Monday, August 5, 2013

ИНВЕСТИРАЈ!



Земјава од осамостојувањето, до денес, тоне во сè поголема беда. Привидот на успешен просперитет го прават само поединци кои инвестирале во малверзации, поединци од власта кои се со посебни привилегии и вечно над законите, и такви кои се вработени во разните странски владини и невладини организации, од типот ОБСЕ, Каритас, РСИ и сл., кајшто платите се движат од 600 до 5000 евра, во зависност од позицијата во нив. 

 Најголемата и најисплатлива инвестиција кај нас е да вложиш во криминал, или во партиски пробив, поточно во пробив низ политичките води. 

Голем дел од оние кои поседуваат скапи возила, палати, лаптопи и модерни смартфони се „инвеститори“ со фиктивно богатство, кои преку одредени врски, или организации, (ги изземам оние кои добиле пари од своите роднини гастрбајтери) добиваат лабилни кредити од банките каде ја прескокнуваат обврската за нивното враќање, или, пак, истата обврска е со привилегии кои не важат за „обичните смртници“. За разлика од оние кои немаат да си ги платат комуналните сметки, ним никогаш нема да им дојдат извршителите на врата „заради некаков мочан кредит“, кој не го вратиле. За жал, токму меѓу најбогатите и политички највлијателните има најголеми неплаќачи на сметките за комуналии. Не ми верувате? Прашајте онаму каде редовно ги оставате парите за да не и‘ должите на државата! Можеби и затоа овие сподоби имаат толкав имот?! Штедат, па си имаат, а не како вас распикуќи редовно да плаќаат сметки! Прашајте некој мајстор, кому веднаш по поправката сте му платиле за сработеното. Нека не ве чуди неговата приказна за човекот кој живее во палата со неколку џипови во гаражата, а кој одбил да му плати „затоа што немал“. Таа е вистинита! Прашајте во туристичката агенција кајшто ваквите сподоби „инвестирале“ во 14-дневно ол-инклузив летување, а потоа одбиле да платат бидејќи газдата им е пријател. „Зарем за 1700 евра ми се јавуваш?! Та,не биди циган!“, е најчестиот одговор на неговото барање да му платат. 

 Има дури и такви кои се стекнуваат со ваквите богатства инвестирајќи во бланко меници издадени од партиите во кои членуваат. Тоа се всушност празни хартии на неодредена сума (си ја впишувате самите, по потреба), преку кои станувате должник на партијата, а кои е невозможно да му се издадат на некој обичен смртник. Овие луѓе поседуваат привидно богатство (заради огромниот долг во банките), но преку него создаваат богатства за своите потомци. 

 Вешт е нашиот народ во избегнувањето на обврските за враќање, па така ќе слушнете дури и приказна за социјални случаи кои имаат долг кон мобилните оператори од шест илјади евра!(?) Да! Ни помалку ни повеќе, туку 6.000 евра! Немаш пари за живеачка, но за мобилен ― мора да се најдат! Верувам дека „инвестирала“ во најнов ајфон, за да биде „ин“. Често се случува и луѓето да се задолжат „инвестирајќи“ на една адреса, а потоа вешто да испарат менувајќи го своето живеалиште на сосема друга адреса. Вештините се разни и спаѓаат во фондот на народната вештина „снаоѓање за преживување“, чии умотворини може да ги сонуваат жителите на западните земји. Само во Македонија можете да ја слушнете приказната дека имате плата од 200, а дека сте „особено мудри, итри, талентирани“ и „снаодливи“ да потрошите 400 евра од истата. 

Во оваа Чудесна земја воопшто не е за чудење кога ќе чуете дека некој тобако-бос, ган-бос, или некаков нарко-бос ги ужива сите привилегии во својата ќелија кајшто прима „надомест“ од 16.000 евра месечно, каде е главниот за пуштање на затворениците за викендите, каде поседува 5 смартфони, има скап лаптоп и неговиот суперлуксузен автомобил (сè уште во негова сопственост) крстари низ градот во кој живее, а неговите адвокати вршат „доброволен“ откуп на станови во центарот на градот во висина од преку 40.000 евра! Дури и изразот „бос“, кој се употребува да се обележат овие сурати, повеќе делува како да се работи за вреден бизнисмен, а не за закоравен криминалец. Си „инвестирал“ човекот, па сега си црпи од плодовите на своите инвестиции! 

Најголемата заблуда во Македонија се странските „инвестиции“ и приказната дека (при)добивката од нив е огромна за нашата земја, дека со нив ќе ни процвета државата. Уставот на РМ е јасен и недвосмислен: „странските вложувачи имаат право слободно да го изнесат вложениот капитал и добивката“! Мислите ќе се најде некој будала кој ќе го остави својот капитал во ваква луда каша? Кои се тогаш придобивките за Македонија од ваквиот капитал?! Очигледно, единствено можноста власта да се пофали со зголемен просек на плати и со виртуелен пораст на индустриското производство. Се работи за вештачки (лажен) раст, затоа што профитот заминува преку граница, а нам ни остануваат опустошени најубавите и најплодни земјоделски земјишта („Бунарџик“и сл.) што на ваквите пребогати компании, кои имаат пари да нè купат сосе партали, им се продадени за „цело“ едно евро за метар квадратен. Згора на сè овие компании се ослободуваат од сите даноци и давачки кон државата за неколку години однапред. Ваквата распродажба на државно земјиште тие ја прогласуваат за патриотски чин ― внесување на странски капитал во име на напредокот на земјава!? Ваквите вложувања ги прогласуваат за „странски инвестиции“!? 

Најсвеж е примерот на „генијалниот“ владин план за „унапредување“ на охридското крајбрежје со хотелскиот комплекс на Субрата Рој. Сите показатели говорат дека кредитот, со кој го има откупено земјиштето и со кој ќе гради, е издаден од една македонска банка, што во превод значи пресипување од шупливо во празно. Реалната слика која следува, ако започнат со ваквата градба е упропастување на целата област на езерото со „чудовиште“ кое го нема ниту во најбогатите земји. Охридското Езеро, влезено под заштита на УНЕСКО како природна убавина, сега дополнитрелно ќе се опустоши и загади (иако е веќе доволно загадено од нас самите), а сè започна со една слика на интернет од проектот на вештачко острво во Катар, под која пишуваше: „Охрид 2014 ― во инает на скопјани“! Тоа беше сосем доволно „патриотите“да влезат во транс дека градат некакво чудо-невидено! 

Наместо развој на домашна индустрија и земјоделството, нашите забегани владетели заговараат „странски вложувања“ од кои придобивките се минорни и недоволни за да го подигнат одамна починатото стопанство. Така не може ниту да се зголеми вработеноста, ниту стандардот, затоа што капиталот кој е присутен („инвестиран“) е испарлив и заминува надвор од земјава! Пред нашите очи е само илузијата на рајски просперитет. Живееме во неверојатно прекрасна фатаморгана!

No comments:

Post a Comment