Tuesday, November 30, 2010

ГРУШИТЕЛИ!

Готово е! Започнува преродбата! Преродба која треба да го заборави минатото и да нè упати кон моќната иднина! Дали е навистина така? Изгледа дека преродбата успева само во едното: да го преправи минатото, во облик благопријатен за Шерифот! Да го избрише постоењето на сè што било пред тоа, пред 2006! Тогаш, во периодот пред нивното доаѓање на власт, немало ништо! Сè било лошо, грдо, нездраво, без мозок, затворено, без вера, без култура...без „нашиот“ барок!


Во име на лудилото се обидуваат да нè фрлат во заборав! Цела една генерација!

Градители биле, велат! Градител може да се нарече единствено оној кој се обидува да го Сочува Минатото во својот оригинален лик! Да го реставрира без украси, без позлата, без „јас сакам да наликува на...“!

Деновиве налетот на „преродбата“ руши сè пред себе! Нè фрла во заборав, како да сме стари и сенилни, штотуку родени баби, кои паметат дека светот настанал со портокаловиот неред, а негов создател е самиот McLaboud! Ја нема веќе фонтаната пред „Пелагонија“, онаа отспротива на „Ориент“, или онаа „Фонтана“, познатите слаткарници кои беа одличен сурогат за денешните кафиќи! Ја нема веќе ниту фонтаната пред славната „Ванила“, местото на првите собирања на младите, оние од „поробениот свет“! „Пред Ванила“-колку гордо звучеше тоа! Каде? „Пред Ванила“! Можевте да го дигнете носот! Откако ја преплавија оние од планините (сегашните владетели) се преселивме „пред Фонтана“! Можеби и имаше име, но доволно беше да кажеш „пред Фонтана“, доволно беше да кажеш дека таму го чекаш својот другар, својата другарка, својата љубов... ...прва,  една од многуте, последна, за многумина: и Сегашна и Вечна! Се знаеше веднаш каде е тоа!

Местото на првите љубови, местото на првите „скришни“ цигари, местото каде цветаше Панкот, другарството, местото каде цветаше љубовта, местото каде цветаше цела една прекрасна генерација... Го нема! Ништо таму нема да е исто! Уништено е! А и цела една генерација - изгубена е! Изгубена во виорот на „промените“! Изгубена во виорот на „преродбата“! Изгубена во времето кое им кажува дека сега имаат поголема слобода, од онаа во која можеа да одат насекаде, без некој да пука во нив, или да ги ограби! Слобода во која, кога, ако заплачевте заради изгубената љубов, веднаш притрчуваа луѓето за да прашаат дали сте добро, дали некој ве повредил... Времиња, кога немавме „Блубери“, компјутери, лаптопи... Времиња на дружење - и по снег, и по дожд... Времиња, кога летниот одмор траеше најмалку месец, а не една до две недели! Времиња кога можевте и да немате на себе фирма, а да бидете главен фраер!

Сега, можете слободно да паднете на улица и никој да не ве примети дека ви се слошило! Дури и брзата помош, прашање е дали ќе ви помогне? Може да се случи да не сте се претплатиле на еден од оние „хумани“ пакети за плаќање на медицинските услуги, па да ве остават онаму каде ве нашле!

Цела една генерација... изгубена... заборавена...

„Пред Ва-нила се-кој ден, не-кој сла-ви роден-ден...!“...

Да ве чујааам!!!

...Молк!?

...Ех, генерацијо моја, ќе се каеш еден ден! Ќе се срамиш од молкот, од ползењето, од индиферентноста! Заглавени во лудилото на политиката! Молчи, мир да е! Молчи да не те отпуштат од работа! Молчи, „можеби нема да ни дадат плата“! Молчи, можеби децата нема да ви ги вработат, можеби нема да добијат поголема оценка од онаа што ја заслужуваат, можеби нема да се запишат, можеби... „Молчи... и ќе си ја спасиш душичката“! Душичката празна, темна и со дамки! ДАМКИ, кои никој нема да ти ги испере! Трпи!

No comments:

Post a Comment