Wednesday, January 25, 2012

ЗА ТАЈНИОТ ЧОВЕК И ЗА ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ



Како и во реалниот живот, така и на Фејсбук — едни ви се пријатели, а некои се таму само за да проверат кои сте, што сте и до каде сте, иако слабо, или никогаш не комуницираат со вас. Тука се, само за да ѕирнат што сте ручале, што сте имале за доручек, дали сте воделе љубов со жена ви, или можеби повеќе преферирате да ја возбудувате швалерката… Кога ви е најтешко ретко ќе ве сослушаат и тешко дека некогаш воопшто ќе ви помогнат, но, кога треба да ја отворат устата за вас, тогаш се први. Секогаш се подобро упатени за вашиот живот дури и од вас самите! Ги знаат и најситните подробности од вашиот живот, па дури и оние за кои никогаш и воопшто не сте ни сонувале.

Friday, January 20, 2012

МИЛЕНИУМСКИ УБАВИНИ




Влегов во оној ретро-Милениумски-крст автобус. Пристигна на автобуската станица целиот во кал ― од долу, па до вториот спрат. Црн и сив, со додатоци на црвената. Каков прекрасен начин да се привлечат туристи! Очекував дека барем внатре ќе биде нешто подобар,но и таму сликата потполно иста, кал и ѓубре на подот колку сакаш. Земав билет и седнав. Ечи новокомпонирана музика. Оваа, велат, е уметнички повредна од оној увозен турбофолк. Ма, каква Цеца! Има ли нешто подобро од Сузе Национале, или од… Како ли се викаше само? Пред мене,еден господин, облечен во капут и со шешир (не се ни обиде да го симне од главата), почна да си ги истражува внатрешните богатства на својот нос. Успеа да извади парче „руда“ од таму и веднаш почна да го обработува со прстите правејќи топче.

Friday, January 13, 2012

„ГРАЃАНСКА“ ЕСТЕТИКА




Утро е! Петок 13-ти. Едвај чекам да видам каква нова глупост ни смислил владетелот. Како тргнало, почна да ми станува страв и да се разбудам. Покрај сите глупости што ги прави оваа власт во обид да му се допадне на народот, еве ја и најновата: „Изберете го новиот лик на зградата на Илинденска б.б.“, велат. Владата и граѓаните ќе ја бираат новата фасада. Поставија и анкета на сајтот на владата: „Од причини што се работи за проект и решенија кои беа надвор од Програмата за работа на Владата“, усвоена во Собранието, бараат финална оценка и потврда од страна на граѓаните за своето лудило. Оценката ќе била од значајна корист за стручната комисија при натамошните постапки, велат.