Saturday, November 30, 2013

КАКО СТАНАВМЕ ОВЦИ



По повеќе од 22 години од почетокот на агонијата на Југославија, постојано се прашувам дали нејзините народи се воопшто свесни што сè изгубија. 
Од нејзиниот крај, па сè до денес, се пропагира од сите страни лажната теза дека таа била вештачка творба и дека неа ја создале комунистите, наведувајќи го како датум на нејзиното создавање 29 ноември, 1943, денот на одржувањето на Заседанието на АВНОЈ, што е апсолутно неточно. Оваа лажна теза се протнува намерно за да се најде оправдување за активното делување на нејзино уривање, оправдувајќи го тоа со „потребата од уривање на комунизмот“.
Ни се случи сосем спротивното ― останавме без држава, а најголемите девијации од истиот социјалистичко-самоуправен систем, грабежите на државните (општествените) имоти, корупцијата, митото, самоволието на политичарите и на локалните феудалци и шерифи (со „сиромашно работничко и земјоделско потекло“), не само што ни останаа туку и многу позасилено ги чувствуваме, во разуларена неконтролирана форма. Овие сиромаси, преку-ноќ претворени во газди со приграбување туѓ имот (криминал со размери незабележани во историјата), уриваат и газат сè пред себе!

Сè започна многу порано, со долгодецениско делување на нејзините противници, кои се активираат уште со почетокот на нејзиното создавање на 29 октомври 1918 кога е создадена Државата на Словенците, Хрватите и Србите, во моментот кога Хрватскиот сабор ги раскинува со државно-правните врски со Австроунгарија, со одржување на Народно собрание на Словенците, Хрватите и Србите и со создавање влада на чие чело застануваат д-р Анте Корошец (теолог, свештеник), д-р Анте Павелиќ* (не оној усташата, туку забар од Загреб) и Светозар Прибичевиќ (математичар и физичар) Србин од Хрватска кој ја застапувал тезата дека Србите и Хрватите се еден ист народ. Со истиот проглас повикаа на обединување во една заедничка држава, каде ќе си ги обезбедат основните права на опстанок.

Целата идеја за создавање држава на Јужните Словени е многу постара од создавањето на самата држава и ги има своите организирани зачетоци во Илирското движење чија крајна цел била создавање на едно Јужнословенско царство. Тука ќе ги најдете имињата на Људевит Гај, Јанко Драшковиќ, Станко Враз, Иван Мажураниќ, Драгутин Раковац, Људевит Вукотиновиќ, Фран Курелац, Павао Штос, Антун Немчиќ, Јосип Кундек, Иван Деркос, Антун Мажураниќ… Тие имаат два програми, едниот е минималистички, вториот максималистички: првиот ја застапува потребата од одбрана на националната независност и зачувување на државната целовитост; вториот – обединување со останатите Словени, најпрвин на Балканот, а потоа на поширок пансловенски простор. Најголемо влијание врз нив имаат Павел Шафарик и Јан Колар, а примери им биле Доситеј Обрадовиќ и Вук Стефановиќ Караџиќ. Илирците се залагаат дури и за обединување на книжевниот јазик на сите јужни Словени во еден официјален, оној на кој пишувале Дубровачките писатели (со штокавско наречје). Се залагаат сите јужни Словени да создадат книжевност со заеднички книжевен јазик и правопис, и да создадат единствено народно чувство. Идеја за која и денес се залагам! 

Идејата во Србија има три варијанти, кои за мене се прифатливи во секој облик и првата се залагала за обединување на Србија и Бугарија, како земји во кои живеат блиски, истородни народи.Втората избива во „Начертанијата“ на Илија Гарашанин, таен „програм на надворешната и национална политика на Кнежевството Србија“, кое за крајна цел имаат создавање на јужнословенска држава, и третата на адвокатот Светозар Милетиќ која промовирала создавање Балканска Федерација, за мене ― најприфатливото решение за вечен мир на овие простори! Кај Јужните Словени под Австроунгарското царство, првата идеја застапувала формирање на југословенска независна единица во оквири на самата Австроунгарија во форма на тријалистичка монархија, а втората застапувала создавање независна југословенска држава.

Главните противници на сите овие идеи (до денешен ден) се надворешниот фактор, пред сè интересите на големите сили, истакнати низ наводните интереси на новосоздадените балкански државички, кои секогаш во корен се раководени од интересите на Русија, Германија, Англија, Франција, Италија, и во последно време интересите за светска доминација на САД.

Државата на Србите, Хрватите и Словенците (29 октомври 1918) е рожба на остварување на идејата за југословенството. Таа е зачеток на обединувањето, осамостојувањето, самобитноста, сувереноста на јужнословенските народи. За мене, оние кои имаат искрено југословенство во себе треба да го празнуваат тој ден како свет празник. Кралството СХС е објавено на 1 декември 1918 година, а неколку години подоцна на 3 октомври 1929 со Законот за поделба на Кралството на управни подрачја е прогласено Кралството Југославија. Административната поделба до април 1922г. била на седум привремени покраини: Словенија, Хрватска и Славонија, Банат, Бачка и Барања (Војводина), Босна и Херцеговина, Далмација, Северна Србија и Јужна Србија. Подоцна, наместо покраини и окрузи, формирани се 33 области! Во 1929 областите се укинати и одлучено е Југославија да се подели најнапред на 10, а потоа на 9 бановини: Дравска, Хрватска (најнапред како Савска и Приморска бановина), Врбаска, Дринска, Зетска, Дунавска, Моравска, Вардарска, и како посебна градот Белград со Земун и Панчево. За мене ова е идеално решение за југословенството, затоа што само делумно било поделено според етничката застапеност. Како што гледате наместо според реките, Хрватите набргу добиле привилегиран статус и ексклузивитет името на бановината да им го задржи националниот елемент. За жал, ниту ова не ги смирило националните страсти секогаш разгорувани и поддржувани од големите сили.

Денес, повеќе од сигурно е дека токму квазикомунистите (реално национал-социјалисти, поточно луѓе кои никогаш не ја сфатија глобалната ширина на комунистичката идеја), што ги запоседнаа врвовите на републичките централни комитети и на самиот врв на партијата на сојузно ниво, се главните и најголемите виновници за нејзиниот крвав крај, не сфаќајќи ни до денес што таа претставуваше за народите кои живееа во неа. Доказ дека тоа е точно е и фактот дека нејзиниот почетокот на крајот беше токму пропаста на Сојузот на Комунистите на Југославија на нивниот последен XIV вонреден Конгрес. Самото уривање на СФРЈ, започна многу порано со масовен наплив на квазикомунисти, луѓе кои влегуваа во членство исклучиво од лукративни побуди и со активно делување на странските разузнавачки служби преку нив. Планот за уривањето на Источниот комунистички блок, меѓу кои е внесена и СФРЈ, е создаден од ЦИА уште во 1948 и е именуван како План-Х. Планот предвидува испраќање оружје и финансиски средства на контрареволуционерните групи во источна Европа. За таа намена формираат фонд од повеќе десетици милиони долари за подршка на антикомунистичките елементи во овие држави. Бројни се терористичките и диверзантските акции превземани против СФРЈ во периодот од 1948 до 1992. Во 1976 година Би-Би-Си емитуваше емисија со наслов „Игра на мирот“ и глеј чудо, истото сценарио се оствари во активностите на сепаратистите на Косово од 1981 до 1989. Истото сценарио се повторува во книгата „Третата светска војна“,пишувана од Џон Хекет, пензиониран генерал на НАТО, но и во воена вежба која започнува раководена од еден бункер 300 метри под земјата,токму како бунтот на рударите во „Стари трг“. Во почетокот на осумдесетите постои футуристички филм „Како би избувнала нова војна во Европа“ во кој, камерата зумира на карта од Европа токму на Балканот, на Југославија и завршува на Косово. Каква неверојатна случајност!? Постои и план од почетокот на ’50-тите години според кој сè требаше да започне на Косово, потоа да премине во Хрватска и Словенија. Шокантна и „сосема случајна“ подударност е што во Хрватска, како места каде треба да започне војната, се наведени токму оние места каде што избија првите оружени судири: Пакрац, Плитвице, Борово Село… Подударности има и во делот за Босна и Херцеговина: Сараево, Љубушки, Читлук… Патем, за уривање на комунизмот во СФРЈ, ЦИА трошела преку два милиони долари годишно, а регистрирани се преку две илјади нејзини соработници, во голем дел во самата државна безбедност, во самиот нејзин политички врв, меѓу директорите на општествените фирми и меѓу јавните личности.

Токму таму, во Службата за државната безбедност, ЦИА ќе си најде најпогодно тло за дејствување преку разни квазилиберални групи во самиот државен орган, застапници на лажни демократски начела кои работеа во интерес на разбивање на единството на државата водени од желбата за пари и сопствениот тесноград локалпатриотизам. Сите тие беа членови на републичките сојузи на комунисти (често и раководители на партиските организации во самата служба), многу поблизу до идејата на национал-социјализмот, маалски локалпатриоти, лажни дисиденти никогаш не доближени до комунистичката идеологија. Водени од егоистични лукративни интереси, заслепени од сопствениот квазинационализам, овие личности активно соработуваат со ЦИА, ДИА и НСА (активно вклучени во граѓанската војна во Југославија, многу пред нејзиниот почеток) во одредени клучни моменти кога беше потребно да се разбие сојузната држава пласирајќи дезинформации и организирајќи посебни паравоени единици од самите републички служби за безбедност и од единиците на Територијалната одбрана, ставајќи ги под своја контрола. Од овие комбинирани единици на ТО и републичките служби на безбедност беа формирани првите паравоени републички единици во сите поранешни југословенски републики со задача да им се спротистават на сојузните органи и на дејствијата на ЈНА за да ги оневозможат во своето делување. Дека е тоа така, потврдува и Павле Трајанов, пратеник и екс-министер, некогашен претседател на Младината на Правниот факултет и на Младината во МВР (се гледа дека бил „подобен“), а подоцна и член на наводната „либерална“група т.н. „осумтемина“ од РСВР (која „ја донела демократската пролет во Македонија“), во својата изјава за „Дојче Веле“(7.10.2011): „Во тоа време Генералштабот на ЈНА знаеше за нашите планови да ги апсиме југогенералите, да ги блокираме становите на воените старешини, касарните, да изведеме луѓе на улица, а бевме и наоружани за евентуален судир. Но во МВР тогаш имаше и американски специјалци кои, заедно со нас, подготвија план за експресен десант на американски војници кои би обезбедиле тампон зона со Србија доколку се реализираа заканите против македонското раководство и самосотојна држава. За овие разговори, планови и договори, не знаеше тогашното државно раководство зашто постоеше опасност да се открие американскиот план за заштита на Македонија“. Човекот кој експлицитно признава соработка со тајни странски служби сега раскажува бајки за својот патриотизам и труби за „правниот основ“ на лустрацијата, за заштита на сведоци и сл.!?

Во самиот распад активно учество зедоа тогашни директори на Општествени претпријатија, гледајќи ја својата шанса за лесно и експресно создавање свои економски империи. Имињата на Љ.Иванов-Ѕинго, Илија Камчев, Трајче Мукаетов и сл. ќе станат синоним за патриотскиот грабеж. Слични сурати како нив има во сите поранешни југословенски републики. Не, нема да ви говорам што сè изгубија народите во СФРЈ! Сетете се само дека на одмори одевте на најмалку 20-тина денови, а сега (поголемиот дел) одите најмногу на десетина дена. Сетете се дека вам ви доделуваа општествени станови, сега не можете ни да помислите да добиете стан, освен ако не сте партиски активист во некоја од „политичките партии“. Самите тие партии се претворија во институции за добивање моќ и за богатење.

Сите народи на поранешна СФРЈ слепо тргнаа кон идејата која ја прогласија како идеал за остварување на будалаштината наречена „осамостојување“. Впрочем, ниту една од поранешните ЈУ-републики не оствари целосен суверенитет и самостојност, ниту приближно колку тоа беа во СФРЈ. Народот во ниту една од нив не живее подобро од времето на социјализмот, само нивните политички раководства и нечесно збогатени „газди“ кои државниот (работничкиот) имот го добија за беспари! Кај нас, дури и земјиштето си го приватизираа за „цело“ 1 евро со одлука на Владата.

Наместо сувереност, самостојност и национална афирмација, денес си го губиме идентитетот. Денес, нашите деца подраго говорат англиски, германски и француски, отколку на јазик на некој од сонародниците. Многумина не можат да излезат од земјава, да отидат некаде на одмор, заради невработеноста. Затворени сме во торови. Најголем губиток од уривањето е оној економскиот. Наместо трговија на пазар со 20 милиони, Македонија се сведе на пазар од 2 милиони можни купувачи. Сонуваме за здружување во ЕУ, економска унија која ќе нè исцеди до последна капка, но секогаш кога некој ќе повика на Југословенско обединување, или на Балканска унија, добива удари како да е најголем непријател. 

Кога друг пат ќе ми раскажувате за „вештачки создадената“ Југославија и за „ѕанданата на народите“ сетете се што добивте, а што изгубивте со нејзиното уривање! Не ве прашувам кога ви беше поубаво, одговорот го знам и без да ми одговорите! Сетете се само како успеавме да се претвориме во овци кои весело го чекаат стрижењето на секои избори! Негативно ќе ми одговорат само оние кои и денес, како и тогаш, повикуваат на национален раздор.

*поврзан текст: http://ajvandoktor.blogspot.com/2013/12/blog-post_15.html

No comments:

Post a Comment