Бројни се апологетите на парафронетичната владетелска креатура „Скопје 2014“. Постојано се обидуваат да го оправдаат ваквиот потег, трошењето енормни средства од државната каса, со некакво „воздигање на нацијата“, со навраќање во некаква фаза која наводно сме ја пропуштиле и прескокнале низ историјата. Затоа, велат, ни го пласираат квазибарокниов кичерај, затоа ни бил извитоперениов наци-соцреализам – за да го врателе сјајот на нацијата изгубен низ вековите покорност, кој особено залутал во периодот „под србокомунистичкото ропство“, во периодот кога според нив се случило „најголемото однародување“ осмислено како „затупување на нацијата“ со цел „заборавање на неговите антички корени“.
Одат дотаму со воспевањето и конструкцијата на измислените висови што нè прогласија дури и за протонарод, еден вид „амеба“ од која потекнува целото човештво. Ние сме, велат, некакваси протоклетка, искра од која води потекло генезата на светската култура.
Велат, „националната држава“ се обидувала да се произнесе креативно кон сопствената историја. Замислете каква креативност! Ова да ни било пазар на уметничката („пред сè, академската“) сцена „по толку години пустош“. Според овие владетелски гласноговорници кои никогаш и не ја разбрале уметноста, безвредна е целата модерна и постмодерната. За нив се безначајни делата на Пикасо, минорни се Маљевич и Кандински, никаков е Кле. За нив пустош е постоењето дела од Кондовски, Петар Мазев, Гуте Аврамовски, Симон Шемов, Димче Николов, Динка Танчев, Малиданов, Трајче Јанчевски Харипил... За нив се нула Жорж Брак, Дали, де Кирико. За нив се ништо импресионизмот, кубизмот... Апстрактната уметност за нив е едно големо срање „во пропагандна служба на глобализацијата“. За нив постои само слаткиот барок – „врв на уметничкото изразување“!
Тврдат, дури сега ја воздигнале нацијата, ја кренале нејзината гордост. Масовната и френетична хиперпродукција на кичот за огромни средства било далеку подобро од „пасивноста“ и „непродуктивноста“ во културата. Дури и грдиот кичерај, според нив бил многу подобра работа од „повеќедеценискиот пустош“ на несоздавање уметност и култура. Цела плејада творци кои зад себе оставија илјадници драми, романи, учебници, анимирани и играни филмови, слики, графики, скулптури, опери, симфонии, модерни архитектонски градби, луѓе кои твореа и создаваа повеќе од половина век во потполна слобода, каде политиката воопшто не се ни осмелуваше да се вмеша, овие бедни творци на новокомпониран кичерај што се создава под патронат на немушт и недоописменет владетел се осмелуваат да ги наречат минорни и некреативни. Овие полтрони кои создаваат кадаверични креатури и немаат смелост да му кажат на својот „пастир-универзален креатор“ дека уметноста е нешто сосема друго од враќањето во антиката и во барокот, се осмелуваат да говорат против изминатите генерации кои ја создавале и ја граделе нашата култура повеќе од седум децении сосема слободно и независно од идеологијата!? Тие ли, кои сега немаат ниту слобода да прикажат голо човечко тело заради соблазнувањето на „конзервативните слоеви“ од нашето општество и на „женските невладини организации“ та мораа да го прекриваат со месингани гаќи, ќе ни говорат за продуктивноста и креативноста во културата!? Зарем тие кои не смеат да зуцнат дека „креативниот гениј“ им се одредува според партиската книшка, тие ли смеат да говорат за слободата на изразувањето? Секој обид за елитизам во културата е однапред детерминиран од нив како „потпаѓање под влијанието на глобализмот“. Со еден збор, сè она што не го разбираат овие празни душички, непостоењето реални, опипливи и препознатливи мотиви, непостоењето разбирливи за нив облици и фигури во ликовниот израз според нив е елитизам, а тој самиот бил продукт на таинствени и страшни опскурни струења во општеството кои ги создаваат некакви уште потаинствени друштва обединети во глобална светска завера против светот и човештвото. Особено биле силно усмерени против најгенијалната нација на светот која претставува колевка на културата и на човечкиот род ― македонската.
Оттаму, сите оние кои се критички настроени кон „проектот за националното освестување“ и за „воскреснување на националната држава“, да ти биле „глобалистички комесари“ платени од ваквите завереници за да прават спинови и да ни подметнуваат некакви замени на тези со кои „успешно ја обмануваат јавноста“ „намерно префрлајќи го акцентот“ на „историско-стилската оправданост“ на „проектот“, „толпа култур-комесари“ кои биле „вистинска опасност за опстанокот на македонската нација и култура“.
Ајде, замислете си ја сега средновековна Италија која, наместо современата (за тоа време) ренесанса, одвојува средства за антички копии (слични на нашиов кичпроект)! Замислете ги барокна Франција, Германија и Шпанија каде мецените финансираат уметници кои немаат основни предзнаења за пропорциите, па создаваат квазимодо-дела во кои насликаните, или извајаните ликови се со големи глави, мали тела и со кратки нозе (како „Карев“ пред Собранието)! Или, пак, замислете си ги ликовите од делата на овие мајстори со мали глави во сразмерно огромни тела (ала „Ченто“) и со мали дланки („Јустинијан“)! Замислете ја „гордоста“ на овие нации од ваквите дела! Каде би била уметноста, ако „Давид“, наликувал на „нашиот Филип“, или ако Берниниевата „Фонтана на четирите реки“ наликуваше на нашата „фонтана на победата“ со „Воинот на коњ“? Како ли би изгледале истиве земји сега, ако нивниот барок наликуваше барем малку на „нашиов“ денешен (антички)? Ги замислувам истиве земји како одвојуваат огромни средства за да создадат современ соцреализам, само затоа што во минатото кога тој бил актуелен на истокот во овие земји владееле арт-деко, геометриската апстракција, надреализмот, или царувал дизајнот на Баухаус.
Дури и делата од времето на Третиот Рајх имаат во себе попрецизно одредени пропорции разработени низ ликовните и низ теориите на визуелната перцепција. Какви пропорции имаат „делата“ од проектот „за вознес“ (и занес) на македонската нација? Ниту во комичната архитектура, ниту во уште посмешните „скулптури“, кои едвај и да можат да послужат како надгледни средства во основните училишта, нема никаква посебна сразмерност. Најголемиот дел од нив се со целосна диспропорција и со нарушена композициска рамнотежа, оптички и физички нестабилни, со никаква естетска црта во себе, не ги задоволуваат ниту основните критериуми да се наречат дела, а не, пак, уметност, а ние треба сите да им се вооодушевуваме и да им ги занемариме недостатоците само затоа што претставувале ликови на наши (во поголемиот број само во болниот ум на владетелот) јунаци од историјата.
Се обидуваат да се прикријат зад тезата дека терминот антиквизација бил некаков непостоечки израз (изгледа не можеле да го најдат преку Гугл) измислен во кујната на „антимакедонските завереници“, па вадат смешни значења во стилот дека тоа било спој од „анти“+„квиз“, по истиот аналфабетски систем како што ги измислуваат и ги образложуваат македонските зборови во старогрчкиот Хомеров, Аристотелов и Александров јазик, претворајќи ги и самите тие личности во „неосвестени Македонци“, во луѓе кои не си го знаеле потеклото (веројатно биле заблудени од „србокомунизмот“), па ширеле грчка (хелинистичка) култура и писмо, кои всушност им припаѓале на античките Македонци и биле нивно откритие.
Интересно е да се гледа и да се слуша според кои и какви критериуми се водат кога даваат оценка за вредноста на квазиуметноста од проектот. Единствениот критериум за вредноста на делата е наводната национална определеност на личноста земена како мотив во споменикот (иако поголемиот дел од нив никогаш не спомнале дека се Македонци по род) и неговата „монументална“ (физичка) големина. Наспроти ваквата евалуација на непостоечки и измислени вредности, во кои им препишуваа дури и некакви нивни магични лековити својства, се игнорираат сите естетски норми. Често дури и намерно се одбегнува да се спомнат, избегнувајќи ја така опасноста прескапо платените споменици кои претставуваат глобален пример за триумф на кичот и глупоста врз уметноста да се евалуираат според некакви ликовни критериуми, туку се потенцира единствено националното - најчесто во тотална колизија со научните постулати и со историските факти. Ваквиот пристап се правда со обидот за изнаоѓање нови „национални јунаци“ („заборавени од историјата“) во луѓе кои најчесто биле штетни за националното определување и посебноста на македонската нација, кои најчесто работеле во интерес на велика санстефанска Бугарија, а на штета на македонската државност и на слободата на македонскиот народ.
Со проектот потенцираат дека ја воскреснале изгубената национална гордост. Ќе го возобновиле заборавениот национален (антички) идентитет.
Замислете ја Франција како го возвишува грдиот кич поставувајќи го на пиедисталот на национална уметност! Ајде сега, замислете ги и Пикасо, Брак, Дали, де Кирико, Мане, Сера, Гоген и ван Гог, кои наместо кубизам, надреализам, импресионизам, создаваат исклучиво барокни дела според строго одредени политички правила и како токму заради тие дела ги воспеваат како светски големи уметници! Што ќе беше од уметноста, ако Маљевич, Кандински и Родченко не запловеа низ апстракцијата, супрематизмот и конструктивизмот и наместо нив, само да ги копираа делата на Пусен, Вато, Буше и Рубенс? Замислете си ги сега Битлси, Стоунси, или Пинк Флојд како свират исклучиво барокна музика! Каква ли гордост ќе имаа Италијаните, Французите, Шпанците, Германците, да кажат дека создале уметност од барокот дури во XX и XXI век? Дали ќе се чувствуваа толку супериорно и гордо? Патем, ова што досега ни се прикажува (претставува) низ проектот „Скопје – 2014“ нема никаква допирна точка со барокот, ниту со класицизмот и со неокласицизмот, туку најмногу со некаков извитоперен наци-соцреализам кој е многу посличен на оној Сталиновиот, и на оној од Букурешт во времето на Чаушеску, само што од „нашиов“ отсуствуваат дури и основните естетски критериуми, особено заради испревртената несразмерност изразена преку телесни деформитети и чудна исчашеност на прикажаните ликови. Што ли ќе беше од западната и од современата уметност, ако таа функционираше и се создаваше на начин како што тоа си го замислува нашата власт!
No comments:
Post a Comment