Wednesday, January 25, 2012

ЗА ТАЈНИОТ ЧОВЕК И ЗА ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ



Како и во реалниот живот, така и на Фејсбук — едни ви се пријатели, а некои се таму само за да проверат кои сте, што сте и до каде сте, иако слабо, или никогаш не комуницираат со вас. Тука се, само за да ѕирнат што сте ручале, што сте имале за доручек, дали сте воделе љубов со жена ви, или можеби повеќе преферирате да ја возбудувате швалерката… Кога ви е најтешко ретко ќе ве сослушаат и тешко дека некогаш воопшто ќе ви помогнат, но, кога треба да ја отворат устата за вас, тогаш се први. Секогаш се подобро упатени за вашиот живот дури и од вас самите! Ги знаат и најситните подробности од вашиот живот, па дури и оние за кои никогаш и воопшто не сте ни сонувале.

Познато е, и воопшто не е тајна дека често пишувам коментари на он-лајн страниците од нашиве весници, неретко и во саботното издание на „Нова Македонија“. Така и започна да функционира овој профил. Вообичаено ги коментирам текстовите на неколку автори, па така и оние на авторот кој е умислен уметник што постојано настапува како независен апологет на власта. Некои луѓе се со вродена наследена омраза од родителите. Не го разбирам таквиот наследен, „генетски“ предодреден, комплекс-порив што некои родители им го всадуваат на своите деца. Затоа што неговите родители (баби, тетки, дедовци…) им раскажувале приказни за угнетениот прадедо, или некој си друг, често ним дури и потполно непознат човек, или нечиј туѓ дедо, за притисокот што е вршен врз тие луѓе во одреден период од страна на некоја тогашна држава и општество кое постоело пред половина, цел, или повеќе векови, па дури и повеќе милениуми пред тие да го видат првото сонце, им всадуваат на своите деца исцелителна омраза кон многумина кои живеат денес. Принципот е едноставен — доволно е некој да каже дека е припадник на друга, поинаква политичка опција, народност, или вера. Доволно е малку поинаку да размислува од вообичаеното популарно клише за денешните состојби. Често, самите раскажувачи воопшто не живееле во тој период, но опстојува генерација преполнета со омраза која често повикува на одмазда, протерување, како државата да е нивна приватна сопственост, и насилство кон оној поинаквиот! Најчесто дури и без да ги проверат фактите, мразат само затоа што тогаш, некогаш, во одреден далечен и одамна изминат временски период, некој го малтретирал неговиот предок, или некој друг, сосема незнаен. 

Ете, вели „уметникот“ во својот текст, неговите пријатели на Фејсбук му посочиле еден отворен профил од негов „обожавател“, со многу малку пријатели кој се дрзнал да ги коментира неговите колумни. Цел трилер! Овој специфичен глупо-интелигентен профил со „кодирано име“ и магарешки лик се обидел тенденциозно да му го испреврти ставот од колумната, да налепи инсинуации и сосема да ја испреврти суштината на кажаното. Суратот тврдел дека колумнистот бил лажен верник кој ги мразел Ромите, и, цела среќа било што ваквиот таен агент (на уште потајната група) имал малку пријатели, инаку можел да предизвика негов јавен линч!? За малку, па и атентат да му поодготви! Сето ова било пишувано во стилот на тајните служби и со намера да ја испреврти суштината на неговиот исказ. Ете ме мене, посочен како пример за извитоперување на вистината. Сега станав дури и Џејмс Бонд! Ма, уште полошо, станав уште еден од оние кодоши кои ги испраќале луѓето на Голи Оток! Во оваа Чудо-од-земја, водачи и соработници на тајните служби се бираат единствено од редот на опозицијата, дури и по толку години владеење на „најдемократската“ власт на светот, дури и после толку промени на кадарот, излегува дека соработниците на опозицијата непречено си делуваат и демнат нови Голооточани за екскурзија!

Па, ете, и овој пат мојот коментар „Нова Македонија“ повторно не го објави, како и на многумина други кои коментирале дента. Затоа, нека ми прости авторот што повторно „го мразам“ и што повторно мора да го објавам мојот необјавен коментар и да му ги „изрекламирам“ неговите писанија. Еве го и мојот саботен коментар: 

 „Не ме чуди што некои „силни верници“ и „конзервативци“ можат да збудалат на празникот кој порачува мир, блаженство и дарежливост, па дури и да им писнат на коледарите и да посакаат да ги удрат и по другиот образ затоа што им го нарушиле мирот во раните утрински часови (или затоа што биле Роми)!“ — можеби се работи за овој коментар?! Авторот на тој коментар често коментира во „Нова Македонија“, но и во други весници, а неговите коментари се јавни и си ги објавува најчесто на својот профил, без оглед дали некој администратор ги објавил, или не! Има мала, виртуелна, но претежно добро одбрана група пријатели! Има и такви, кои се дружат со него, таму, од чиста љубопитност, или за да го проверат, но сите ги почитува подеднакво! Зарем не е така и во реалниот овоземен живот?! Тој воопшто и не те мрази! Верувај ми невозможно е да мразиш некого што не го познаваш освен, ако не си болен во умот! Едноставно, нема друга работа (тоа му е болеста), па обожува да коментира туѓи размисли и да „исправа криви Дрини“! Коментираше тој и за моногамноста… наспроти полиандријата и за „традицијата“ на „македонските“ кралеви, особено за онаа на кралиците! :0)) А, еве и што напиша авторот, откако претходно ќе наведе дека во коледарското утро му доаѓале банди рекетари да го вадат од памет и кои посакувал да ги исплеска: „-Господине, вие не сте Ром, вие сте вол! И децата ми е тешко да ги сварам во шест и петнаесет наутро, ама возрасни, ич.“! Навистина многу невино и безопасно! Колку ми е познато - системот на тајните служби е проверка на профилите, проверката на патриотската подобност на личностите, на тоа кој што (и за кого) пишал, или кажал. Ова, сигурно не е реченица извадена од контекст, туку јасно искажан став во коледарското утро! 

Се надевам дека повторно ќе биде одлично информиран од неговите верни пријатели („непријатели на тајните служби“) како уште еднаш, некој тип со кодирано име и со чуден магарешки опаш, се осмелил да противречи на неговите премудри колумни!

Еве го мојот коментар во целост: 
Не ме чуди што некои „силни верници“и „конзервативци“можат да збудалат на празникот кој порачува мир,блаженство и дарежливост,па дури и да им писнат на коледарите и да посакаат да ги удрат и по другиот образ затоа што им го нарушиле мирот во раните утрински часови (или затоа што биле Роми)!Нешто е наопаку,но таква ни е државава,па воопшто не ме чуди испадот!Толку ли се силни во своето вјерују,што почнаа луѓето да ги делат на Роми и волови?!Кога сме кај „кралската“традиција на Античките Македонци,еден исто-така-антички историчар запишал сторија во која раскажува дека Епирската принцеза Олимпија (мајката на славниот Александрос Мегас)зачнала на Баханалиите што се приредувале на островот Самотраки во чест на Дионисос,богот на плодноста,животот,вегетацијата,виното и уживањето!За баханалиите си се изборила самата,а присуството на нејзиниот маж (Филипос II),таму,на Самотраки,било строго забрането!Прославата траела неколку денови,но единствените мажи таму биле робовите…при што историчарот запишал: „кој знае дали е син на боговите,многу посигурно е дека е син на робовите“!Колку што бадниковите огнови не гореле во мочуриштата зад Карпатите,уште помалку гореле во храмовите на грчките божества во кои се молеле „твоите“кралеви „славејќи го Божиќ“!Самите обреди за овие верски празници се исклучиво „пагански“и потекнуваат од многубожната традиција на (тебе-за-жал) Словените!Зошто,кога веќе повикуваш на полигамно уживање како „кралска“традиција,не повикаш на полиандриско уживање за жените,бидејќи тие одамна си ги стекнале своите права кои им следуваат на исто ниво како и на мажите?Зарем тие не смеат да уживаат во сексот и во љубовта на ист начин како и мажот?!Или можеби,ваквата определба на авторот укажува на затворената конзервативна свест (сладострастие на десниот) по принципот „мажот и никој друг“?Уф,какво мажиште!

No comments:

Post a Comment