Wednesday, August 8, 2012

ПРЕД СРАМОТ НА „ЅИДОТ НА СРАМОТ“



Крајно бесмислени се „ѕидот на срамот“ (јавното интернет објавување на наводни кодоши), како и лустрацијата која се врши по цели 20 години од падот на „комунизмот“. Меѓу „жртви на кодошењето“ можно е да се најдат и луѓе кои се судени за криминал и силување, токму како и на онаа листа на „репресирани патриоти“. 
Симптоматично во целата оваа „лустраторска“ ујдурма е тоа што „комунизмот“ се распадна со уривањето на СФРЈ (во Македонија крајот на социјализмот е прогласен во 1992), а кодошлакот траел ли, траел. Жално е што објавените документи јасно укажуваат на тоа дека кодошењето трае и натаму, континуирано и без прекин, и денес, но овој пат организирано од друга, наводно демократска власт. 



Зошто тогаш вршиме лустрација?! За да глумиме ли демократија? Зошто, ако не ― заради чиста освета кон неистомислениците и противници на пронацистичкиот режим! Кого го лустрираме? Кого ќе рехабилитираме? Жртви на „социјализмот“?! Секако, таа е добра можност да етикетирате некого како „непријател на народот“, а очигледна мета се оние кои не се со власта. Та, нели така беше само во „црниот систем“?

Еден од документите укажува на бришење од регистерот соработници со датум 2006, друг 1996, трет 1994, што само по себе говори дека кодошлакот се одвивал во „капиталистички“и „демократски“систем, а не во социјализмот. Најужаснувачки од сè е фактот што линковите на сајтот од „Комисијата за верификација на факти“ водат до Управата за безбедност и контраразузнавање (еден и директно до проблематичната биографија на нејзиниот директор, братучед на пwемиеwот), до Дирекцијата за безбедност и до Агенцијата за разузнавање (http://www.kvf.org.mk/mk/linkovi.html). Ех, толку многу служби за чување на државата, а таа се распаѓа по шевовите! Лудилото го докажува и фактот дека во оваа земја, според некои анализи објавени во весниците, најпосетуваниот сајт е токму оној на МВР! Каква прекрасна демократија! Колку да ја увидите разликата, во светот тоа се сајтовите на Гугл, Јаху, Фејсбук и слични.

No comments:

Post a Comment