Sunday, April 21, 2019

НАКРАТКО ЗА ПОЛИТИЧКИОТ НЕПОТИЗАМ И ФАМИЛИЈАРНАТА ПОВРЗАНОСТ КАЈ НАС



Кај нас излегува дека и политиката и функциите се дел од непотизмот и роднинските цревни поврзаности. Не знам зошто потоа им се чудиме на вработувањата по родбински, пријателски, кумски и кумашински принципи.

За оние кои не знаат, нека се сетат дека Гордана Сиљановска – Давкова е снаа на поранешен функционер од времето на социјализмот (учесник во НОБ од 1943), беше и претседател на Сојузот на Синдикатите во ’70-те, а син ѝ, кој го носи името на нејзиниот свекор, станал во 2011 година член на Управниот одбор на Хидросистемот „Злетовица“ со дупол мандат, кој Грујица „наш“ му го продолжил во 2015 година („Службен весник на РМ“, од 1 февруари 2016, бр. 16). Нека се сетат дека самата таа беше дел од Владата на РМ во 1992. Нека се сетат дека вујче на бегалецот Грујо, а татко на Мијалков е Јорданчо, поранешен комунистички функционер (поточно комуњара) претставник на југословенска фирма во Чешка и
поранешен министер за внатрешни работи во владата на „суверена и самостојна Република Македонија“ („привремено“ нарекувана од сите во ОН како FYROM). Братучедот на Грујо, Саше беше најнапред во Министерството за одбрана во секторот одбрана и разузнавање, па стана шеф на УБК (во превод: бетер од УДБА). Киро Глигоров е шура на Михајло Апостолски и учесник во НОБ од април 1944, а Михајло Апостолски му е зет на Киро Глигоров. Апостолски е врската која го покрива К. Глигоров по април 1944 и го прави (поточно: преправа во) партизан и комунист. Велат дека дедото на Киро Глигоров е прадедо на Рада Шеќеринска... (потврдено од Кабинетот на поранешниот претседател). Да не ги спомнувам останатите Ченто-Менто (Илија Андоновски, министер без ресор во „експертската влада“), Црвенковски, не Бранко - оној мангупот и шизикот, туку Стево синот на Крсте, па Јане Миљовски синот на Кирил и на поранешната социјалистичка министерка за култура... (*слободно додајте ги останатите на списокот).

Оттаму, во Македонија е доволно да имате пробивен свекор, вујко, кум, кумашин, зет, шура, баџанак, дедо, татко, мајка, за да станете професор, претседател, премиер, министер, раководител, функционер... Да не зборам за оние кои уште додека мокреле во гаќи станале првоборци и херои... За Трајче Мукаетов, Илија Камчев, Љубисав Ѕинго, кои станаа сопственици на ОПШТЕСТВЕНОТО РАБОТНИЧКО богатство, за ич пари... Сè сами таленти невидени, такви - мајка не раѓа повеќе. Како да нема други во земјава!

Бев сведок кога од 800 хонорарци во МРТ (додека работев таму) кои ги повикавме на штрајк заради доцнење на 15 (кај некои и повеќе) месеци, излеговме да протестираме само 20-тина. Знаете кое беше образложението на оние што не излегоа на протестите? „Ако излезам ќе ги отпуштат Мама или Тате, (а кај некои и Мама, и Тате, и Бате, и кој уште не...)“. (!?!?!) И така си останавме со хонорари кои секогаш доцнеа, без здравствено, без пензиско и без признаен стаж.

Е, сега, кога сите овие цревни поврзаности ќе ги префрлиме во државни институции, не треба да се чудиме зошто не ни оди! Не треба да нè чуди зошто нема судска разврска на очигледните криминали. Та, зарем ни требаат докази за тоа кога стиропорот некој ќе ви го наплати како да купувал и уградувал скапоцени камења во него, или кога безвредноста ќе ви ја наплати десетина милиони евра, а потоа, после само година дена, ќе ве убедува дека ви поставил „традиционална македонска култура и уметност“ низ градот? Ене ги! Се уште стојат низ градов! Истата состојба е во судството (од оца остануло сину, од мајке - кќерки), во здравството, во образованието, во полицијата, одбраната...

Нас, ќе нè уништи менталитетот, а не промената на името, не „фашизоидните“ Грци и „клетите“ Турци, Срби, Бугари, Албанци, НАТО-алијансата, европските империјалисти, светските заговори против „најумната“, „најстарата“ и „најпаметната“ нација на светот.

Напред Македонијо, во Европа и отаде Европа!

No comments:

Post a Comment