Wednesday, May 25, 2016

СТРАНСКИ СЛУЖБИ


Во светот на шпионажата негирањето, залажувањата и полувистините се нормална комуникација, а искреноста е најчесто амбалажа за да на противникот му се поттури многу поголема лага! („Дијалог“ - Оријана Фалачи).



 Деновиве сме сведоци на сè пожестоки тврдења дека некакви странски служби се обидувале да ја разорат Македонија. Ништо ново! Тоа, уште на митингот на Плоштад Македонија во јуни 2010 година ни го соопшти малото диктаторче најавувајќи ја „својата борба“ (не знам зошто ме потсетува на Мајн Кампф) против внатрешните и надворешните непријатели, па во нив смести дузина интелектуалци, новинари, медиуми, неименувани членови на дипломатскиот кор, претставници на неименувани држави кои ете, непријателски биле настроени кон Македонија и постојано се обидувале да ја загрозат нејзината најака економија во светот, најтешката индустрија, нејзините убавини и секојдневен развој, нејзината забревтана иднина. Груевски, уште тогаш ја повика насобраната маса на плоштад „да не ги зема здраво за готово информациите од Утрински весник и А1“, спомнуваше и набројуваше непријатели и предавници, странски заговори и, секако, не пропушти да ги потенцира „неверојатните економски успеси на земјата“ под раководство на вемерето. Од тогаш наваму често ги спомуваат, но никако да дознаеме кои се тие земји што роварат низ Македонија.

 Уште тогаш се насетуваше она што ќе ни следува: бележење и делење на граѓаните на „патриоти“ (луѓе кои без поговор ги прифаќаат налозите од партиското раководство) и на „предавници“, сите оние кои јасно и гласно се спротиставуваат на нивните гротескни идеи со кои ја девастираа земјава. Лица кои си уобразија дека се државата, секоја критика кон нив ја оцрнуваа како говор и делување против неа, како обид за нејзино уривање. Новинарите тогаш не обратија доволно внимание на ваквата реторика мислејќи дека тоа е нормален речник во предизборна кампања! Ги минимизираа значењата на говорот велејќи си дека не е можно да ни следува враќање во минатото и инсталација на партиски празноглавци како вовед во општество на строго контролирани, набљудувани и прислушкувани граѓани. Само неколку месеци подоцна на почетокот на април 2011-та Груевски упати писмо до своите „браќа и сестри на ВМРО-ДПМНЕ“ во кое ги повикува на „последен бој со предавниците и душманите на нашата татковина“, повторно посочувајќи и именувајќи интелектуалци, новинари, бизнисмени кои не му платиле рекет, стигматизирајќи ги како предавници, душмани на татковината. Ваквиот говор на омраза стана уште посилен по изборите во 2014 година, па повторниот избор „избраните“ си го сфатија како дозвола од граѓаните да прават што си сакаат со нив и со земјава.

 Не дознавме кои се тајните држави со тајните агенти од уште потајните странски служби. Сè остана на она дека „некои луѓе“ од „некоја држава“ вршеле „некакво прислушкување“, но не дознавме зошто Управата за државна безбедност и контраразузнавање си ги оставила странскиве служби непречено да работат, снимаат, прислушкуваат, шпионираат, уценуваат, врбуваат, поткупуваат… Дали Груевски и Иванов можат да се изземат од одговорност за непреченото делување на странските служби?

 Кога зборуваат за антидржавно, предавничко однесување, секогаш забораваат дека нема поголемо предавство од тоа постојано да ја поткопуваш државата со енормни трошоци за непродуктивни будалаштини од типот на „Скопје 2014-та“. Кога на некој од националните херои ќе му изградите смешен споменик во кој тој е претставен како изобличена фигура, со несразмерно тело, тогаш тоа е подбивање и поигрување со националната гордост, а не нејзина ресурекција. Ваквото потсмевање со националните јунаци е прикажано во несразмерноста на телото на „Никола Карев“ со неговите нозе (изобличен е и неговиот коњ), во далеку помалото десно раче на Јустинијан I во однос на неговата глава и лева рака, во издегенерисаниот приказ на Марко Краљевиќ поставен пред грчко-римскиот „Археолошки музеј-Уставен суд-Архив“, во римските триумфални (Трајанови) столбови и Триумфалната капија, во јонско-дорско-коринтските столбови, архитрави, капители, тимпанони… Во меѓувреме се распаѓаат цркви од византискиот период, се премачкуваат нивните фрески, се распаѓаат стари римски ископини… Уништена е Старата железничка станица во Скопје. Симболот на трагедијата од земјотресот делува како во неа да удрил уште еден земјотрес… Оштетени се, спалени, фрлени во отпад или се уништени неколку десетици дела (слики и скулптури, најчесто оние со тематика од НОБ) од современи македонски автори, основоположници на македонската уметност. Сменети се, антиквизирани се, фасадите на десетици згради во центарот на Скопје. Изобличена е зградата на Владата, на МЕПСО, на Стоковна куќа НАМА, а во план е да се изобличат и „Метропол“, Градскиот трговски центар сосе кулите до него. Нагрдени се! Уништено е национално богатство! Сето тоа е потсмевање и со македонската уметност и култура, но најмногу со македонската историја и со националниот идентитет. Има ли поголемо уништување на македонската уметност, култура и традиција од ваквото преиначување на изгледот на градот!? Фрлени се преку 500 милиони евра за туѓа, накарадна, лажна историја и гротескна уметност! Со еден збор ‒ С Р А М Н О! Во меѓувреме шетаме и се возиме по тротоари и улици преполни со дупки, има населби без канализации, без водоводи, ни умираат луѓе и дечиња заради недостаток од лекарства, медицински апарати или заради одбивање на државата да потроши 30.000 евра за операција на дете во странство… Министерот за здравство деновиве се пофали дека од 2014 до денес за набавка на нова и современа опрема во здравството потрошиле „неверојатни“ 15 милиони евра! Треба ли да ве потсетам дека само гротескниот „Коњ со воин“ чинеше два-три милиони помалку од оваа „значајна сума“ издвоена за нашето здравје!? „Градиме“ десетици барокни фасади на згради во центарот на Скопје, одзади остануваат старите фасади кои се распаѓаат, одвнатре истите згради се оставени во руина. Потемкин да им позавиди на „умешноста“!

 Некои аналитичари од областа на државна безбедност ми ги потврдија моите сомневања дека во Македонија странските државни служби царуваат уште пред нејзината сецесија од СФРЈ, но никогаш тие не делувале толку непречено како денес, велат. Македонија е како решето. Нивните интереси се вкрстуваат и велат Скопје наликува на Истанбул и на Лисабон, кои пред и за време на Втората светска војна биле центри на светската шпионажа. Велат, не постои веќе државна тајна која тие не ја дознале. За воена тајна не можеме да говориме, бидејќи Македонија одамна е соголена и обезоружена. Да! Постои слободна дејност на ваквите служби која особено е засилена како резултат на растурот што во корист на бугарската ДАНСА го направи Доста Димовска во државната безбедносна служба со дозвола и со знаење на тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа беше и постхумно одликувана од Бугарија. Се сеќавате? Тогаш, кон крајот на 2000-та година, пукна првата афера со прислушкување во која беа осудени токму Доста и Александар Цветов, а веднаш по пресудата беа и двајцата амнестирани од тогашниот претседател Борис Трајковски. Набргу потоа следуваше војна со качачко-терористичките банди за кои тогашниот премиер тврдеше дека се некои ловџии кои вежбаат на Шара. Премиерот, прекуноќ стана милионер. Подоцна си зеде бугарско државјанство, а денес повторно настапува удирајќи се по градите како „голем патриот“ кому „и срцето и душата“, а особено парите, му „бијат за Македонија“. Внукот на Доста (И. С.) кој беше вработен во УБК, во јули 2007-та, пребега во Бугарија. Неколку недели подоцна (замислете колку сме безбедни) се вратил во Скопје, најслободно ноќе си влегол во просториите на УБК (!?) успеал кришум (!?) да ископира доверливи податоци „на три дискети и едно цеде“ кои веднаш потоа ги доставил до бугарската служба за државна сигурност! Велат дека на бугарската ДАНСА при тоа ѝ бил предаден комплетниот список на македонските разузнавачи. Веројатно и не само тоа. МВР неколку денови потоа (ни срам, ни перде) изјавува дека не се случила никаква кражба во УБК. Па нормално! Каква кражба, кога човекот слободно си влегол во просториите? Не крадел, најслободно си го зел она за што бил испратен! 

 Ѓорге Иванов кој стана претседател со помош на сечени, лепени и монтирани избори, со противзаконскиот и неуставен акт на аболиција ги постави политичарите заглавени до гуша во криминал над останатите чесни граѓани на Македонија, поставувајќи ги истовремено над Уставот и над законите на Република Македонија. Создаде недопирлива каста заштитена со неговиот декрет. Членот 9. од Уставот на РМ говори дека сите граѓани на Македонија се еднакви, но веќе е очигледно дека криминалната банда на Злосторничкото здружение ВМРО-ДУИ стана далеку поеднаква од сите останати чесни граѓани. Фактички, веќе десет години припадноста во ВМРО и ДУИ е единствен репер за напредокот на поединци. Тоа не се ниту квалитетот, ниту знаењето, туку исклучиво само членувањето во овие партии. Членството, се градира спрема активноста во партиските тела и, секако, преку врските и блискоста со моќниците во овие партии.

 Меѓу другото, Иванов својата неразумна одлука ја образложи и со тоа дека „не смеел да оди Македонец против Македонец“, па загрижен за некаква братоубиствена војна решил да делува разумно. Чуден некој начин за средување на состојбите во земјава! Па зарем не знае дека во Македонија не живеат само Македонци!? Токму затоа граѓаните се одлучија за единственото решение – сите заедно да излезат на протести. Не смееме да дозволиме стравот да управува за нас! Ништо нема да постигнеме ако децата ни се иселат во странство! Не Сорос, не умислени масони и виртуелни измислени странски служби… Граѓаните добро знаат кој ги предизвика правото на живот да си го побараат на улица! Никој веќе не може да го испере „Хорхе“ од калта во која потона!

 На 25 март Иванов самиот изјави дека му предал доверливи информации на премиерот на Бугарија Бојко Борисов и дека многу сакал „Бугарија да биде земјата која најмногу ја поддржува Македонија. Како што се вели, да ја прегрне Македонија“. Истиот ден Борисов истакнува дека документите ги предал на бугарската тајна служба ДАНСА. Во меѓувреме во Македонија трае аферата „Шпион“ во која неколкумина (меѓу нив и лица на кои разузнавањето им е работа) се теретат за соработка со странски служби! Странски служби, што?!? Се сеќавате на Борисов? Истиот неколкупати во своите изјави ги негираше постоењето на македонската нација и јазик, па дури и пред некоја недела распореди бугарска војска на границата со Македонија со цел да „им помогнел“ на Македонците со бугарски пасоши ако се влошела состојбата, а во Македонија ‒ молк! Ниту збор за ваквите бугарски подготовки! Молчат „патриотите“, но молчи и опозицијата. Како да се преокупирани единствено со идејата да се урне мафијашот Груевски и да ги завземат позициите на претходниците!

 При сите овие отворени антидржавни делувања, деновиве Иванов, Груевски и нивните портпароли Мирка, Ефтов, Латас и слични, постојано верглаат за некакво украинско сценарио заборавајќи при тоа дека во Украина токму подржувачите на фашизмот се дигнаа на буна против демократски избран претседател, барајќи да се протераат сите „Москали“ од Украина. Овде фашистите (потомци на ВМРО-Браниците и на Бали Комбтар) си ги местеле изборите. Сечеле, лепеле, монтирале, уценувале… Сториле сè за да опстанат на власт, со една единствена цел ‒ да се ги задоволат личните апетити за пари и моќ, а против нив станаа граѓаните меѓу кои има и голем број членови на владеачката партија, свесни дека нивниот водач заглавил во криминал.

 Ѓорџе неколку пати посочи дека со актот сакал да го спречи делувањето на неидентификувани странски служби и дека сакал да ги спречи плановите за атентати врз „значајни политичари“ во Македонија. Не кажа никогаш кои се тие странски служби, не ги посочи атентаторите (во нормални земји најпрвин би ги уапсиле, па потоа би говореле за нив), ниту протера некои дипломати од државите кои делувале против нашава земја, како што секогаш се случува во светот после разоткривањето на нивното делување. Многу пред неговата изјава беа уапсени домашни разузнувачи под сомнително обвинение дека вршеле шпионажа во корист на други земји. Што ли е тоа што можеле да им го одадат на странците во услови кога дури и детални податоци за оружјето што го поседува РМ се јавно достапи на интернет, останува тајна. Кој кого обучувал е веќе јавна тајна, а се знае и каде ВМРО ги обучуваше своите активисти. Иванов не кажа ниту кои се „значајните“ политичари на кои им биле планирани атентати, но може да претпоставиме дека тоа се токму тој лично, Груевски и Ахмети, како највисоки по функции во владеачките партии и во државава во моментов. Атентаторите и заговорот, останаа само како усно предание. Кој умен човек би спремал атентат на маргиналци какви што се Иванов (професорот по право кој носи бесправни одлуки), или Груевски и Али Ахмети!? Кој би трошел куршум за нив, на кои разумен човек не би фрлил ниту мрсул!? Кој е до толку ненормален? Во моментот кога би ги убил, истиот веднаш би ги претворил овие манипуланти во жртви и во народни херои. За жал, кај нас е можно да се најдат и такви идиоти. Има мноштво празноглави будали кои потоа и ќе ги жалат, величаат и ќе подигнат буна после ваквиот настан.

 Јавна тајна е дека и едните (власта) и другите (опозицијата) играат по свирката на странците. ИРИ-институтот (поранешен Национален Републикански Институт за Надворешни работи), разните фондации (Сорос-Отворено општество, Фондацијата „К. Аденауер“ и сл.) не се без активности и вмешаност од општопознатите тајни служби (ЦИА, ДИА, СИС, МИ6, БНД и сл.). Дел од нивните членови се токму поранешни припадници на овие служби. Дури и ОБСЕ прибира информации во полза на одредени држави, па затоа им е сосема сеедно дали нелегални избори ќе ги прогласат за успешни. Наивно е да се мисли дека тие повеќе не испраќаат информации во своите седишта.

 Велат, сегашниве „наши“ лидери биле многу значајни и умни… моќници на кои не им можат ништо ниту светската економска криза, ниту странските служби, па одат дури дотаму Груевски да го споредуваат со Милошевиќ, Гадафи, Хусеин, Путин… Многу сме просперирале со нив, економијата ни (рас)цутела, сме станале значаен фактор на светската сцена, па сите се здружиле против ваквиот колос, против „Швајцаријата на Балканите ни“ и сакале што побргу да го разорат! А тој, „колосот“, девастиран уште пред да почнат да му градат споменици за егзалтација на неговата национална гордост.

 ЦИА досега се решила од многу помоќни играчи на светската сцена: Чавез, Гадафи, Џон и Роберт Кенеди, Милошевиќ, Мартин Л. Кинг, Патрис Лумумба, Салвадор Аљенде, Че Гевара, Садам Хусеин, Бин Ладен… Навистина мислите дека не можат, или дека им е многу тешко да го симнат од власт маалскиов силеџија и пропаднат боксер, кој не знае ниту прости математички функции, или да симнат некојси швајцарски симулант-хипохондрик и поранешен домашен терорист?! Ако се толку неспособни, тогаш нема ни причина зошто да се плашиме од нивното делување!

No comments:

Post a Comment