Thursday, July 27, 2017

МАКЕДОНСКИОТ РАСТУР-БАРОК ‒ ГОРДОСТ ИЛИ ПРЕДРАСУДА (1)



Триумфот крај порта Македонија
Триумфот крај Порта Македонија
„Тоа е за да можат да се навикнат на мракот. Што помалку им биде јасно, толку подобро ќе маршираат“ („Опсадна состојба“, А. Ками) 

Многу галама се дигна уште во моментот кога некои „наши“ новокомпонирани граѓани одлучија градов да го „претворат“ во метропола и го објавија кон крајот на 2009 г. започнувањето на проектот „Скопје-2014“ преку кој тврдеа дека ќе се возобновела и вознела националната гордост на Македонецот и ќе се забетонирал неговиот национален идентитет.
Беше замислен како проект со кој всушност најпосле, „како свои на своето“ и „ослободени од србокомунизмот на СФРЈ“ и од сите претходни освојувачи, ќе си ја доградиме историјата и ќе ја докажеме величината на славното ни минато, како проект преку кој најпосле, ете, ќе се прикажеме и ќе си докажеме „себеси“ и на другите дека сме станале достојни потомци на Великиот Александар, и тоа не обични, некоиси малечки или небитни потомци, туку негови директни генетски наследници низ кои струи неговата крв, ингениознозитет и великост. Пропагандната активност на груевци беше толку моќна што дури и многумина учени почнаа да го воспеваат проектот, занесени и вознесени од античкото во Македонецот, па како што изминуваше времето почнаа себеси и другите да ги убедуваат дека токму тие никнале од лозата на Александар, онака, на жими мајка.

 Ваквата еуфорија беше најсилна токму кај оние наши сонародници од Егејот водени од логиката: тој од Егејска Македонија ‒ ние од Егејска Македонија! „Има тука нешто“, велеа. „Не е тоа тукутака. Не случајно нашите бабички ни раскажуваа приказни за него.“, тврдеа. А приказните на бабите дури, особено на оние неописменети ниту после '48-та, и денес ги викаат бапски прикаски, или уште поточно бабини деветини. Та, затоа се интересни, и бапски ‒ во нив има многу фантазија, малку ука и служат да ги залажат дечињата заради мир во куќа. Она што секогаш ќе им недостасува е вистинитоста. Залудни беа сите изминати децении труд и пот на еминентни светски историчари кои напорно истакнуваа факти и откопуваа грчки архаични текстови на камен и папирус. Залуд беа натписите на Каменот од Розета. Коине… не, демотики, но на македонски јазик бил напишан, велеа… Та, тоа е всушност македонски јазик и тоа антички, пишуван со грчки слова, а клетите Елини ја препишале азбуката од нас. Не, буквите се непознати, или грчки, но јазикот е сто посто македонски, велеа, и изнајдоа стотици македонски изрази во текстот. Остана неразјаснето како доктори по информатички науки (Аргеадиецот А. Тентов) и по електротехника (Т. Бошевски) станаа толку сезнајни за да можат да читаат хеленистички текстови, па дури и да ја познаваат целата историја на античкиот свет. Учеа ли грчки, или пак си го знаеа од поодамна, уште од раѓањето? „Ние сме измислиле монетарен систем. Сме измислиле банковен систем и монети. Нашите стари користеле декаден броен систем. „Деветиот ден Господ ги создаде луѓето, а деветиот… (не, грешка ‒ десетиот)… ден ги создаде Македонците, Ете. Затоа не не сакаат“ ‒ вели Тентов од Аргеада во едно негово интервју. И така, ние Македонците си го загубивме десетиот ден, ни го сокриле и денес станавме безвремени и броиме саде седум бидејќи цел свет нè мразел. Звучи познато, нели. Наликува на пропагандната приказна од штабот на ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ преку која пласираат надритези дека цел свет се уротил против Македонија, сеопшта светска завера против нас само за да не ја дознаеме вистината за нас ‒ најголемата и најмоќната нација на светот. Кога вакви будалаштини си дозволуваат учените современи Македонци со докторски титули, што останува за оние аналфабетите и полуписмените, занесени по прикаската дека сите до еден се внуци на Аце Големиот и дека низ сите нив тече сина крв, а не некоја обична црвена и селска. Ним нема зошто да им се чудиме, ниту треба да им се лутиме за искажаните небулози. Џабе што во сите антички текстови тој нивен велики предок е (в)пишан како ΑΛΕΞΑΝΔΡΟΣ, џабе што татко му секаде низ античките артефакти е впишан како ΦΙΛΙΠΠΟΣ, никаде како ФИЛИП, а мајка му како ΟΛΥΜΠΙΑΣ, џабе е и тоа што дури и на плочата која гордо ја истакнаа во новотворениот Археолошки музеј во новосоздадената необарокна „палата Александар Велики“, поставена на ударно место над скалите во атриумот пишува: ΜΑΚΕΔΟΝΙΑ. На прв поглед изгледа дека на неа сè е во ред, само што Д-то станало Δ-елта, на чист македонски, нели.

 Често шетам низ центарот на Скопје. Судбината ми одредила токму тука да се родам, а откако никна „современиов“ барок, сè повеќе го сметам за некаква клета, отколку за некоја погодна судба. Не е едноставно секојдневно да шетате низ какафониско лудило, а при тоа (покрај во својата жена и во своите деца) да бидете лудо вљубени и во уметноста. Се разбира, мислам на онаа вистинската, а не на вмровскиов гротескен кичерај. Веднаш штом излезам и влезам во пределот на Трговскиот центар почнува да ми се гади, да ми се подига дијафрагмата, а нагонот за повраќање е сè посилен при секое приближување до некој од налудничавиве споменици, или до некоја од градбите на новокомпонираниов барок. Споменици на парафората! Јас понижен и засрамен, а тие ‒ Барок, гордо велат, а некои надополнуваат дури и дека не ни бил барок, како што го оквалификуваа вождот и неговите дворски луди, туку чист неокласицизам, со што се обидуваат да докажат дека нешто (колку-толку) научиле за уметноста обидувајќи се да го намалат временскиот расцеп од 300 години (од крајот на барокот) и да го сведат на само 80-тина (од крајот на неокласицизмот). Ова нашево всушност и е невозможно да се именува како некаков стил, уште помалку како ‒ уметност. Најмалку како некаков правец во уметноста. Toa е оној најпримитивен вандализам со кој новограѓаните и приучените-недоучени ни ја уништија нашата уметничка традиција, белегот на нашата култура и народ! Останавме без националниот печат, никакви, смешни и посрамотени, пресоблечени во грчки тоги и помали дури и од тоа што бевме пред да започне ова лудило, само заради простачкиот малограѓански кичерај и заради нечија ненаситна алчност со кои си ја обезличивме нацијата, само заради намерата на поединци општото добро и средствата од државната каса да си ги влеат во сопствените џебови.

 Некако спонтано ми надоаѓаат сликите од Версајскиот дворец, од Лувр, од Зимскиот и Летниот дворец во Санкт Петерсбург, од Петерхоф, од Шенбрун и Белведере во Виена, слики од Будимпешта, од Прага, Варшава… Точно знам од каде им е идејата за лудилово! Си спомнувам дека камењата таму се редени во совршен ред, не штрчи ниту една цигла, ниту еден плех, ниту една плочка, без разјадени столбови се, без канделабри со 'рѓа… Дури и по сто, двесте и триста години. Веднаш си спомнувам дека столбовите се од чист мрамор, базалт, гранит… Ми надоаѓаат сликите на златните порти од Дворецот на Катерина, штуко-фасадата со преку 100 kg злато, на портите од ковано железо и позлата во виенскиот Белведере, од златната маса на Луј-Сонцето со садови од 170 kg злато, разните сали од килибар, свила, предмети и скулптури од слонокост, златните куполи, или интериерот на Будимпештанскиот „Орзсагаз“ декориран со 23 каратно злато, среброто, рубините, дијамантите и останатото драго и полудраго камење вметнато во делови од градбите и во дел од предметите кои им служеле на овие моќни императори. Токму тоа се обидувале да го прикажат низ ваквите градителски „чуда“ ‒ да ги импресионираат посетителите со нивната моќ и снага, да ги воодушеват и со моќта и со вештините и способноста на својот народ, да им го прикажат сопствениот и триумфот на империјата со која владееле.

 Веднаш чувствувам дека нешто не штима и дека нешто не е во ред. Нешто ми ги ремети овие слики. Ах, да! Барок! Секаде го има, но само во Македонија тој е нов, свежо oфарбан и не личи на ништо. Само тука тој може да се нарече Растур-барок! Дури и ваков, каков што е ‒ целиот во гипс-картон и од стиропор, „неимарите“ не успеаа да го постигнат она што е главен носител на карактерот на барокот, на класицизмот и неговата нео-варијанта, но и на секоја друга уметност која претендира себеси да се ословува со тој поим ‒ Совршенство, Уметност и Умешност! Изведба рамна на совршенство! Совршеност/уметност/умешност во изработката на материјалите, совршеност во нивното редење и поставување, совршенство во уметничките детали, совршенство во колоритот, умешност во градењето и во изгледот на градбите, совршеност во уредувањето на нивната околина, во осветлувањето, вклопувањето со околината, совршенство/уметност/умешност во распоредувањето на ликовните елементи во секое од делата… Тоа се елементите што го градат волшепството во уметноста. Чиста магија. Тоа е она кое поттикнува воодушевување од неа. Без тоа совршенство би ги немале ниту Караваџо, ниту Рубенс, Пусен и Рембрант… Молиер и Сервантес не би биле ништо без нивното тежнеење кон совршенство, а тоа не би биле ниту Бах, ни Скарлати и Вивалди. Без него не би постоеле ни правците во уметноста, ниту уметноста.

 Напротив, кај нас бодат очи разните украси на зградите кои се накриво посадени, штрчат плочки на крајот од секој новоизграден мост удавен во блештавилото на моќните фарови кои трошат купишта електрична енергија. Делови од стиропор вират од градбите, две-три годишни материјали се распаѓаат, паѓаат и се одлепуваат од зградите, спомениците позеленети и со 'рѓа; улиците, тротоарите раскопани, пропаднати, вдлабнати… Сите, експресно стануваат руина, веројатно за да се покаже и докаже нивната старост. Ќе си помислите стари се со векови, поминале некои освојувачи па ги разрушиле. Но на неуките им е доволно што гледаат во „барокните“ грчки столбови „какви што градел Александар“, во жолтата фарба која треба да одглуми злато, малтерот „што наликува на мермер“, во она што „наликува на Виена-Будимпешта-Париз-Лондон“, но никогаш нема да стане тоа… Доволно им е што сето тоа е осветлено до заслепувачко блештавило, или глеј, чудо над чудата, што светлата ја менуваат бојата во боите на државното знаме. И сето тоа, таа невидена расклиматена глупост од стиропор, гипс-картон, јакото, блескаво, осветлување и сијаличките во боја преку кои гледаат кон иднината и си замислуваат дека си имале моќно и славно минато, ги прават да се чувствуваат како „горди Македонци“ и пресреќни се што гледаат во чудата на „преродбата“ ‒ во градби создадени од пуста малограѓанска желба за сина крв, од пуста желба да се добие на значење. Желба, градов да го претворат во нешто што не е. Пуста желба тој да наликува на Париз-Лондон-Прага, на сè друго, на билошто, само не на нашето прекрасно модерно Скопје градено после земјотресот, а сега претворено во паланка од некоја последна забит на светот, во циркус и во панаѓур, во сè и сешто ‒ само не во моето Скопје. Скопје стана град со изгубена душа. Град, без ронка градско во себе. Град, без свој печат. Сосема безличен град. При тоа забораваат дека сите оние метрополи од Санкт Петербург, па сè до Малага и Севиља, сите овие градови со барок граден во XVII и XVIII век, веќе кон крајот на XX и XXI одамна имаат хипермодерни квартови и градби и никому не му текнало таква „генијална“ глупост како на овие „нашиве“ досетливи итромани ‒ во XXI век да го преправаат сето она што е изградено од втората половина на XX век наваму, за да наликува на некој град од XVII и XVIII век, или од почетокот на XX. Веројатно мислеа дека така ќе ги избришат трагите од социјализмот („црниот комунизам“) и сеќавањето дека некогаш среќно и безгрижно сме живееле во една прекрасна држава и во некое општество кое токму ним, на новопечениве граѓани им пружи најмногу и им овозможи да станат она што се. Забораваат дека ниту една историја, она што некогаш било, без оглед дали било грдо или убаво, не може да се избрише со гумичка.

 Совршеноста во градбите и изведбата на уметничките дела која и сама по себе е уметност (врв на умешност) ги вознесува нациите. Тоа е она со што умните (нации и поединци) можат да се гордеат и да му се воодушевуваат, а само нашиве неоантички примитивци си се гордеат на глупостиве низ „метрополава“ и мислат дека „ете, најпосле“ го претвориле Скопје во град, во „светска метропола“. Токму таа ‒ Совршеноста, е она во што се огледуваат нациите кои себеси се претставуваат како големи. Токму трудот тоа да се постигне ги прави овие држави да бидат Држави, а нивните народи и владетели големи и моќни. Нивната способност да создадат оригинални нешта, или да купат креатори кои за нив ќе ги создадат. Неверојатно инвентивни и оригинални, вклопени во времето и околината за која се создавани и сосема соодветни на нив и на периодот во кој се создавани, тие претставуваат естетски врв на тоа време. Дела кои и покрај нивната накитеност и измешаност претставуваат една компактна целина, прекрасни парчиња на уметноста. Ниту едно од нив не е поставено таму за да ве подучи за големината на таа држава, ниту едно не ви раскажува експлицитно за големината и способноста на тој народ, ниту е таму за да раскаже за големината на некој владетел, на ниту едно не пишува „изградено од Владата на РМ (Австрија, Италија, Германија и сл.“, туку за нив говорат тие самите ‒ величината на самите дела која се огледува, не преку нивната метража (висина, ширина и должина), туку низ нивната совршена изведба и композиција, во нивната оригиналност, во печатот (отисокот) што го оставиле уметниците и оној на мајсторите кои ги изработувале. Перфектно изрежан и составен мермер, перфектно изрезбани или поставени украси од скапоцено дрво, слонова коска, килибар и др. Мебел кој и по толку векови не се расклатил, фасади и таваници кои ни по толку векови не прокиснуваат. Совршеност која се огледува во мали ситни детали како што е сознанието дека железните шрафови и конструкции биле премачкувани со животинска маст, со восок и сл. Градбите воодушевуваат со својата оригиналност.

 Апологетите на растурбароков постојано трубат дека Ајфеловата кула најнапред наишла на критики, па сега се воодушевувале од неа и станала симбол на Париз. Таа воодушевува со распоредот на тежината низ четирите носечки столбови која е еднаква на тежината додека вие седите на столчето (околу 4 kg). Таа е израз на своето време, па затоа ова нашево (израз на една тешка политичка самобендисаност и глупост) никогаш не ќе може да се претвори во уметност. Невозможно е. Токму обидот за копирање на „славното минато“ го претвора целиот проект во уметничко мртвороденче. Деконстуктивистичкиот Гугенхајм музеј во Билбао е самиот по себе скулптура, ремек-дело од варовник, стакло и титаниум кое ја менува бојата при различни атмосферски и светлински услови, со прекрасно решение против прокиснувањето на таваниците - мегаструктура и по својата изработка, и по својата убавина, и по своите размери.  Со што може да ве воодушеват градбиве на „преродбава“? Со расклатените плочки? Со пожолтените фасади, со крововите кои прокиснуваат и со подрумите потонати во вода!? Со стиропорот?

 Барокот, велат апологетите на парафората, е најсовремениот уметнички израз. Врв на уметноста, вели Ацо Станкоски, човекот по грешка сместен во македонска уметничка авангарда. Која ли авангарда во експлицитни прикази на човекови полови органи? Која ли авангарда во портрети на Бахус, Александрос, Олимпиас…!

 Започнат во Италија околу 1600-та година, барокот експресно се проширил низ Европа. Самиот збор како термин е воведен од ликовната критика во навредлива смисла за да ги прикаже погрдно неговата извештаченост, пренакитеност и претераност од детали. Заради неговата популарност, успех и допадливост кај неуките, наидува на силна поддршка од Католичката црква која одлучува на својот Тридентски Собор (одржуван со прекини цели осумнаесет години, од декември 1545 до декември 1563 година) дека уметноста треба да е во служба на црквата, да продуцира религиски теми кои во себе ќе го содржат емоционалното, „како нужност на пропагирање на католичката вера и како поука за претежно неукиот народ“ („Уредба за повикување, почитување и реликвии на светците и за светите слики“, 3.12.1563. година). Така и кај нас уметноста стана средство за пропаганда на лажната македонска историја, на лажната вмровска идеологија и лицемерен патриотизам. „Неукиот обожавател бара делото да содржи во себе натурализам за да се наслади со него на свој, често груб и простачки начин“, вели Гете. Простиот, ја разбира само сликата во која има реалност и „натурализам“.

 Да се разбереме, барокот сам по себе и не е така лош. Грда е неговата бедна растур-копија кај нас, обидот тој да се возобнови во земја во која никогаш не виреел, во која никогаш не бил традиција ‒ и тоа во XXI век, во време на најсовремена ИТ технологија, компјутери, интернет, мобилни телефони, 3-Д печатачи. Во време кога светот размислува за тераформирање на далечни планети, во време кога светот секојдневно измислува нови работи не само во технологијата, туку и во уметноста, ние, Македонците: ги измисливме барокот, класицизмот и неокласицизмот, и тоа ‒ нивната растур-скапаница варијанта која ја нема никаде низ светов. Во време на магнетни левитирачки возови кои достигнуваат 500-600 km/h, ние им се воодушевуваме на дизел-локомотивите од Кина кои ќе развивале до 120-160 km/h. Само што за да ја достигнат максималната брзина им требаат пруги кои ние ги немаме, но сепак… Ураааа…! Ново чудо во Македонија со печат „овозможено од Владата“! Тоа е како да изградите палата со плочки од злато и скапоцени камења со златни скулптури и потоа да забележите дека плочките се лошо и нерамномерно залепени, со нееднакви фуги меѓу нив, понекој ќош или тула штрчи, а скулптурите накриво поставени, со преголеми или премали раце, нозе или носеви во однос на останатите делови од неа, а околу палатата, наместо градина од билки и цвеќиња, наместо некој прекрасен парк, да го нафрлате сето она тетовско или струшко ѓубре и при тоа да се гордеете со него! Токму како кај Портата Македонија, порта на најголемиот „наш триумф“ околу која асфалтот е целиот раскопан и вдлабнат, а плочките расклатени и штрчат потполно идентично со „нашиов“ климав триумф. Крај неа две несразмерно енормно големи скулптури на вмровски дејци, токму да не се знае кој триумф е поголем, оној нивниот, или оној на капиџикот од братучетката на боксерот. Портата, мислиш се смалила на дожд како некоја облека после перење, а на врвот ‒ клима уред. Тоа е како да го изградите Партенон на скопското Кале, онде крај Душановата тврдина, само затоа што сте го немале, или пак скопскиот фудбалски стадион да го преправите да наликува на римскиот Колосеум или на Одеонот на Ирод Атикус (како ли не им текна тоа до сега) само за да ја докажете староста на државата. Згора на сè ‒ да им закачите дигитален дисплеј на кој ќе ги прикажувате успесите на Сузе Национале. Како производ ќе добиете временска дупка која никогаш нема да можете да ја надминете, а може само да пропаднете во неа и да заглавите, како во некоја леплива кал од која никогаш не може да се излезе.

 Дел од вмровскиве апологети и „теоретичари“ постојано ми го цитираа Русо. Бргу си разјаснив зошто им беше толку омилен. Според него уметноста мора да биде тесно поврзана со општествените интереси. Тој го воспева народниот карактер на античката уметност и истакнува дека Грците (секако, ги заборавил Античките Македонци) не ги сметале глумците за луѓе кои прикажуваат измислици, туку за образовани граѓани кои на своите сограѓани им ја прикажуваат историјата на нивната земја. За Русо е од суштинска важност што овие прикажувани дела биле поучни. Токму затоа главна цел на вмровциве им беше антиквизацијата на Македонија (не, воопшто не е измислен и непостоечки збор како што тврдат М. Велиновска, С. Костов или Станкоски). Тоа беше обид преку накарадни дела, без ронка уметничко во себе, да (ни) ја прикажат нејзината историја онака како тие си ја замислуваат според бапските прикаски. Токму затоа секој кој владеел на овие простори и сите оние родени на тлото на Етничка (читај: Голема) Македонија станаа Македонци по крв, а сите вмровци, особено оние од околината на Пела, станаа внучиња на Великиот Александрос и најголемите македонски патриоти. Сè сами епигони и дијадоси што не си го знаат ни името на сопствениот дедо, но со сигурност можат да ви потврдат дека се блиски роднини со Големиот Аце…

No comments:

Post a Comment