Friday, January 22, 2016

БИТНО ПОСТОИМЕ

„Битно нешто се гради“ е став кој е чест во пропагандното клише на ВМРО како оправдување на владиното енормно и абнормално расфрлање со парите од државната каса. Овој став стана приказна зад која стојат сите наши причини, услови и последици. Со него, и низ него, може да се оправда секоја друга наша постапка. Битно нешто се гради, велат.
Тоа, што се работи за „скапоцени“ фасади од полистирен кои се поставени колку да го разубават фронталниот дел од зградите, а што внатрешноста најчесто останува гнила и недоправена, воопшто не е битно, битно е дека фасадите се „во стил“, а „стилот“ е „барок“, „неокласицизам“ и „рококо“! Што е битно што немаме златни столбови, кога ние си имаме жолта фарба која ќе си ја замислуваме како златна! Ваквиот став воопшто не е измислица на ВМРО (тие го измислија само барокот;), продукт е на нашиот вроден менталитет, а се пројавува уште од времето на социјализмот (веројатно и многу векови пред него).

 Често се слушаше: „битно е да се вработиш“, а дали ќе се трудиш и ќе си ги извршуваш работните задачи, беше небитно. Стотици илјади беа вработени, но малкумина од нив работеа. Битно, на први си земаа платички! Поголемиот дел од вработените си имаа нивчиња, па во сезона на сеење, жнеење, орање, „боледуваа“ по неколку пати во годината. Бидејќи битно било да држиш лопата или мотика, бидејќи само тие биле симбол на трудот. Само тие работеле, оние што држеле мотики и лопати во рацете. Какви моливи, какви пенкала и слични будалаштини! И битно беше да завршиш факултет. Кој, и како, и колку години ќе го студираш беше небитно, битно беше „да учиш, за да не станеш работник“. Битно имавме држава и си живеевме во социјализам „преодната фаза кон посветлата иднина“, ама никогаш во тој „гнил комунизам“ тоа не стана толку битно како денес, кога ни е толку битно дека е битно што си станавме самостојни, сами на своето, преполни со странски туристи, со странски инвестиции и со уште постран барок, што не се поднесува. Толку ни било битно да опстои оваа гарнитура на власт што биле доведени во прашање дури и нашиот опстанок како нација, нејзиниот идентитет и името, без неа ќе сме пропаднале! Во прашање било живот или смрт, бидејќи тие биле Македонија, само тие знаеле да раководат со државава. Никој друг!

 Битно ништо не се промени во тој наш менталитет од тогаш наваму и уште си ги воспеваме владетелите како богови-надлуѓе против кои ништо не смее да се помисли, а не, пак, некој нешто да изусти! Не е битно што уценувале, краделе, убивале, затворале, местеле избори, судии, функции... битно било дека биле преполни со љубов кон Македонија и македонското, а сите останати сме ја мразеле и сме биле предавници, бидејќи сме се осмелиле да им го тргнеме превезот на безгрешноста.

 Битно си го имаме највисокиот споменик на светот и сме си сами на своето! Битно откривме дека постоиме уште од антиката и уште побитно е што Господ со нас го започнал генезисот! Тоа што тој само си играл во калта, а ние сме останале како сведоштво за неговите безуспешни обиди од кал да создаде некакво свесно битие кое нема само да трча низ земјинава топка и да мавта со рачињата во обид да полета, воопшто не е ни битно! Битно и тој направил нешто, колку да си се пофали себеси пред другите, колку да каже дека нешто направил и дека тоа истото суштество ќе битисува и опстојува со милениуми на земјинава топка.

 Битно имаме странски инвестиции. Дали тие се од вложени пари на странски фирми, или тие пари се директно извадени од државната каса, за да имитираме наезда од странски фирми, е небитно. Тоа што тие се ослободени од сите обврски кон државава и што им ги инвестира земјава, за нив е небитно, битно си ги имаме и си се фалиме со нив. На овие „странски“ инвестиции од државната каса на „независна-суверена-и-самостојна-Република-Македонија“ им се плаќа земјиштето на кое се гради „инвестицијата“, ослободени се од сите царини на подолг рок, им се плаќа градбата... Се плаќаат и сите давачки за вработените: за платите, за фондот за здравствено и за пензиското осигурување (ако воопшто им ги уплаќаат), а единствено можеби машините за производство се влог од странската фирма бидејќи Македонија нема капацитет да ги произведе. Каде е тогаш странската инвестиција? Не ќе е чудо дури и ако владата сите овие уплати ги остварува имагинарно, преку водење фалсификувана документација, без вистински паричен влог, без влевање на вистински опиплив капитал.

 Сме имале и огромен индустриски пораст, а тој да ни бил остварен токму преку овие „странски инвестиции“ и од развојот на индустрија!? Не знам само со која индустрија успеавме да го оствариме? Веројатно со празните ниви од ветениот ни наплив странски инвестиции, а инвеститорите од странските држави, така барем вели Уставот, имаат неприкосновено право да ја изнесат целата своја добивка и сиот капитал што ќе го остварат, при што ваквото право не може да им се попречи, одземе или намали со ниеден друг закон или пропис. Тоа значи дека сè што ќе произведат и остварат никако не може да влезе во домашните пресметки за пораст, бидејќи од вака креираните странски инвестиции имаме повеќе штета отколку добивка. Единствената добробит е можеби порастот на бројот на вработени.

 Цели десет (10) години МВР имаше пред себе можност да ги очисти и прочисти избирачките списоци, да ги гони и улови криминалците, фалсификаторите на лични исправи, снимачите, монтажерите и лепачите на снимани разговори, па во содејство со УБК и Јавното обвинителство да ги поапси „предавниците“ и „шпиуните“, да ги аргументира доказите против разузнувачките дејности на „странските служби“ и амбасадориве во земјава, дури и да ги протера од земјава, како што вообичаено се прави штом се открие нивна разузнавачка дејност, за да не ни пречат во создавањето рајска земја. Наместо тоа, нејзиниот поранешен министер (поточно министерка) ни потврди дека МВР се претворило во МВРО ‒ изборно-пропаганден-апаратчик на ВМРО, или во превод: наместо служба која ќе обезбедува мир и сигурност за сите граѓани во земјава подеднакво, МВР, УБК и ЈО се претвориле во Монструми кои ги штитат врвот на партијата (В)-МВР-(О) и поединците што се на власт од нејзините сопствени граѓани. Десет години имаа да ја оправат работава, ама никако да им тргне. Десет години ги чекаме да станат власт, наместо предавничката опозиција која владее со Македонија! Сè некои странски служби, сè некои предавници-шпиуни-кодоши-душмани им ја попречуваат и расипуваат работата, па дури и сакаат „нелегално“ да ги симнат од власт, која тие (како што чувме и видовме) сосема „легално“ си ја приграбиле. За десет години некои земји создадоа ракетодроми и вселенски програми, испратија вештачки сателити во вселената, створија фабрики за автомобили, за авиони, шрафови и за алати, а ние – само празни ниви кои ги нарекуваме „странски инвестиции“ и безвредни фасади од стиропорен барок со кич-споменици кои ги нарекуваме уметност, платени како да се изработени од дијаманти, смарагди и рубини. Економски бум! Невиден во светов!

 Секоја земја во светот се бави со разузнувачка дејност преку своите дипломатски претставништва! Затоа постојат контраобавештајни служби во секоја од нив! Наместо тоа, нашата држава испраќаше недоветни да ни ја водат дипломатијава и да ни ја претставуваат земјава, а контраразузнавачите веројатно ни заспале, или биле издрогирани од странските служби! Битно ги имаме, и така се нарекуваат, а тоа што земјава ни ја изораа вдолж и попреку разузнавачи од цел свет е небитно. Во повеќето земји, освен амбасадор и телефонска секретарка, немаме ниту еден друг службеник во амбасадите! Вреди ли понатаму да говориме?! Не дај боже да ви притребаат, ќе доживеете уште едно изненадување. Ајде што едвај ќе успеете да добиете контакт (тоа може да потрае неколку денови), туку можно е вработениот во дипломатското претставништво задолжен за контакт со јавноста воопшто да не ве разбере што му говорите бидејќи не го познава јазикот на земјата која ја претставува.

 Берзата во Македонија постои колку да кажеме дека ја имаме. На неа вештачки растат акциите на некои фирми и, додека владетелот ни раскажува за успесите во економијата и вештачки ги пумпа показателите за некаков економски раст, берзанскиот индекс секојдневно се струполува во вртоглав минус, ама тоа што владее потрес на светските берзи нас не нè допирало. Како и ќе не допре, кога е изолирана на локално ниво!?

 Нереална е сликата за намалена невработеност која се остварува со секојдневно бришење на луѓето на кои им здосадило пријавувањето или кои биле болни во периодот кога требале да се пријават. Замислете, наспроти тоа, вон сите законски норми, издаваат решенија на стотици волонтери (претежно партиски подобници) цела година однапред. Издавањето документи отпосле, со датум кој одамна изминал, како да се издадени пред неколку години, или однапред, со датум кој уште не дошол е тежок фалсификат. После се чудиме на фалсификувани лични карти и пасоши, на некакви фалсификувани возачки дозволи и на дуплираните формулари за нив. Издавањето фалсификат документи е кривично дело, а кај нас тоа го прави самата држава! И тогаш, тоа е според законите и сосема легално!(?) Кривично дело е и работењето „на црно“, но во самите државни институции и во јавните претпријатија честа е појавата на хонорарно, или волонтерски „вработени“ лица! Така е со години. Секако, тие не се волонтери и хонорарци по своја вина. Повеќето од нив сонуваат да бидат редовно вработени, на неодреден временски период. Навистина има и такви привилегирани кои за својата дејност добиваат високи хонорари, но најчесто дури и таквата хонорарна работа оди според партиската подобност. На многумина од нив им остануваат должни со месеци! Сте чуле ли да казнат некоја државна институција за ваквите појави досега?!

 Во меѓувреме се пожестока станува кампањата на владините пропагандни медиуми против невработените лица стигматизирајќи ги како мрзливци, како лица кои „бараат работа за да не ја најдат“ или одбиваат да се јавуваат на „бројните конкурси“, без да спомнат дека со децении, во 99% случаи од нив веќе однапред се знае и избраното лице за соодветното работно место, со точно име и презиме, вештини, па дури и со точен број на кондури. Најпрвин ги вработуваат, а дури отпосле ги отвораат конкурсите. Битно имаме конкурси за вработување! Недостасува уште само во конкурсот да го стават и матичниот број кој треба да го поседувате за да бидете примени на работа. Со фалсификуваниве лични карти може и да ви се погоди бројот, па потоа ќе ви изгледа како да ве извлекле преку Лотарија на Македонија! Бинго! Само да не завршите во Македонски шуми (и пасишта)! Треба ли да напомнам дека невработените кои се пријавиле во АВРМ немаат никакви привилегии од пријавувањето таму?! Ниту добиваат парични надоместоци (во Англија тоа изнесува 300 – 600 фунти неделно), ниту им се вбројува тоа во стаж, а самото одење до Агенцијата претставува повеќе трошок, отколку добивка. Единствената добивка што ја имаат е правото на здравствено осигурување, ама во случај едниот брачен сопруг да е вработен тоа оди преку сопружникот, а не на терет на државата! Најнова измислица им се „Саемите за вработување“, но ќе се изненадите кога од триесетина принудно донесени фирми кои учествуваат на нив, слободни работни места нудат најмногу две-три и тоа за најниски позиции, додека останатите ве убедуваат да доставите биографија до нив која ќе биде разгледана веднаш штом смислат ново или им се испразни некое работно место.

 Од ваквото гледиште стана битно и дека имаме преку илјада факултети и преку дузина универзитети. Какво знаење се стекнува во нив, воопшто не е битно! Битно е дека студентите кои студираат добиваат дипломи. Битно на нив се делат научни магистерски и докторски титули. Тоа што дури и Пастиwчето се стекна со магистерска научна титула, а не знае да разликува алтруизам од авантуризам (или можеби мислеше на аутизам!?), што воопшто не чул дека освен хипокрит постои и некојси Хипократ и што кога ќе собере 363 и 208 нему резултатот му излегува околу 700, а на тие што знаат да бројат околу 570, воопшто не е битно! Веројатно сите други имале полагано математика на матурскиот испит, само тој ја утнал работата! Битно имаме училишта во зафрлени села кои добија интернет. Тоа што во повеќето нема ниту струја, а едвај да има и луѓе, и тоа што повеќето од децата едвај да се писмени колку да знаат да прочитаат нешто, е крајно небитно! Битно имаат интернет! И тоа безжичен! Битно си имаме пастиwче кое нè владее и си има научна титула, што е битно како ја стекнал и што уште не знае основни поими! Тоа што повеќето од ваквите новокомпонирани „мудреци“ не ги познаваат ниту основите на македонскиот јазик, ни правописот ниту граматиката и што повеќето од нив немаат ниту основни знаења од областа која ја студираат, воопшто не е битно. Битно повеќето од нив имаат лаптопи, смарттаблети и смартфони! Што е битно дали знаат да пишуваат!? Битно се удираат во градите дека се патриоти – воопшто не е битно дали се, или само глумат! Од штабот пристигнува потврда: „битно е дека имате компјутер, а во светот велат дека секој кој знае да работи на компјутер е писмен“! Та, кој може да противречи на таквото мудро раководство. Битно знаат да пишуваат (на компјутер), што е битно што повеќето не знаат ни да си го прочитаат тоа што го напишале?

 И додека се соблазнуваат врз грешките на лекарите, кои веќе почнаа да се вработуваат по партиска линија, без знаење и со намалена стручност, додека за директори на клинички болници се поставуваат лица кои не се ни доктори туку едвај специјалисти, а има дури и случаи на директори без завршен специјалистички испит (како на пример оној во Клиничката болница во Штип) тие уште отвораат нови медицински факултети на универзитетите во Штип, на оној во Тетово, па дури и на приватниот универзитет на заставникот „д-р“ Бојо. Досега се жалеа на квалитетот на кадарот кој излегува од скопскиот медицински факултет на кој предаваат искусни прекалени професори со огромен капацитет и знаење, замислете кое знаење ќе го имаат кадрите од факултетиве каде што битно студираат, а е сосема небитно какво и колкаво знаење стекнуваат и покажуваат студентите излезени од нив. Отсега, па натаму, би било најдобро да ни стават олтари и параклиси пред влезовите на болниците пред кои најнапред ќе се прекрстиме и помолиме, ќе принесеме некоја жртва, па дури потоа ќе одиме на лекар, па ако преживееме, ќе си знаеме дека господ бил со нас и ни подарил уште неколку мигови од земскиов живот. Што е битно што хирургот при операција ни ги споил ректумот со вагината, или со пенисот? Барем сме се прекрстиле и сме му се помолиле!

 Битно имавме Договор од Пржино и битно сите се потпишаа на него – и „оној“ „црпнатиот од Муртино“, и оние празнине црпки (демек-многу-градски-и-многу-мудри луѓе) од власта! Што е битно како ќе се спроведува договореното!? Па уште да биле запазени и роковите, а власта да соработувала со Специјалното јавно обвинителство! Битно се држат до договорот, што е битно кога ќе се исполни, или што се пречекориле сите можни рокови во него! Малку е поразлично со изборите. Битно е нив да ги има и битно тие да бидат на точно договорениот датум. Тоа е од животно значење за опстанокот на мафијава на власт. Дали е овозможено тие да се одвиваат непречено, да бидат без никакви притисоци врз граѓаните од страна на власта, дали изборниот список е прочистен, дали на нив повторно ќе гласаат мртви души, странци од Албанија и од Бугарија, луѓе со лажни лични карти, пасоши, и со лажен идентитет, за нив е сосема ирелевантно.

 Битно е дека сè уште постоиме, дека некако (колку-толку) можеме сè уште да се нарекуваме народ, битно е дека сме „чеда на Александар“ и дека светот започнува од нас… И дека сме си горди. Што е битно ако си се гордееме на сопствените глупости!?

No comments:

Post a Comment