Monday, February 7, 2011

НИЕ ЛИ СМЕ НА РЕД?




Не можам да се оттргнам од впечатокот дека се обидуваат да нè уништат! Ја сотреа шумата на Водно! Сè за мрзливите новодојденци за кои е најбитна крајната цел - „Крстот на Водно“! За нив се гради жичарницата! Ним не им се значајни убавините на планината, свежиот воздух, пешачењето... нив им е битно „светското чудо“, „Крстот“! Ги испокасапија дрвјата и во неколку скопски населби, стари биле, предизвикувале алергии! 


Денес, прочитав уште една жална приказна за измрцварено кученце (па и тоа е жител на градот) за кое беа залудни сите напори да му се спаси животот од страна на едно здружение за заштита на животните! Кучето било оставено од комбе на „Вардариште“ во  населбата „Карпош 3“! Кучето било очигледно намерно изгладнувано и држено таму без вода, па потоа немоќно, пуштено да се снаоѓа во гратскиот хаос! Токму како лично самиот Менгеле да вршел експерименти врз него за да дознае колку може да издржи! И да, донекаде и би го прифатил ваквиот однос кон кутрево, ако бил во име на унапредување на македонската непостоечка наука! Кучињата и мачките скитници ги прогласија за најголемите штетници во градот! Ги ловат, убиваат, палат, изгладнуваат... затоа што ги напаѓале „граѓаните“!

Каква неверојатна грижа за своите граѓани! Се прашував, што ли е следно што ќе ни смислат овие длабокоумни тапчовци? После сè, сосема нормално е моето прашање од насловот на текстов, упатено до сподобите од власта: Ние ли сме на ред? Очигледно, одговорот самиот се наметна!

Деновиве, една од притвореничките од аферата „Пајажина“ имаше спонтан абортус! Го изгуби својот плод, но со тоа и мајчинството! Секако,спонтаниот абортус не е воопшто ретка појава, ниту е пак карактеристично дека се случува во одредени услови. Тој може да и’се случи и на мајка која воопшто не е во некаква стресна ситуација. Причините се разни, но факторите на ризик ја зголемуваат можноста тоа да се случи, а стресот е еден од тие фактори.

Она што загрижува при целиов случај е цинизмот на владата која во повеќе наврати пропагира идеја за забрана на абортусот, под мотото „Избери живот“. Оваа ЕПП-Влада која нè убедува низ своите рекламни спотови дека при абортусот се уништува човечки живот, трубејќи дека се работи за бебе (веќе оформено детенце), наеднаш го менува својот став, но исклучиво за случајот со притвореничката, откривајќи ни ја научната вистина дека во нејзиниот случај се работи „само“ за губиток на фетус! По сè изгледа, единствено трудниците со книшка на ВМРО носат деца (бебиња) во своите утроби, останатите носат мајмунчиња (фетуси)! Како пропратна појава во целата приказна е вклучување на пропагандната машинерија на сите нивои и преку сите медиуми и свои коментатори, сервирајќи ни глупости од типот, дека и на Западот се раѓаат деца на осудениците во затвор, дека несудената мајка намерно забременила во притворот, дури и такви идиотски коментари, кои тврдат дека тоа и’ е божја казна. Богот, најверојатно им е претставен во нивните глави преку „светлиот лик“ на „нашиот“ Шериф! Карактеристично за сите овие коментари е нивната заборавност дека процесот е сè уште во истражна постапка и дека притворените не се затвореници со конечна правосилна пресуда! Воедно, намерно ги мешаат поимите правда и злосторство, воопшто не разликувајќи прекршок, лоповлук, убиство и силеџиство! Не прават воопшто разлика меѓу докажана вина и сомневање за извршен злостор! Забораваат дека во правото, мора да постои градација на тежината на злосторот, бидејќи постои огромна разлика меѓу кривичните дела, меѓу џепарење и вооружен грабеж, меѓу кражба и убиство… Основно во целата приказна е што се работи за Недокажана Вина! Дури и најтешкиот неколкукратен убиец, силувач, педофил, или слично, има право да биде Невин, сè додека не се донесе полноважечка, правосилна пресуда, а тоа значи сè додека не се исцрпат сите можности за негова одбрана! Сè додека не се докаже неговата вина, тој е Невин и покрај извршеното злосторство! Дури и тогаш кога сите аргументи се против обвинетиот, можно е да е целосно невин и вината да е производ на сплет околности, или на нечија зла намера! 

Најголема трагедија е што во целиов случај е извршена повреда на човечките права, измачување на притвореник, без пресуда и судење, со самото продолжување на притворот имајќи в предвид дека властите биле навремено информирани за нејзината бременост! Во случајов, очигледно е дека се работи за намерна злоупотреба на мерката притвор и нејзино продолжување со една единствена цел - освета кон политичкиот противник! 

Според некои медиуми, загрозено е здравјето и на неколкумина други притвореници во случаите „злосторничко здружување“! Зарем навистина некој уште верува во оправданоста на терминот „злосторничко здружување против државата“ под кој се одвиваат неколкуте судски процеси?! На дел од докторите од процесот „Метастаза“, притворот им трае повеќе од 9 месеци! Да не говорам за фактот дека делењето инвалидски пензии „под тезга“ е повеќедецениска појава во нашето општество, кое своите корени ги носи од времето на „социјализмот“! Главниот осомничен доктор е далеку помлад и претпоставувам дека е во позиција да одлучува за нивната распределба не повеќе од годините на владеење на портоколадниот неред, не повеќе од две до три години! Па, како е тогаш возможно да стане лидер на „дружбата против државата“?! Наспроти тоа, во Турција, во процесот против докторот-шејтан, кој е обвинет за пресадување човечки органи на Косово е пуштен да се брани од слобода, по само еден месец притвор. Значи ли тоа дека „заостанатиот“ турски правен систем е многу понапреден од нашиот? Секако! 

Зарем токму Осудата без судење и без пресуда не е карактеристика на едно минато општество? Не е ли тоа најголемиот злостор? Зарем тоа не е етикетирањето и прогласувањето некого за виновен, без докажана вина? Ако е тоа така, тогаш, звучи разочарувачки фактот дека на власт ни се токму оние кои ги уживале сите права во минатото општество, и покрај тоа што испратиле некого без пресуда и докажана вина во казаматите!

Јавно ги повикувам граѓаните, интелектуалците во земјава, властите и нејзините буфони правници, да се спротистават на злоупотреба на мерката притвор кој трае подолго од триесет дена, а сите оние кои се подолго од еден месец во притвор, да бидат пуштени на слобода! Особено, во наведените случаи  на „злосторничко здружени“ и онаму, каде воопшто не е сторено некакво убиство, вооружен грабеж, или сличен тежок злостор!

1 comment:

  1. Портокалово - и се` е можно! Почнаа од кучињата (мачињата) ,па дрвјата, продолжија со „фетусот“ (згора на се` во некои провладини медиуми читам, мајката го правела детето по совет на адвокатот, за да се спаси од притвор - кој цинизам и каква нечовештина), на ред се возрасните единки. Веќе под итна постапка казнет е државјанин на Кралството Белгија затоа што го „опцул“ Прајминистерот. Уште малку очекувам во Бунарџик да изградат конц-логор, за сите што се критички настроени или размислуваат поинаку од портокаловите ретарди.Мислам дека ќе ни вградат чипови, за да ни ги читаат мислите и намерите. А тие лажат ли, лажат...Рапсодија во портокалово! Во изведба на раштимуван оркестар, се надевам за последен пат „у вашем граду“.

    ReplyDelete