Sunday, December 15, 2013

ПАСИШТЕ



По осамостојувањето и по дводецениското тапкање во место, се поставува прашањето, дали ни е подобро од тогаш? Дали сме послободни од некогаш, во „ропскиот“ и „црн комунизам“? Што со Македонија? Таа токму во таа Југославија („зандана на народите“, како обожаваат да ја нарекуваат „патриотите“), стана држава со сите свои атрибути, а македонскиот народ признаен со сите свои карактеристики и особености, со свој јазик, свои училишта, своја власт, свои закони, свои судии, своја полиција, свои адвокати, дури и своја црква, за која некои (ново)„верници“ тврдат дека им било забрането да ја посетуваат.


Во неа силно делуваа странските разузнавачки служби, а во периодот после осамостојувањето, особено по поставувањето на Доста Димовска за директор на Службата за контраразузнавање, Скопје наликува на Истанбул, или како Каиро во време на и непосредно по Втората светска војна. Македонија стана место каде овие служби делуваат непречено, па дури и дел од домашните нивни соработници отворено се фалат дека соработуваат со нив, како што тоа го направи П. Трајанов за „Дојче Веле“, некогашниот „дисидент“ („осумтемина“) кој цело време бил на некоја функција, дури и претседател на младината на Факултетот за државна безбедност, а потоа и претседател на младината во МВР. Особено се активни ЦИА и БНД, преку своите домашни испостави на соседните ШИШ и ДАНС, дејствувајќи преку личности на врвот на политичките партии и на државата, преку одредени фирми, но и преку разни „невладини“ организации и фондации од типот на „Конрад Аденауер“. Во времето на уривањето на Југославија, овие служби делуваа активно преку своите испостави во политичкиот врв на земјава кои беа нивни главни гласноговорници, особено преку раководните службеници во тогашната републичка Служба на државна безбедност.

Токму републичките служби на државната безбедност беа први разбиени и станаа главните носители на дезинтегративниот процес на СФРЈ. Овие беа активни и „подобни“ членови на Сојузот на комунистите, партиски секретари и извршители, кои подоцна со крајот на СК само се дисперзираа низ новонастанатите политички партии врз национална, наместо како што му доликува на едно демократско општество, врз граѓанска основа. Овие партии станаа преплавени со лица кои веќе се истакнале и активно учествувале во разни сепаратистички активности, но најчесто со луѓе кои своите криминални дејанија (меѓу нив дури и силувачи на малолетни деца) ги прогласуваа за делување во име на македонската, или албанската, кауза. Ваквите лица, денес, ќе ги сретнете задскриени зад поимот „политички дисиденти“, иако никогаш не говореле во име на зголемување, усвојување и подобрување на демократските идеали и процеси во државава туку напротив, секогаш настапувале со особено силна национална исклучивост („сатари за Шиптари“„ќе колеме каури“и сл.) воздигнувајќи ја сопствената нација, или прогласувајќи ја за загрозена. Меѓу нив нема да пронајдете ниту еден кој се залагал за поголема демократија, или за некакви индивидуални човекови права и слободи, ниту за некаква слобода на изразување. Тоа се лица кои никогаш не успеале да ги раздвојат своите слепи ригидни национал-шовинистички ставови од ортодоксниот псеудосоцијализам (всушност прикриен национал-социјализам) кому секогаш му се приклонувале како на главна идеја водилка, догма од која не отстапуваат ниту денес, затоа што никогаш не ја разбрале суштината на вистинскиот социјализам. Она што е трагично, тие не го разбираат ниту граѓанскиот традиционализам, ниту демократијата, новоусвоените „идеологии“ и „принципи“ зад кои денес се кријат.

Дејстрвата на најактивните служби од двете соседни земји е најчесто раководена со готови, однапред спремни соопштенија, преку свои соработници и особено преку активно помагање на криминално-субверзивните активности со парични средства, а во случајот со западниот сосед и со оружје и софистицирана телекомуникциска опрема, најпрвин од кинеско, а потоа и од американско-западноевропско потекло внесени најслободно преку решето-границата.

Две работи се сосема јасни уште од самиот почеток на сецесијата („осамостојувањето“) од СФРЈ. Тие многу добро знаеа што ќе постигнат со своите активности. Беа свесни дека Македонија ќе стане ослабена и без можност за сериозна воена одбрана. Јасно им беше дека без ЈНА земјава не може да има ниту армија способна да ги контролира своите граници. Сосема свесни дека тие ќе станат нечувани и идеално порозни, а со тоа и целата нејзина територија останува незаштитена. Дури ни единиците на органите за внатрешни работи кои ги заменија граничните единици на поранешната армија, а кои денес претставуваат далеку помоќна и далеку подобро вооружена и опремена сила, не се во можност да ги спречат илегалните упади на ситните шверцери на наша територија, а не, пак, на некоја поорганизирана воена сила. Доказите за ваквото мое тврдење се  слободниот шверц на дрога и оружје преку границите, но и со бело робје, кој се одвива непречено особено во пограничниот појас со Албанија и со Косово заради конфигурацијата на теренот. Ова особено дојде до израз со војната во режија на ЦИА и НАТО на Косово и Метохија во 1999 година, кога Македонија остана неспособна да ги затвори границите под мотото „хуманитарен коридор“ за заштита на наводните бегалци, но и во 2001-та, кога не успеа да ја спречи наездата на здружени албански паравоени формации на Албанци од Македонија, Косово и од Албанија. Таа не успеја да ја спречи ниту наездата на паравоени формации на теренот на Шара, ниту, пак, на Карадаг, области во кои непречено со месеци пред тоа слободно ги увежбуваа своите воени активности. Долгомесечните вежби на терористички групи со „кодно“ име „ослободителна војска на Косово“ на Шара, при што нашите власти се правеа слепи, убедувајќи нè дека некаква група ловци вежбала гаѓање, беше само јасен знак за она што ќе следува ― пушкарењето од 2001-вата. Нешто слично ни се случуваше пред само една година. Низ одредени портали и весници проструи вест за тоа дека во близина на Скопје (во пределот кај Смиљковци) слободно се движи паравоена формација. Недела дена подоцна на истиот предел беа сурово егзекутирани четири момчиња на возраст од 18-21 година како и еден повозрасен човек од 45 години. Случајот, причините и мотивите на убијците останаа неразјаснети до денес, а посебна магла врз целиот настан намерно фрлаат токму најголемите „македонски патриоти“.

Под рака на ваквите состојби им одеше власта (од двете најголеми македонски партии), особено луѓето од самиот врв на државата, кои се всушност најголемите предавници и виновници за состојбата во која сме, започнувајќи од наводната „експертска влада“ составена претежно од испоставата на ВМРО наречена МААК, па сè до денешнава, која непречено работи на разнебитувањето и измената на македонскиот идентитет до степен на обезличување. Преку нив е очигледно инволвирањето на една од заинтересираните страни, која едвај дочека прва „братски“ да ја признае и прегрне во своите прегратки новоодвоената југословенска република.

Странските обавештајни служби многу добро знаеа што ќе се случува по сецесијата од Југославија. Ним свесно им помогнаа токму најголемите (умислени) патриоти.

Македонија денес е земја со разурнат интегритет. Дел од државата е под контрола на албанската мафија, а останатиот дел е во сопственост на бугарската. И двете се во служба на нивните разузнавачи. Границата меѓу двете влијанија е токму по линијата на поделбата од периодот на Втората светска војна. Потполно идентична со онаа од тоа време. Резултат, државните органи немаат, или само делумно имаат контрола врз територијата под нивна власт, што е особено изразено во делот под албанска доминација. Таму, само делумно важат законите на оваа држава. Тоа е силно изразено и во главниот град. Во делот преку Вардар, штом го минете Камениот Мост, во Чаир, дел од Гази Баба, како да владеат сосема други закони, што е приметно дури и во важењето на сообраќајните правила. Истото се случува во Гостивар, Тетово, Кичево, Струга, Дебар... Во Куманово, тутунскиот (ако не и нарко) бос Бајруш сè уште поседува улица на која има рампа и која не е отстранета, иако „босот“ е неколку години во затвор, а воопшто не ме чудат ниту информациите дека тој располага со неколку смартфони и интернет конекција преку која го контролира својот валкан бизнис, па дури и ги одредува отсуствата на затворениците, а неговиот адвокат откупува станови и дуќани во строгиот центар на градот во кеш, нудејќи често суми над четириесет илјади евра.

Од круцијално значење беше моментот кога за прв пат дојде ВМРО на власт, директно финансирано и пропагандно потпомогнато од „мајка“ Б’лгарија, што отворено ми го призна еден нивен висок раководител. Моментот кога Доста стана министер за внатрешни работи, а потоа и главен разузнувач, службата за безбедност и онаа за контраразузнавање е урната до темел. Доказите се бројни, а главен настан е пребегот на нејзиниот внук во Бугарија со купишта доверливи документи и со потполн список на македонските разузнавачи.

Најновите докази за отвореното делување на ШИШ и ДАНС е и поставувањето на командант на УЧК за министер за одбрана и за командант на АРМ, појавата на развиорени албански знамиња во касарните низ македонските градови, двојазичните натписи на албанска кирилица („Конгресит и Манастирит“), како и „желбата“ на дел од професионалните војници да се вработат во Бугарската армија. Потоа веројатно треба да очекуваме да нè бранат. Укината е и обврската за служење воен рок што посочува дека сме оставени на милост и немилост на евентуални можни окупатори без никаква шанса за спротиставување, или организирање било каков посилен отпор. Сето ова се случува во време на „најголемите патриоти“. Посебна приказна е уривањето на економијата, огромната презадолженост, како и градењето непродуктивни украси за китење на некрополата „Скопје 2014“. Напразно се потрошени огромни средства за безвреден псеудобарокен кичерај кој се обидуваат да го претстават пред неписмениот плебс како „врвна уметност“ користејќи ја националната заслепеност.

Мизерно делува приказната за прогонот на некакви новооткриени „странски шпиони“ кои „наводно издавале строго доверливи информации на странските тајни служби“. Акцијата „Шпион“ е очигледен прогон на политички противници, прогон на луѓе кои имаат податоци за сегашниве владетели. Таа е отстрел на неистомисленици.

Македонија е на колена. Прашање на мигови е кога тоа ќе ни го објават!

*поврзан текст: http://ajvandoktor.blogspot.com/2013/11/blog-post.html

1 comment:

  1. Mitko mi e partizansko imeApril 24, 2014 at 7:49 AM

    Neodamna doznavme deka Nikola Klusev bil na robija na Goli Otok. Ova otvora mnogu prasanja Zosto bil tamu? Dali tamu bil vrbuvan za da bide podmetnat kako spijun na jugoslovenskata (srpskata) sluzba kako premier? Dali nego go podmetnal Mijalkov Senior?

    ReplyDelete