Friday, July 5, 2013

КОМУЊАРА



Според вМОРОНИВЕ секој оној кој не мисли со шупливата глава на владетелот, по правило е комунист. Да, ете, признавам, за разлика од нив кои се тешки комуњари јас сум очигледно тежок комунист! Иако никогаш не бев член на таа партија, а не бев лумпенпролетер, не сум по потекло „од сиромашно земјоделско работничко семејство“ и не гледам иднина (ниту убавина) во прескап безвреден псеудобарок и во позлатени рамки додека болните умираат заради недостаток на лекарства и болнички апарати!
Не гледам таму убавина, додека училишта и болници се распаѓаат, а крововите им прокиснуваат! Не, додека се гради спортска сала крај веќе постоечка сала која требало само да се реновира, или додека имаме учебници преполни со глупости наместо со знаење! Дури и тогаш кога ќе се исполнат параметрите за подобрување на животот, грдиот барок е невозможно да се разубави!

Искрено, јас немам ништо против, ниту против градењето, ниту против реформи во здравството и школството! Против сум кога се градат будалаштини само за да се каже дека некој нешто изградил! Против сум да се плаќаат безвредни споменици со пари од граѓаните, а тоа да се прикажува како одвојување за уметност и култура! Имам против, тогаш кога, наместо подобрување, ваквите реформи водат кон полоша состојба во овие области од онаа што била претходно! Факт е дека состојбите во здравството и во образованието секојдневно стануваат сè полоши со тенденција и натаму да се продлабочуваат! Исто е и со судството. Шарлатанството и аљкавоста се навлезени во сите пори на општеството, во секој дел на нашето битисување. Не ни функционира државата, не се почитуваат законите, ниту основните права на индивидуите. Последиците од ваквиот хаос ќе ги почуствуваме многу подоцна, за деценија-две. Македонија, наместо да се извлече од бедата во која се наоѓа сè повеќе ќе заглавува во неа, а ако немаме луѓе со знаење, кои се единствените што имаат капацитет и способност да ја извлечат земјата и да ги подобрат состојбите, ако немаме добра грижа за болните и ако нивниот број расте, ако не ни функционира ниту една сфера во државата, тогаш нема на што да се надеваме.

Немам против ниту за екстерното оценување. Моите деца си го покажаа знаењето. Дури и да беа со послаби оценки при ваквата државна проценка, јас знам дека тие знаат многу повеќе од многумина (не само) во нивната генерација и дека се научени да размислуваат со својот ум, континуирано надоградувајќи си го своето знаење со нови сознанија. Но, можно ли е да се фалиме со екстерното оценување, онаму каде неколку пати паднал компјутерскиот систем, или онаму каде најчесто набљудувачите, поставени од надлежното министерство, им ги кажувале прашањата на учениците? Можно ли е воопшто да утврдуваме знаење со екстерно оценување во случај кога учебниците на децава се преполни со глупости и неточни информации, а самиот министер посочи дека истите „не треба да ги сфаќаме сериозно“?

Можно ли е да се фалиме со електронски дневник, со електронски рецепти и е-закажувања кај доктор, а системот постојано да паѓа и оние кои треба да ги внесат податоците да се оневозможени да го сторат тоа во поголемиот дел од годината? Можно ли е да се фалиме со биометриски документи кои треба да ги чекаме со месеци додека ги добиеме? Па, за готова и веќе кој знае колку време целосно изработена електронска здравствена книшка, за која луѓето поднеле барање пред повеќе од половина година, некаде чекаат цел месец! Не помалку ќе чекате за лична карта и за пасош. Што ли е проблемот?! Толку ли е тешко да се пронајде парче пластика? Не дај боже потоа истото парче пластика да го изгубите, или некој да ви го ограби новчаникот! Ќе треба целиот процес да го минете одново и повторно да чекате за фотографирање, дури и ако од издавањето на документот поминале само неколку дена. Нормално, одново ќе треба да чекате на фотографија за секој биометриски документ посебно! Не е ли поентата на „компјутеризацијата“ во тоа да ја забрза работата? Не е ли поентата на ваквите документи во тоа да може државниот службеник да ја извади фотографијата од една база на податоци, од една единствена компјутерска папка за да го забрза и олесни процесот на изработка? Можеби поентата на тоа да купите компјутер со високи перформанси дома е да се пофалите дека сте одиграле некоја најнова игра, или сте се појавиле на Фејсбук, а не во тоа дека тој ви помага во работата и дека сте научиле да работите во неколку негови програми!? Можеби тоа беше и целта на носењето интернет во села со калливи улици во кои нема ниту основни услови за опстанок на жителите!?

Има ли нешто покомуњарско од тоа да градиш фасади и потемкинови села и да тврдиш дека напредуваш? Има ли покомуњарско од тоа да поставиш стотици безвредни и грди кич споменици во соцреалистички манир и тоа да го прогласиш за разубавување на околината? Има ли покомуњарско нешто од тоа да преправаш, спалуваш и уништуваш уметнички ремекдела и притоа да тврдиш дека создаваш, градиш? Што е покомуњарско од тоа да тврдиш дека си изградил нова зграда со тоа што си и ја сменил фасадата, или си доградил некој нејзин дел, а таа постои таму со децении? Има ли пожално од тоа да обновиш стар театар (за да го вратиш времето назад, или за да се покондуриш и станеш граѓанин) да фрлиш огромни средства за него ― и при тоа да го поставиш наопаку? Та, она ли е барок?! Оние мостови и огради!? Онаа Архива-Музеј-Суд-што ли грдосија?! Министерство за надворешни работи?! Оние ли канделабрине преку Камени Мост и фонтанине што светат во мноштво бои само за да биде што пошарено?

Има ли поголемо предавство од тоа со своето делување да ја носиш државата кон пропаста, да ги подриваш нејзините темели, да ја крадеш и поткраднуваш, континуирано да го упропастуваш нејзиното стопанство и да градиш во неа непотребни глупости, наместо она што е суштинско за опстанокот на граѓаните! Од зборување и критики не пропаднала ниту една држава! Тие пропаѓаат заради делувањето на поединци кои одлучуваат за состојбите во неа!

Ми посочи еден „загрижен граѓанин“ деновиве дека погледот откај центарот на плоштадот кон Градскиот трговски центар му бил празен!„Ене, онде има дупка“, рече тој! Очигледно дупките и празнините се наоѓаат на некое друго место (во нивните глави), а не во празниот простор на плоштадот!

No comments:

Post a Comment