Monday, February 14, 2011

СКАПОЦЕНА ТОАЛЕТНА ХАРТИЈА




Разговарам пред неколку месеци со мојот комшија... „Знаеш, син ми зеде книшка уште пред некоја година...“, започнува тој весело, објаснувајќи ми го патот до ѕвездите. „Јас не сум за ова ВМРО, јас сум за она правото ВМРО!“! „Кое вистинско ВМРО?!“– го прашувам, глумејќи лудило...
„Пааа... тоа на Гоцета!“, вели, убеден во своите небулози, чудејќи се на моето незнаење. „Ама, Гоце одамна е на оној свет“, велам, „а и тогашното ВМЛО не било политичка партија, туку  организација!“, продолжувам, вешто изоставувајќи го префиксот терористичка. „Туку... комш’о... нели, до вчера на други состаноци одеше, нели и бојата на книшкава ти беше поинаква!?“ – почнав да се присетувам! „Не, ама јас отсекогаш сум бил за ВМРО, уште тогаш...“, се правдаше. „Ех беее, комш’о, па тогаш ми тврдеше дека отсекогаш си бил комунист! Зарем заборави!?“– го подбуцнав. „Што да правиме? И јас и синот имаме две книшки, едната од ВМРО, другата од СДСМ. Случајно, да не ни се вратат повторно на власт. Што е сигурно, сигурно е!“, одговара. „Знаеш, не дека не можеше поинаку, туку, тој е толку талентиран, што овие, веднаш го примија на работа“! „Знам, знам!“– велам – „Познавам еден пријател, има околу десетина разнобојни книшки! За секој случај, да не им се стемни на овие двеве, константно променливи!“, продолжувам. „Ееее, убаво му текнало! Уште утре одам во ЛДП, или НСДП! За секој случај!“– вели комшијата пресреќен, доживувајќи одново откровение! „Пробај и во ДУИ, или во ДПА!“, му велам на заминување – „Можеби ќе ти се посреќи!“, довикувам!

Партиската книшка стана единствено мерило на вредностите. Колку пати сте налетале на некој уштиркан, укрутен „даса“ во скапо одело, кој, додека вади руда од носот, истовремено си го чепка ушниот секрет со клуч од централна брава на некој скап автомобил? Човекот, ниту два збора не знае да состави, но веднаш ќе дознаете дека ги достигнал „божјите височини“ - моќ од позиција на власт. Знаете дека едвај го завршил основното. Поради тоа станувате сигурен дека и средното тешко му одело (не знаете ниту дали го завршил). А, кој знае?! Можеби, овој пат, бладата ќе успее да го описмени преку специјалната програма за описменување (во 100 чекори) на својата „фаланга“!?

No comments:

Post a Comment