Friday, January 13, 2012

„ГРАЃАНСКА“ ЕСТЕТИКА




Утро е! Петок 13-ти. Едвај чекам да видам каква нова глупост ни смислил владетелот. Како тргнало, почна да ми станува страв и да се разбудам. Покрај сите глупости што ги прави оваа власт во обид да му се допадне на народот, еве ја и најновата: „Изберете го новиот лик на зградата на Илинденска б.б.“, велат. Владата и граѓаните ќе ја бираат новата фасада. Поставија и анкета на сајтот на владата: „Од причини што се работи за проект и решенија кои беа надвор од Програмата за работа на Владата“, усвоена во Собранието, бараат финална оценка и потврда од страна на граѓаните за своето лудило. Оценката ќе била од значајна корист за стручната комисија при натамошните постапки, велат.


Што се обидуваат да направат? Покрај тоа што јасно и отворено ја доведуваат во прашање стручноста и компетентноста на комисијата што самите ја оформиле, бараат и оправдување, покритие за беззаконското насилие што го вршат. „Волјата на народот“ треба да им послужи како алиби за бруталниот чин.

Што всушност ни се случува? Владата, која на големи ѕвона трубеше дека се бори за почитување на авторските права, еклатантно ги крши и ги нарушува истите. Изгледа, под авторски права (и единствените права) кои ги почитуваат се само оние на новокомпонираната и забавната музика. Владата која се фали дека се утепала од „градење“ до сега самоволно нагрди неколку објекти во градот. Започна со идејата за додавање куполи на републичкото Собрание. Нагрдени се мостовите „Гоце Делчев“ „Мостот на револуцијата“ и оној кај Холидеј ин („Гранд“ хотел). Со грдата квазибарокна ограда, наликуваат на мостови вон своето време. Како што не наликува на некој стар мост да му додадете нова модерна ограда, уште помалку му наликува на мостот „Гоце Делчев“ (или било кој од останатите нагрдени два моста) да има „барокна“ ограда со „барокни“ канделабри. Добивме стари мостови во модерно време. Замислете кога во Санкт Петербург, градот со 342 мостови, на неговиот Ермитаж Мост (1720), Банкарски мост (1826), на Лавовскиот (1826), или на оној што го носи името Ломоносов (1785), би се нашла будала која би им закачила ограда од армиран бетон, плексиглас, или некој друг современ материјал. Или, на оној нов Големиот Обуховски Мост, да му сместат новокомпонирана ограда по вкус на нашиот владетел! Замислете на Лувр да му стават модернистичка фасада, а на Бобур центарот да му сместат македонски „барок“! Овие наши „естети“ би му сместиле „барок“ дури и на Гугенхајм Музејот во Билбао!

Ете,морам да ја признаам својата грешка! Во еден мој коментар реков дека немало длабок релјеф на грдотијата посветена на нашата глупост. Цело време бил сокриен зад металната заштитна ограда и тој постои во комична верзија во долниот дел од „портата“. Не ми е јасна мешавината ― долу алторелјеф, горе ― барелјеф, на предната фасада, псеудостолбови накитени со лита копија на коринтски капители, имитација на старословенски слова и бронзени кичфигурини на врвот, од страните - еребица и пеперутка, најверојатно како симболи на македонштината. Каква каша! Авторката се обидувала безуспешно да ни ја опише салатата „Македонија“, но со додатоци и зачини кои воопшто не и припаѓаат. Да,можеби и може да говориме за некаква „туристичка атракција“, иако капијата е нешто што може да го видите насекаде во Европа веќе најмалку два века, во Рим, Париз, Берлин, Барселона… и на многу други места насекаде низ светов и тоа во верзии кои се со далеку поголема уметничка вредност од оваа циркузантскава! Едно е сигурно, оваа смешка никако не може да потпадне под поимот уметност!

Очигледно сме сведоци на раѓањето на една нова наци-социјалистичка строго контролирана псевдоуметност, или уметност чија вредност е одредена со политички проглас на неукиот пастир. „Еве, ви подарувам уметност!“, вели тој, одредувајќи ги параметрите на самиот поим ― „Уметност е она што јас ќе ви го посочам како такво“! Предност имаат соцреалистички кичфигурини! Нешто, што можат лесно да го разберат! Нема потреба од конкурси и од стручни комисии. Дури и, ако се состави вакво тело, партиската припадност е примарен еквавилент на компетентноста на членовите. Целиот (не)вкус можете да го забележите крај фонтаната! Соцреалистички мегаломански „коњ-на-поило-со-воин“, блештат разнобојни светла, водата имитира некаков такт, во позадината звучници-тенеке налик на оние од минатото кои служеле за проглас и пропаганда! Од нив, ечат Моцарт, Шопен, Мусоргски и Вагнер… Музејот на фашизмот, со разнобојна купола која на моменти ги добива атрибутите на македонско знаме, за да го дооформи чувството на накинѓурен циркус кој претставува единствено мерило за уметничката вредност на нештата кај широките народни маси! Што пошарено, тоа поубаво ― единствена мерна единица за народната „естетика“! Ми се свиѓа и точка! За вкусовите не се разговара вели римската поговорка за која се фаќаат, но проблемот на оваа поговорка е што таа важи само за областите каде вкусот е веќе одамна изграден, преку образовниот систем и вековната естетска надградба! Таму, параметрите се одамна изградени, воспоставени и добро познати!

Можеби ќе помислите, па ете, владетелот сигурно има изградено вкус. Та, тој е владетел, близок до бога, а еве и самиот кажува дека сè што ни изградил е убава уметност и вреди за секое евро што е вложено во проектот на возобновување на националната гордост. Каде ли го изгради естетскиот критериум? Во рингот?! На улица, додека „му ја нанесувале неправдата на дете со разведени родители“? Кога посетил некој музеј? Да, беше на отворањето на изложбата од Салвадор Дали, но тоа беше минимален дел од творештво на овој легендарен сликар, ронки, претежно илустрации и минорни дела. Дури и да посетил некој значаен музеј, за да ја разбере уметноста мора да има одредени предзнаења кои нашиот образовен систем не ги обезбедува! Мислите дека тукутака може да ужива во делата кои не ги разбира? Лесно е додека гледа во Рафаело, Микеланѓело, Личеновски, Мартиноски, Шишкин, Рјепин, Шевченко… Што ли ќе разбере од „шкртаниците“на Марк Шагал, Пол Кле, на Кандински, или Маљевич? Што ли ќе разбере тој од делата на Чемерски, Шемов, Гуте Аврамовски? Во земја каде луѓето кои читаат книга се предмет на исмејување, малку е веројатно дека владетелот ваков каков е, има барем основни сознанија за уметноста!

Како и со сите проекти, повторно се обидуваат да создадат нов објект од веќе одамна изграденото, менувајќи ја неговата фасада, за да можат повторно, како со одамна изградениот Градски стадион, да ни се пофалат дека „изградиле“. Дрско и безобразно! Игнорирајќи го авторот, безобзирно го претвораат неговото дело во лего-коцки, некакви кутии од кибритчиња, имитација на барок и неокласицизам, или нешто „комплитли дифрент“ и за тоа бараат покритие во неоформениот „вкус“на народот. А, народецов, си го закопал прстот во ноздрите и копа ли, копа.

No comments:

Post a Comment