Tuesday, September 1, 2015

СВОИ НА СВОЕТО!?



 Не е тајна дека Груевски е главниот заговарач на нацистичково лудило плеснато низ центарот на градов. Ја копираат идејата на нацистичка Германија чија главна поента била да се зголеми продуктивноста преку изградба на трајни објекти, па уште се вози по патиштата на Хитлер и градбите не ни почнале да темнеат. За разлика од нив ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ ни го постави новокомпонираниот турбофолклорен барок кој експресно се распаѓа.

 Проектот „Скопје“ 2014 (п.н.е.) ги голта парите што граѓаните ги обезбедуваат преку даноците, преку порезите на имот и преку казните кои ги уплаќаат во општинската и во државната каса.
Ниту за една болница до сега, за ниедно училиште во Македонија не се одвоени толкави средства колку за налудничавите споменици и грдби од „преродбата“. Зарем не е логично „македонските патриоти“ најнапред да ги подмират потребите на граѓаните, па дури потоа да мислат на „националната“ шуплива „гордост“? Да ги пренасочеше владата во здравството досега ќе имавме супер опремени болници со суперплатени суперстручни лекари. Немаше тие да бегаат од земјава. Да ги пренасочеше истите средства во образованието досега ќе создававме сателити и ракети за во вселената, или ќе измислевме некое ново научно чудо. Да ги пренасочеа во инфраструктурни проекти, „барокококното“ Скопје немаше да се гуши во смрдеа и во загаден воздух бр.1 во Европа, а многу населени места ќе го решеа проблемот со вода за пиење, со пристапни патишта, со асфалтирани улици во нив, канализација, струја…

 Имитацијата на нацистичките градби од Хитлерова Германија нашиве простаци ја нарекуваат барок, а за него трошат пари како да се работи за нешто скапоцено и вредно. Барокот, за жал, се гради со материјали од врвен квалитет, со злато и скапоцени камења, со точен идеален сразмер заснован врз хеленистичките храмови и градби кои сè уште предизвикуваат воздишки и ја полнат душата! Нашиов, измамува воздишки само кај празните души. Стиропорот и армираниот бетон, малтерот „како мермер“, жолтата боја за која треба да си замислиме дека е златна, шкарт бронзата која потемнува за месец-два се наплатени најмалку 10 пати над својата вредност. Десетици милиони отидоа во накарадни фасади, а за нив накнадно се прават анекси за „непредвидени проблеми“ кои чинат уште толку.

 Колку за споредба изградбата на новиот супермодерен музеј на уметноста Лувр во Абу Даби чини 83-108 милиони евра! Зградата е околу 24.000 метри квадратни со мрежеста лебдечка купола, која ќе претставува зрачење на сончевата светлина низ урмини листови. Започната е само три години пред „Градската“куќа во Скопје, а нејзино отварање се предвидува веќе во декември оваа година (2015)! Направете споредба со ова технолошко-архитектонско чудо и „чудото“ во Скопје и веднаш ќе ви се разјасни!

 Минатата недела група граѓани протестираа против изградбата на Панорамското тркало. Задоцнет и сосема излишен протест. Протестираме против панорамското тркало, а молчевме за нагрдувањето на зградата на Владата (Поранешната ЦК на СКМ), за грдото нарушување на авторските права на авторот, но и за грдото силување на авторските права на авторите на зградите на централното градско подрачје и нивното преправање во антички циркус: Пелистер („Фуфо“), Метропол и Стоковна куќа, Ловец, МЕПСО, а веројатно на ред ќе дојде и Поштата… Целиот тој дел наместо да се реновира, оригиналниот изглед на зградите се претвори во новокомпонирана античко-фолклорна инсенија! Заборавивме да го кренеме гласот за нагрдувањето на градов со споменици кои повеќе наликуваат на нагледни средства од предметот историја отколку на уметност. Лудило до бесвест! Токму од таму потекнува дрскоста на владетелот да си прави што ќе си посака во градов и од него да направи селски панаѓур кој ќе наликува на сè, само не на градот Скопје. Во меѓувреме, додека тие протестираа, на ред за барокно новокомпонирано „руво“ стигнаа и куќите околу владата и „Шпанските скали“!

 Да! Македонските села се дават во калливи улици и септички јами, но тоа на преродбенициве не им е предизвик, а веројатно и нивните жители се пресреќни што имаат можност во туристички екскурзии да ја разгледаат барокната имитација во Скопје. Па што ќе им канализација и асфалт на улиците кога си го имаат барокококно Скопје и можноста да се гордеат што главниот ни град на државава станал „како Париз“! Што ќе им амбуланти и вода во домовите кога може горди да прошетаат низ скопскиот плоштад и да се чувствуваат „како да се на Трафалгар во Лондон“?

 Влезени сме си во филмот „Скопје сакаме да биде како Рим, Париз, Лондон…“ па од градов направивме каша. Тој наликува на сè, поточно на сешто, само не на Скопје ‒ главниот град на „суверена, самостојна, независна Република Македонија“. Во нејзина независност, наместо свои на своето, наместо свои македонски градби, увезуваме и проклето лошо копираме туѓи одамна мртви стилови и градби. Шпанските скали во Рим се изградени и платени од приватен џеб. Овие ги плаќа државата/градот бидејќи не може никој да ме убеди дека имаме толку богати поединци кои би можеле самостојно да ги изградат. „Амадеус“ ќе трошел во име на градот, ама на своја сметка!? Кому му фрлате прав во очите? Она, зданието кое треба да никне над скалите е мизерна копија на католичката црква Тринита деи Монти во Рим, а разни владини гласноговорници го убедуваат народот дека градиме „свои градби“и „своја иднина“! Та, нели православната македонска црква ни го сочувала идентитетот? Објаснете ми тогаш како е можно „својата“ македонска иднина да ја градиме со туѓо минато и со туѓ (католички) храм!?* Можеби објектот ќе биде именуван како водовод-музеј-храм-црква, но сепак нема да може да си го преправи ликот. После ќе пишуваат владините апологети дека не се работело за лудило!? Недостасува уште премиерот да ни прошета облечен како Наполеон, со круна и во царска туника, а Коце облечен во „градска носија“ како некој од градоначалниците на Париз од XVI век! 

*Напомена за злите јазици: немам ништо против ниедна црква и религија, па ни против католичката. Таа е спомната само заради патриотскиот занес на поединците на власт!

поврзан текст: НЕШТО КАКО ПАРИЗ, АМА СО ЛАЈНА

No comments:

Post a Comment