Friday, January 20, 2012

МИЛЕНИУМСКИ УБАВИНИ




Влегов во оној ретро-Милениумски-крст автобус. Пристигна на автобуската станица целиот во кал ― од долу, па до вториот спрат. Црн и сив, со додатоци на црвената. Каков прекрасен начин да се привлечат туристи! Очекував дека барем внатре ќе биде нешто подобар,но и таму сликата потполно иста, кал и ѓубре на подот колку сакаш. Земав билет и седнав. Ечи новокомпонирана музика. Оваа, велат, е уметнички повредна од оној увозен турбофолк. Ма, каква Цеца! Има ли нешто подобро од Сузе Национале, или од… Како ли се викаше само? Пред мене,еден господин, облечен во капут и со шешир (не се ни обиде да го симне од главата), почна да си ги истражува внатрешните богатства на својот нос. Успеа да извади парче „руда“ од таму и веднаш почна да го обработува со прстите правејќи топче.
До мене, госпоѓа облечена во крзнена бунда ја навали главата и плукна сочна ’рканица на подот, а потоа почна да ја размачкува со чизмите правејќи кружни движења како да се обидува да ја избрише, или да ја доразмачка. Се спремила за на Крсто’, ми вели гордо. Другиот, до оној сопственикот на рудникот почна да си потпевнува една од песните: „Слу-шај бре кра-лу, кра-лу Алек-сан-дар…“. Не! Не е за Александар Великиот. Песната да ти била посветена на „патриотот“ Черноземски, шоферот од Велинград. Ех, да! И мене ме облеа топлина во градиве. Чувството е исто како да сте во Лондон. Па, добро, скоро исто! Мала е разликата! Таму „глупавите“ Англичани отвориле книги и читаат, нашиве, исто можат да се прават англичани и да отворат некоја книга. Не мора ни да читаат, слободно нека ја држат во рацете отворена, барем многубројните странски туристи да ги залажат и во еден миг да помислат дека се наоѓаат во Лондон! :0))


Ете, на една станица се качија внатре некои основци и онака, уште недовлезени и забревтани, вцрвенети во образите и со санки во рацете, им приоѓа контролор од ЈСП им бара билет. „Па знаете ли вие дека веднаш треба да извадите билет!“, им се развикува, а црвенилото веднаш им се претвора во бледило. На мојот протест да ги остави на мира затоа што сега влегоа, тој ми се врти и онака дрско вели да го оставам да си ја работи работата. „Знаете ли дека не смеете со санки?“, ги прашува. „А, може ли со скии?“, продолжувам со боцкањето, но се прави глув и не ми обраќа внимание. 

Стигнувам на Средно Водно и го прашувам за времето на последниот автобус кој оди надолу. „Има напишано на прозорецот однадвор“, вели возачот. Слегувам од автобусот. На прозорецот секаде црнила, и еден избришан дел со испечатено парче хартија, далеку од лондонските итинерарии. Пред нас е жичницата, засега единственото нешто солидно и квалитетно направено од циркусот „Скопје 2014“, но единствено заради фактот што го граделе Австријци. Делумно изградените 1.750 метри,од проектираните 3.500 оставени за доградба на некое идно време заради недостиг од пари, добро функционираат. Чекам во нередот за влез во една од гондолите. Секој, преку секого, колку да се знае дека не сме во Кицбил!

Излегувам на платото крај „Милениумскиот крст“, првото „чудо над чудата“. Сè уште не можам да му ја разберам поентата. Во што е „милениумот“?! Грдотијата некому му е убава заради формата на крстот, или заради шеесет и шестте метри височина?! Купишта фрлен метал и армиран бетон. Недограден, без ознаки за правец, или нешто што може на него да се види. Околината од неговата десна страна потсредена, од левата кај стариот планинарски дом, препуштено на природата. Менталитетот и тука ровари, па ги остава своите траги вон поставените канти, оставајќи го шутот надвор од нив. Купишта ѓубре, а кантите празни. По извесно време ме совладува студот и се обидовам да се згреам, барајќи некое ресторанче во објектот и влеговам низ главниот влез. Внатре, истиот призор. Ладно, купишта ѓубре и хартии разнесени низ просторот, омоти и кеси, откорнати жици, недоофарбани таваници и столбови… Вистинска туристичка идила! Бегам безглаво низ снегот и се напикувам во гужвата од планинарскиот дом „Даре Џамбас“. Нормално, традиционалното чајче со рум ми ја загрева полека душата.

На враќање, пред мене повторно се нацрта оној со капутот и повторно го вкопа прстот во својот нос, а уште не сме ни тргнале. Овој пат навлезе подлабоко во ноздрите. Помислив, сигурно многу го чеша мозокот одвнатре, кутриот! Почна да прави кружни покрети внатре во ноздрата, најверојатно за да го собере благото од сите страни. Извади нов материјал и повторно почна да го тркала меѓу прстите. Наеднаш ми дојде идеја за бизнис. Кој знае, можеби има начин да почнеме да ги извезуваме топчињата? И онака владата прави кампања „за креативност“и поттикнување на претприемачкиот дух. Ш’о ќе прајме вино, кога може да пра’име уметност! Имам 8 долари, па може и јас да се обидам, како оној во Јапонија ш’о му ја раскажал сказната за својот успех на нашиов пастир. Може многу бргу да почнам да го ширам бизнисот и надвор од нашата земја. Ех, кај ќе ми биде крајот!

No comments:

Post a Comment