Monday, June 20, 2011

СКАЗНА ЗА МАЛИОТ КАЛИФ СО ГОЛЕМИ КОМПЛЕКСИ




Сега ми е веќе појасна приказната за комплексите на едно детенце со „многу мачен“живот.

Сказната, започнува вака…

Си било еднаш едно детенце, чија мајка купила стан во близина на седиштето на една партија во близина на населбата Недојдија. Може слободно да ја наречеме и Пустелија, само, ако сакате да ја здогледате. Бидејќи се наоѓала во Калифатот на Земјата на чудата, таа со својата скромна плата и „тешка и мно0огу наапорна работа“ (а работела кутрата 24/7) успеала да си купи уште 5-6 станови, уште само неколку куќички и неки мали фирмички (во странство), кои и’ ги поклонил самиот Господ, но тој и’ посочил дека таа мора и натаму да живее скромно со своето мало синче.
Заради непосредната близина на седиштето во која се наоѓала и чоколадната куќа со мармеладни прозорчиња, опремена за Ивица, а била преполна и со Марица, секој ден, додека растел, гледал низ прозорецот воодушевувајќи му се на сјајниот бел коњ кој го носел великиот калиф во седиштето на својата партија. Гледајќи го, неговата желба почнала неумитно да расте и да се зголемува како квасец, прераснувајќи во патолошка зависност од погледите низ прозорецот. Веднаш штом ќе го чуел топотот на коњот, погледнувал низ прозорецот, испуштал едно тешко „Ех!“ и веднаш потоа, уште во мугрите, заминувал пеш кон својата градинка на улицата „Весели Цветови“б.б. ширејќи си ги рацете при одењето и замислувајќи си дека под нив носи лубеници и дека јава на бронзен и стопати посјаен и поубав коњ, наместо оној белиот на Калифот. Седејќи до доцните утрински часови, приморан да работи 25 часа во осумдневната работна недела (толку траела, само во овој Калифат), држејќи ја цврсто лопатата која веќе му беше пуштила крвави пликови, почнувал да си замислува колку би било добро, еден ден и тој да стане калиф, наместо калифот.

Се мислел како да го реши проблемот и иако веќе одамна бил и калиф, наместо калифот, желбата да порасне никако не престанувала. Најпосле, како самиот Бог да му дошепнал, се сетил! Бидејќи народот живеел тешко и со претходниот калиф, а со овој новокомпонираниот уште потешко и веќе бил на одумирање, решил на народот веднаш да му изгради споменици, за да го излечи од неговата беда (или барем да му се најдат додека умира)! „Ќе станам уште поголем, ако им изградам сјајни згради“, сонил еден ден и веднаш го започнал проектот за зголемување.

Еден ден, гледајќи повторно низ оној ист замаглен прозорец, во моментот додека минувал стариот калиф кој му се причинил уште поголем и со посјаен бел коњ под него, собрал храброст и му довикнал: „Еееејјјј… Гледај!!! Мојот коњ е пооо0голееммм!!! Ене, го таму…“! Гласот полека започнал да му се губи, сфаќајќи дека повторно стои сам со мама, зад истиот затворен и маглив прозорец!

Има една библиска парабола која започнува вака: „кога слепецот води слепци...“...

*на барање на Луда Мара со особено задоволство прифатив да ја објавам нејзината сказна за малиот калиф кој засекогаш ќе си остане мал, објавена во дневниот весник „Дневник“!

No comments:

Post a Comment