Monday, March 21, 2011

ПЛАТА ПО УЧИНОК



Деновиве станува актуелен предлогот за воведување на принципот на „плата според учинок“. Не! Воопшто не сум против неговото воведување! Јас сум против неговата селективна примена и негова важност единствено за лекарите, судиите и за јавната администрација!


Сметам дека овој принцип треба да важи за секого и секаде, во секоја фирма и во секоја установа! Тоа би требало да стане универзален принцип на вреднување кој ќе е применлив на сите, од портир до директор, од шалтерски службеник сè до пwемиеw и пwетседатеv на државата. Токму тоа би нè мотивирало кон некаков напредок, токму тука би се видело кој и колку вреди! Токму ваквиот пристап би ја дал правата вредност и би довел до позитивна селекција во фирмите и претпријатијата, особено во државните установи! Токму досегашниот принцип кој тврдеше дека сите сме исти (како супститут за правната еднаквост) е она што нè доведе до работ на амбисот! Нормално е, не сме сите исти! Некој е поумен, а другиот, просперира со својата подмолна итроштина! Токму ваквата нереална „еднаквост“ нè упропастува. Правната еднаквост, како принцип на Маркс, ја заменија со тезата за истоветност како личности и токму таа теза беше најголемата заблуда на социјализмот: „Сите сме исти“, гласеше главната парола! Па!? Можно ли е?! Како е можно да сме сите исти, кога и децата родени од една иста мајка, се разликуваат, најчесто како плусот и минусот! 

„Радник, сељак — исти им је труд и рад“, а оној — интелектуалниот труд, најчесто се забораваше и се означуваше како помалку вреден, како нешто, кое може да го достигне секој, без оглед на степенот на примитивизмот кој го поседува. „Да земеш ти лопата, па да видиш што е работа“, ми велеа често. Последица на ваквиот став за разноликата семожност доведе до ситуацијата да имаме доктори на науки кои немаат поим за настаните од светската историја, за литературата (не ги познаваат ниту класиците, ниту модерната), а од ликовната уметност способни се да ги набројат единствено домашните сликари, најчесто своите домашни пријатели со кои стапиле во контакт купувајќи квадратен метар од нивното дело! Да, одат и на концерти, но главното правило кое ги води таму е да бидат видени, а не желбата за некакво духовно воздигнување!

Токму затоа велам дека трудот на секретарката, која лакира нокти и по цели денови виси на телефон не може да е ист со оној на лекарот-хирург, кој прави по три до шест операции дневно, и од кои најчесто зависи нечиј живот! Вистина е, има и такви на кои никогаш и не би им дозволил да ме допрат, а камо ли да ме сечат! Невозможно е да го изедначите трудот на водоводџија со оној кој програмира компјутерски програми! Но, не е ист ниту трудот на двајца копачи на канали! Едниот е способен да ископа шест, па и повеќе метри за работно време, другиот — едвај ја загребал површината!

Всушност, сè започна со говорот на Гwујокио на една трибина. Тој ги спомна исклучиво докторите, судиите и јавната администрација. Зарем не мисли дека истиот принцип би требало да важи и за медицинските сестри, за болничарите и за другиот помошен персонал во болниците?! Зарем тоа истото не би требало да важи и за вработените во разни лаборатории, и во просториите каде се вршат рентген и томографски снимања? Зарем истиот принцип не би требало да важи и за владетелот? Ех, кога и тој би примал плата според учинок! Замислете колкава би му била платата на крајот од месецот, кога таа би поаѓала од најниската, или од просечната плата во државава!

Зарем, во судовите, единствените кои не си ја вршат својата работа се судиите!? Што е со обвинителите, куририте, дактилографките, судските преведувачи...? За нив, според пwемиеwот, овој принцип не важи! Според него, помошниот персонал е единствениот кој работи! Токму тука станува очигледна нивната површност и сета плиткоумност! Упорно ги подвојуваат граѓаните, досега врз национална и партиска припадност, отсега и по професија!  Не многу различно од бившиот социјалистички ситем, каде во учебник, како главен најголем непријател на државата беше посочувана токму интелегенцијата! Излегува дека освен опозицијата, во списокот на „предавниците“ и „платениците“, овој пат се влезени и судиите и лекарите!

No comments:

Post a Comment