби ќе го откриеа во некоја црна кеса, на буниште, или во некој поток! „Убиен и силуван од манијак“ - ќе пишуваше по вашите весници! Можеби ќе го самоубиеа во веце шолја?

Велија мати! А, знаете ли уште колку Велии има во нашево општество? Сè додека во оваа држава законите и правдата се применуваат селективно и од позиција на Политичка сила и принуда, ќе имаме Велии, Ѕинговци, Камчовци, Мукаетовци....! Чисти додека ги играат, кварни  - откако ќе се предомислат! Не! До менталниот склоп е! Затоа пропаѓаме! Затоа тонеме! Затоа сме вечно на дното!

1 comment:

  1. Грдата и вознемирувачка слика на полициски кордон, кошкањето пред влезот во А1, признавам ме вознемири многу, впрочем како и целата македонска јавност. Едно станува јасно, а треба и да и` биде јасно и на новинарската фела (вклучувајќи ја К.Блажевска од „Дневник“ што и` било незгодно да се јави во живо), дека тие не се spin-мастери и не креираат никаква политика, туку се само наемна сила, ај да не кажам робови, на некои си газди. Нема ниеден од нив што има свој медиум, за да може да креира политика и да влијае врз неа. Грдите настани уште еднаш ја покажа поделеноста и немањето интегритет на новинарите, чиј кредибилитет е паднат под нулата.
    Страшно е што во оваа земја нема место за оние што мислат со свои глави, за оние што се чувствуваат Македонци без додавката -фили или -мани,за чесните и принципиелните. Нив, веднаш ги сместуваат во графата на предавници,платеници, државни непријатели,членови на некаква ФАМИЛИЈА, а ним всушност не им треба ни ФАМИЛИЈА ни спонзори, ни газди. Го имаат својот ум и моќта што непобитно оди со тој ум, на кое било географско одредиште. Сакам да живеам во Македонија,СЕГА и ОВДЕ, уморен сум од чекање на вакви или такви датуми цели 20 години, да не бидам партиски определен, своето политичко убедување да го изразам легитимно на избори, не ми се потребни икони, не мислам да правам кариера, сакам јас да бидам јас со сите мои маани и доблести.
    И ги молам новинарите и „новинарите“, да не ме трујат секојдневно со своите написи, зашто уште од првите нивни реченици, знам чии наемници се.Според тоа не ги примам сериозно нивните чкртаници,а имам и една лоша навика ( за денешно време)да читам и други писанија и КНИГИ и да си донесувам свои судови и заклучоци.Најмногу се плашам од толпата и масовната хистерија, на кои не сум припаѓал никогаш.

    ReplyDelete