Thursday, February 3, 2011

СИРОМАШНИ БОГАТ(АШ)И



Велат, тие се грижеле за сиромашните и за социјалните случаи. Говорат, дека се единствената партија која е за народот, за разлика од „однародените“. Грижата за граѓанинот им била примарна мисија.


Се залагаа за воведување на религијата во училиштата преку вероука (таму нема наука), за да го изграделе, оправеле и поврателе изгубениот морал кај граѓаните. Бомбардираат со рекламни спотови во кои ги величаат своите малоумни идеи! Една од нив, забрана на абортусот, преку одземање на одамна стекнатото право на жената (мајката) да одлучува за своето здравје и за тоа дали ќе раѓа здраво потомство. Сето тоа го правдаат со кобниот негативен процент на наталитетот на нацијата. Одамна имам чувство на гадење од ваквите сеачи на магла, иако небулозите што ни ги сервираат често ги распалуваат чувствата кај полуписменото население! Она што е жално, најголемата трагедија за државата, е што, по ваквите нивни глупости се поведуваат доктори на науки „мислители“, појачувајќи го импулсот на владетелите, убедувајќи нè дека се работи за некаков неверојатен изум, неверојатна новост, протоизмислица на генијалци. Впрочем, ниту „конзервативизмот“, ниту „десницата“, не се никаква новост (ни на овие простори), токму како што тоа не се ниту барањата за забрана на абортусот, ниту вмешувањето на црквата во управувањето со државата.

Веќе подолго време пред нас поставуваат „патриотски“ идеи, од одбивање на преговорите со Грција во врска со надминување на проблемот со името („разумен компромис,кој всушност е разумен компромис“) сè до нивната идеја за многудетно семејство, како единствен репер за проценка на квалитетот на човекот. Се самопрогласија за градители, убедувајќи нè дека руглото што го градат е со неверојатни естетски вредности!

Ајде да бидеме реални! Можно ли е некој, кој се развел од својата сопруга, па се преженил, да пропагира конзервативизам и патријархални вредности?! Може ли тоа истото да го проповеда човек вмешан во скандал со неразумна љубовница? Може ли да го поврзете тоа со моралот? Може ли за верата во Бога, да ни говорат луѓе вмешани во криминал, љубовни афери, луѓе со вонбрачни деца? Луѓе на кои, поред религијата и господ, хотелиерството и продажбата на алкохол им стануваат главно занимање и преокупација?! Велат, веронауката била неопходна за да се создаде етички оформена личност. Па во што е тогаш проблемот со овие сподоби? Дали се верници, или единственото нешто во кое веруваат е моќта на парите?! Може ли ваквите хотелиери во мантии да го шират господовиот збор и да проповедаат чесност и вера? Кои се нивните морални вредности и критериуми? Може ли, оној, кој стекнал четири станови за една година министерување, да говори за морал и да проповеда чесност?

Се обидуваат да нè убедат дека мултиплицирањето студенти и претворањето на селата во универзитетски студентски центри ќе допринело за „описменувањето на нацијата“, за подобар квалитет во наставата, правдајќи го тоа со зголемена конкуренција! Можно ли е сите да бидеме научници? Можно ли е сите жители во државава да бидаат високообразовани? Не е ли ова многу блиску до псеудосоцијалистичката утопистичка идеја за сеопшта човечка идентичност и за потполна еднаквост, отколку до некаква идеја на граѓанска десница?! Можно ли е сите да бидеме исти? Замислете два милиони луѓе кои исто размислуваат, исто работат, создаваат исти творби! Каква досадна и морбидна идеја! Какво мртвило! Носат закон за високото образование во кој, зад идејата за подобар квалитет на високото образование, се кријат личните амбиции за освојување на Универзитетот „(Св.) Кирил и Методиј“! Како инаку да се разберат законот и идејата за сеопшто описменување на нацијата, кога ја иницираат токму тие, кои дозволија, на два пати, цели генерации основци и средношколци да останат без учебници во текот на цела учебна година!? Истите, кои издадоа учебници, преполни со незнаење, превземено од mk.wikipedia.org од кои ќе затупават цели генерации, изучувајќи ги вредностите на безвредните!

Се обидуваат да ни наметнат забрана на абортусот, правдајќи го тоа со својот конзервативизам и со идејата дека тој е главниот причинител за негативниот прираст на населението! Воедно, под мотото патриотизам нудат поволности за мајките кои ќе родат повеќе од две деца!? Можно ли е сите да создаваме многудетно семејство! Дали секоја жена може, или мора, да раѓа повеќе деца за да не стане помалку вредна за околината? Дали секој абортус е штетен за здравјето на жената? Очигледно, се работи за полуписмени пропагатори кои како папагали повторуваат нечии екстерни идеи и кои воопшто не знаат дека тој може и да спаси нечиј живот!

Најголемата заблуда која ја шират овие умислени големини е нивната борба за сиромашните, за социјалните случаи! Од една страна, се работи за луѓе кои безсрамно си делат себеси плати од неколку работни места и позиции во форуми и одбори! Тоа го правдаат со своите натчовечки способности (*само тие можат да им пркосат на законите на природата и да бидат во исто време на неколку места!). Но истите тие, откриваат криминал кај оние кои примале социјална помош, а работеле некоја друга работа, па како последица на нивното „нелегално богатење“ им ја укинуваат истата! Износот на оваа помош не е поголем од 3.000 денари! Дали со неа може да опстане просечно четиричлено семејство? Можете ли да замислите со истите пари да опстанете цел месец, да ги платите сметките за струја, вода, телефон...? Да, не е спорно и тоа дека многу често доаѓа до злоупотреба, па социјалната помош ја примаат луѓето кои во своите палати имаат џакузи бањи и плазма телевизори, но најчесто и не можат да ја добијат оние на кои им е најнеопходна! Тоа е веќе проблем на корумпираноста на државниот апарат! Воедно, истиве, ги укинуваат сините здравствени картони за невработените кои поседуваат стан! Внимавајте, не за оние кои поседуваат станови и куќи, туку оние кои поседуваат стан, куќа, па дури и возило, без разлика колку се стари (најчесто оставени од родителите) и не земајќи го во обзир фактот дека повеќето живеат во нив, а не - од нив!

И тука, доаѓаме до наредната заблуда, а тоа е нивното оправдување дека законот за легализација на дивоградбите е наменет за лицата кои биле сиромаси, па немале пари да ги платат државните давачки потребни за легална изградба на објектите кои надалеку ги надминуваат критериумите за појмот „градба изградена од сиромашни сопственици“! Верувајте ми, реткост е некој ваков објект наликува на колипче, или на некој плитар! Објективната слика на состојбите го говори сосема спротивното! Се работи за личности кои најчесто ги изградиле своите градби во туѓи имоти, или на местата каде никој нормален, и барем ронка чесен граѓанин, не би се досетил никогаш да ги изгради! Често, се работи и за дивоизградени викендици во кои наминуваат еднаш до два пати во годината!

Секако, факт е дека најголемите сиромаси во државава се всушност „нашите“ владетели! Зарем тоа не е жално!? Иако енормно богати, нивниот имот, не го поседуваат тие, туку нивните деца, мајки и татковци, бабите... Вешта манипулација со перфорираните закони на оваа земја! Нивната сиромаштија е најчесто изразена преку нивниот беден дух! Е, тука не помага никакво материјално богатство! Никакви пари и никаков имот не можат да ги затворат провалиите што ги поседуваат со своето незнаење и со отсуството на општата, па дури и на основната култура!

No comments:

Post a Comment