Sunday, December 15, 2013

ВЕЧНА КУЌА НА ТЕМНИНАТА



Претствата уште на почетокот бледо го наговестува она што подоцна преоѓа во гротескно лигавење кон владетелот. Во целина, таа е зенит на една општеприсутна нацистичка еуфорија, јасен печат на духовната бедотија во која заглавивме со оваа полуписмена багра на власт! По својата суштина не е ништо друго освен една ординарна бледа шовинистичка фарса. Уште од првиот момент јасен е впечатокот дека вешто го прикрива тоа чувство. Авторот на пиесата со неа зема активно учество во агитпропот на нашиот „современ“ барокен националсоцреализмус. Уште на почетокот ве обзема чувството дека присуствувате на едно само навидум уметничко дело, кое подоцна, како што се развива дејствието, ги поприма сите атрибути и сосема јасно се одредува како (умо)болен антикомунистички изблик во име на „големиот“ македонски патриотизам.
Ќе бидете заслепени со мноштвото светлосни и сценски ефекти. Гледате како во транс сè додека полека не станете свесни за намерата на тандемот Пројкоски-Плевнеш. Некако стана модерно, во македонската новокомпонирана еуфорично-нацистичка псевдоуметност да се прави паралела со еврејската голгота и со далечниот Израел на истите оние кои едно време се поврзуваа и се соживуваа (идентификуваа) со Палестинците. Најавено како импресивна, таа станува таква само по емотивниот набој со кој се прави паралела на еврејскиот библиски егзодус (εξοδος) со егејскиот. Сега, веројатно осознаени за тоа кој го „врти“ светот, сè повеќе се обидуваат да ни укажат дека егејскиот пат кон истокот, во организација на оние кои ги критикуваат ― Комунистичката интернационала, за спас од гладтта на илјадници деца (меѓу кои и на мноштво Грци, припадници на ЕЛАС и ДАГ), бил „нацистички прогон“и „егзодус“од родната грутка роден во огромната вродена грчка омраза и нетрпеливост кон еден народ. Ваквата аналогија ја трогна власта (распослана по вип-ложите) до сржта. „Е, Ефреме! Ти како експерт по меѓународно право успеа да ја вратиш куќата на Еврејката Стела, но не и нашите имоти во Грција“, ја разложуваат теоријата родителите на едниот од накарадните ликови во претставата. Претставата, дочекот на „елитата“ од страна на „домаќините“, гардеробата на присутната публика, наводниот гламур на накитените светликави фустанчиња и на наконтената господа, сето тоа станува карактеристичен изблик на една неонацистичка новокомпонирана естетика. Ете ги, стануваат на нозе и еуфорично ракоплескаат.

Дејствието започнува со една порака во далечниот Ерусалим дојдена од новиот „западноевропски“, дека во тој новокомпониран „Ерусалим на западот“, во „слободна, самостојна и независна“ Република Македонија (потенцирано најмалку дваесетина пати во пиесата) „парламентот“ донел закон за враќање на одземените имоти од национализацијата од страна на „клетите“ комунисти и дека, о, каква радосна вест, на (Е)Стела Бенвениста, желна да се врати во родниот крај, најпосле и’ се враќа имотот („куќата изградена во 1492 година“) кој се наоѓа (каква неверојатна случајност) во близина на новокомпонираниот „стар“скопски (наопаку поставен) Народен театар во одамна (и)збришаното Еврејско Маало. Таа е повикана да слета „на аеродромот „Александар Македонски“ кој се наоѓа во Скопје“ (потенцирано само два-три пати во претставата). Авторот вешто манипулира со реалноста и особено со вистината, ставајќи акцент на некаква (најпосле, после толку децении и илјадници пораки крај Ѕидот на плачот) остварена правдина. Очигледно играл на истата пропагандна игра на режимот превземена од Гебелс (задолжителна лектира на партијците) ― колку е поголема лагата, толку повеќе ќе ви веруваат. Првото прашање кое треба да си го поставите гледајќи ја оваа нацистичка фарса е продукт токму на често цитираниот „Закон за денационализација, донесен во самостојна Република Македонија од нејзиниот парламент“ во претставата: на кој Евреин му беше вратен имотот крај брегот на Вардар? Дали остана жив некој од нив за да му биде „вратено“, како што посочува авторот во натамошното дејствие враќајќи нè толку патетично назад низ историјата ― она што со векови наназад всушност им припаѓа(ло) на Римјаните, Византијците, Турците (Србите меѓу нив се нормално сосема „случајно“ прескокнати), Норманите, Австроунгарците, Германците... и особено на Делчев, Мисирков, Рацин „убиен сурово од комунистите“, на Малина Попиванова (партизанка, жртва на сталиновите чистки, која авторот намерно ја меша во сторијата за македонскиот „србомански“ комунизам). Токму за Коста Солев, авторот алудира дека е стрелан, прикажувајќи го вржан за дрво со цртеж на пушка и куршум кој се движи во неговиот правец. Иако според кажувањата на неговиот сопартиец, Хрватот Антун Колендиќ, вистината јасно излегува на виделина, заслепените со антикомунизмот не сакаат да ја прифатат, па упорно ни ја пласираат нивната моќна лага смислувајќи нови додатоци. Според Колендиќ, Рацин е бојкотиран од своите сопартијци заради одењето на гости кај банот Рафајловиќ и заради пријателството со него. Тогаш, сосема е јасно дека токму оној дел од неговите соборци подлегнати под бугарската пропаганда, вмровското крило во Комунистичката Партија, а не оние пројугословенските, се виновници за неговото убиство, ако тоа воопшто и се случило. Кулминација на антикомунистичката еуфорија е бледиот, но емотивно набиен, настап на синот на актерот Ристо Шишков, Васил, кој посочува дека татко му „е самоубиен“. Наводниот прогонет и „ликвидиран за идеите на македонштината“, кој настрадал затоа што мртов пијан „собрал храброст“ да ги испцуе хрватските и српските колеги („дури“ и Тито), и кој со години играше во југословенски и македонски драми и филмови, настапувајќи низ цела Југославија. Прогонет!? 

Очигледно, нашиот народ лесно паѓа на ваквите лаги, лепејќи се на емотивниот набој на приказната. Народецов, само кукал во тој изминат период. Плач и лелек се слушало насекаде од „клетите комунисти“. Веројатно доказ за тоа е и зградата на Музејот на фашистите („жртвите на комунизмот“ која се наоѓа во близина на театарот. Можно е дури и самиот писател на водвиљов да се изјаснува како „прогонет за идеите за самобитноста“ и како „жртва на комунизмот“, иако токму во тој период бил уредник на издавачката куќа „Мисла“ и подолг период работел во Институтот за македонска литература, кадешто сепак се бараше одредена политичка подобност и членство во „клетата“ партија. 

Ако првиот чин воопшто и може да се издржи да се изгледа докрај и донекаде наликува на какво-такво уметничко дело сè до моментот кога над партерот ќе пролета теледиригиран мал дирижабл, вториот дел забегува во јасно изразена пренатрупана нацистичко-вмровска новокомпонирана бурлеска. Јасен емотивно набиен шунд со една единствена цел, да го разгори чувството на национална грандиозност. Оттука натаму, а тоа е особено осетно во вториот дел од претставата, режисерот Пројкоски забегува во „видете какви сè ефекти може да направам во претставата и во старо-новиот театар“. Пред нас се појавува панаѓур на ефекти во желба да се претстави нацибарокниот успех на владетелот. „Гледајте што сè можеме, дури и цепелин лета над вашите глави“ ни порачува режисерот. Само еден ден пред тоа, на главната проба неколку пати ги враќаше глумците само за поклонот пред „значајните гости“, како тоа да беше нешто најважно во претставата. Како да се поклониш пред премиерот, министрите и бизнисмените навистина е најбитен дел од животот. Чиста драма! Авторот, во вториот дел нагло ја засилува националсоцреалистичката еуфорија која во еден момент „сосема случајно“ преоѓа во отворени нацистички поздрави. Недостасува уште само она познато „Зиг, хајл!“. Многумина опиени од светлосните ефекти и од оние на бината веднаш заклучија дека се работи за спектакл. Што ли спектакл ќе беше тоа?! Што ли гламур видеа во светлуцавите фустанчиња на „елитата“?! Покрај бедната глума на повеќето глумци, воочлив е и изборот на актерите кој е сведен на одбрани апсолутни политички подобници. 

Најлошо од сè, да потрошиш (12) дванаесет години (според изјава на Плевнеш) за да напишеш таква очигледна нацистичка лакрдија во која, за да се улижеш на власта, повеќе од десетина пати ќе ја спомнеш Република Македонија, нејзиниот „парламент“, нејзиниот „Закон за денационализација“ и „аеродромот Александар Македонски“ е навистина трагично. Право чудо е што ги пропуштил „арената Филип Втори“ и булеварот „Аминта Трети“! Што ли обмислуваше авторот толку долго? Историските факти?! Зошто ли не го спомна пwемиеwот барем дваесетина пати за да знаеме кој е заслужен за „нашите хубаини“? 

Моќта на оваа националсоцреалистичка трагикомедија за многумина е во „спектаклот“ на сите можни ефекти и во масовноста на точките. Такво мислење за оваа лакрдија може да има само некој кој поим нема од уметноста! Најавена како „импресивна“, таа останува таква само во емотивниот набој со кој се распалуваат страстите на примитивната публика која нагло навлегува во неверојатен националистички транс во кој расне вознесот на национално его како растеглив меур од сапуница до неверојатни димензии. Страшен ќе биде моментот кога сонот на минорните за нивната „неверојатна големина“ ќе се распрсне. Тој меур еден ден ќе експлодира, и кога сонот ќе ја прикаже нацијата во вистинско светло, ова его на Голијат ќе биде распукнато од соголениот и босоног до коска ограбен граѓанин. 

 Врв на целата трагикомедија е завршната поента на Плевнеш дека приватната сопственост е едно големо безвредно ништо. Непотребен животен товар. Каков експлицитен комуњарски идеализам и тоа од најпримитивен вид! Каква догма! Биди сиромав, ни порачува авторот! Зошто ли тогаш владетелите толку силно се тепаат да заграбат од државниот имот и да го трансформираат во својот сопствен џеб? Пострашно од некогашната партизанштина е само оваа псеудобарокна вмронштина! Сè повеќе и сè почесто ми изгледа дека овој темен ејалет наликува на вечна куќа на стравот и ужасот!

No comments:

Post a Comment