Monday, July 31, 2017

МАКЕДОНСКИОТ РАСТУР-БАРОК ‒ ГОРДОСТ ИЛИ ПРЕДРАСУДА (2)


Растур-барокот крај новоизградениот
скопски „стар“ Театар
…Колку и да се трудат растурбароков да изгледа како од некое друго време (од антиката) го издаваат ситници како материјалите, изработката, изгледот, ликот, кои никогаш нема да можат да ги постигнат бидејќи оние оригиналните се продукт на некое сосема друго и поинакво време. Нè издава недостатокот на мајсторството на старите мајстори. Не можете да добиете рачно исклесан камен, ако тоа го правите со машина наместо со длето! Не можете да добиете рачно изработен накит, ако го изработувате со машина!
И, кога некои археолози по 200-300-1000 години ќе го ископуваат брегот крај Вардар и ќе ги откријат руините на новокомпонираниве растурбарокни лудории, ќе влезат во недоумица дали се работи за римскиот период, за старогрчкиот, за „античка“ или пак, некоја „современа“ Македонија. Ќе ни се скинат од смеење и тие, како некои познавачи денес, кога ќе осознаат дека сме фрлиле милијарди евра за стиропор и безвредни нешта кои никако не можат да се наречат уметност, а уште повеќе ‒ кога ќе дознаат дека оние што ни ја испразниле државната каса за ваквите гротескни будалаштини си останале неказнети. Ќе сфатат дека ние во тој период (овој, „преродбеничкиов“) не сме го достигнале ниту делот со рамномерно распоредување на малтерот, оној со правилно (совршено) редење на каменот, плочките и тулите. Наместо преродба, задвижување нанапред, наместо национална гордост и приказ на моќта на владетелот-државата-народот, си се вративме во далечното минато и си го осликавме сиот свој срам, најголемата духовна мизерија и простотилак, целата своја малограѓанштина, си ги прикажавме сета своја немоќ, своите неизлечиви комплекси и сета своја бедотија. И оние на владетелот, и тие на народот. 

 Кај нас, некако сè е наопаку, испревртено и со обратна логика и промисла. Станбените згради пресвлечени во барокно руво напред се во „барок“, но одвнатре и од задната страна ‒ како скапаници, поголемиот дел се трошни. Веднаш ви бодат очи старите дрвени ролети на зградите пресвлечени во „современ“ барокен стиропор, изместени и непорамнети споеви на елементите од стиропор, пукнатини, излупениот материјал со старост од две-три години. На што ли ќе личеа да беа стари повеќе векови!? И наместо зградиве најнапред да се оправеа одвнатре, да им се помогнеше на станарите да не им прокиснуваат и да не им паѓаат на глава таваниците, на таков крш му налепија сјаен „барок“. Дури и кај новиве градби наидуваме на отпаднати делови, а наоколу раскопаните улици, тротоари, плочки и бехатон коцки само го засилуваат впечатокот дека се работи за грд аматеризам на сите нивоа. Крововите на повеќето новоградби прокиснуваат, а подрумите се полнат со вода и при најмал поинтензивен дожд. Делови од новите мостови експресно напукнаа, од „фонтаната со воинот“ набргу ќе отпаѓаат делови во коритото. Веројатно овие објекти нема ни да опстојат доволно долго за да некој археолог од иднината повторно ги ископа за да го открие „најголемото македонско чудо“! За ѓубрето кое го оставаат „граѓаните“ воодушевени од неговата накитеност и да не говорам. Насекаде ќе најдете „барокни“ кори од банани, лубеници, расфрлани хартии, плуканици, 'рканици, исцедени мрсули, па дури и измет од нивните дечиња кои секојдневно го красат овој наш горделив растур-барок, додавајќи нова светлина врз националната гордост ‒ Срам над срамовите!

 Излезе дека ниту еден окупатор не му ја погази толку честа на овој народ и не го ограби до тој степен колку овие „нашиве“ што се удираа(т) во градите дека биле најголеми македонски патриоти. Зарем не е исмевање на народот и газење на неговата чест кога пред нова катна гаража ќе им поставите бакарна табла (кој знае по која цена набавена), на која е испишан текст за лицето или за настанот според кој го носи името? Небаре се работи за некаков историски споменик, или за градба од национален интерес! Зарем не е смешно кога на „барокните“ градби ќе им исполепите десетици „златни“ табли со цитати од Мајка Тереза!? Та, зарем не е потсмевање со народните јунаци и зарем не е навреда за народов македонски, кога на истите тие кои ги величате ќе им изработите скулптури во кои истите тие личности се прикажани несразмерно, изобличено, па повеќе наликуваат на некои дегенерици отколку на реални ликови. Кратките нозе на Карев во однос на неговата голема глава, рачето кое го подава како да држи послужавник, изобличениот негов коњ, малото десно раче на Јустинијан, осушената нога на Крали Марко и неговото преголемо тело, Ченто кој паѓа и се држи со капутот потпрен на трупец за да не падне целата скулптура бидејќи композицијата е падната уште при создавањето, стрипотеката со учесниците на Првото заседание на АСНОМ („Здраво-здраво, јас сум…“, раскажуваат, си честитаат), Букефал со преголема опашка поставена за да го додржи Коњот под воинот за да не падне… Поставени како нагледни средства за дечиња по предметот историја, сите тие воопшто не се намерно извитоперени во своите пропорции за да добијат некаков нов ликовен израз, како слоновите и коњите кај Дали, туку случајно и од незнаење, како израз на тежок дилетантизам.

 Само фрлањето пари за ваквите безвредни будалаштини е со намера, со умисла. Останатото е сè исто како и во барокот, само, наместо овој народ да си го стави прстот на чело, тој си го зâби во ноздрите. Имаме барокни градби, барокно ѓубре, па зошто да не и барокен народ. Станавме барокен народ, токму како и оние од времето на барокот ‒ ниту се бањале, ниту ги исфрлале своето ѓубре и измет на одредено место, ниту воделе многу сметка за хигиената. Поголемиот дел и не знаат дека Кралот Сонце, по чија наредба е граден Версајскиот дворец, умира од несоодветна хигиена на аналниот отвор. Ова мамино Сонце воопшто не си го бришело задникот по одењето во нужник. „Си земаме пешкир и трк под фонтаната. Многу ни е убава“ - им објаснува воодушевено за подната фонтана една наша сограѓанка (којзнае од која планина симната) на своите гости од странство кои ја гледаа во чудо. Ќе треба ли да причекаме триста до четиристотини години за да ја достигнеме културата на Французите, Германците, Италијанците за да не плукаме 'рканици по тротоарите и улиците, да не си го секнеме носот среде улица и да не ги фрламе остатоците од она што сме го изеле каде што ќе стигнеме!?

 А, дека заглавивме ‒ заглавивме! Тоа е неспорно! И тоа во најдлабоката кал, или попрецизно кажано во најдлабокиот и во најсмрдливиот барокен измет од кој се шири сета реа на таканаречените патриоти! Кој да им каже на нивните неуки поддржувачи дека нема поголемо национално предавство, ниту поголеми изроди од овие наши патри(ди)отски суштества кои народните пари ги потрошија (можеби вистинскиот израз е ги фрлија) за безвредни нешта кои се распаѓаат набргу штом ќе заврши нивната изградба! За вечери и за забави од по 4.000 евра, за гардероба и долен веш, нивен, за швалерките, или/и за сопругите, наместо за работи кои се од суштинско значење за нејзините жители! Нивните капитални проекти се ручоците на државна сметка, стиропорот, гаќите од 500 евра, небаре се „златни“ како оние на Прометеј, само не она егзеистенцијалното за повеќето македонски граѓани.

 Што мислите, дали овие самонаречени патри(ди)оти толку пари колку што фрлија за ваквите глупости фалејќи се дека нè препородуваат (еве, нека се и стотина пати помалку) би вложиле и во своите домови за работи кои по година-две би се распаднале кога истите би ги ваделе од својот џеб и од своите „скромни“ платички? Дали би располагале со нив во истиот параспур-стил кога парите би биле нивни, заработени со труд, со пот? Еве, дали би потрошиле илјада евра на фасада која експресно се распаѓа, или на кров кој по првиот дожд би ги поплавил? Дали Коце (скопскиот градомочалник) ги однесе барем еднаш своите дечиња на градскиве плажи за да се посончаат и да се избањаат во Вардар!? Дали ги однесе крај таблата на која пишува „Забрането капење“ барем еднаш со некој од градските „волшебни“ дабл-декери на ЈСП „купени од Владата на РМ“ (со оние, де, што личеле на НЛО), за да види дека градскиот превоз е тапа, идентичен на оној од '80-тите и дека јавниот превоз не зависи од младоста на автобусите? Дали од својата „скромна“ плата би купил палми што експресно ќе се исушат, како оние што ги распосла низ Скопјево, и би ги засадил во дворот на својата куќа, па веднаш штом се осушат прекуноќ (за да не го видат соседите) би засадил други, кои би биле раззеленети и со плодови утрото?! Дали би си изградил базен со плажа во дворот, кои по две години би ги затрупал и на нивно место би поставил, еве, доволно е и рингишпил, бидејќи толкаво панорамско тркало би било преголемо за во неговиот двор? Дали би направил циркус од сопствениот двор, како што тоа го направи од центарот на Скопје? Дали истиов распикуќа би дал од својот џеб 2,5 илјади евра за фонтана-прскалка која по две години ќе мора да ја поправа? Ете, не мора да се колку фрленине 2.5 милиони евра за подната фонтана на плоштад. Некоја поевтина. Дали би одвоил 0.83 илјади евра за две прскалки кои работеа само една година? Така ли се воскреснува националната гордост на гордите Македонци?! Гледам станавме сите до еден ‒ кој од кој погорди! Дали некој од овие запалени и напалени поддржувачи на стиропорнава преродба стави на својата куќа барокна фасада од гипс-картон? Дали Груевски си стави таква иста фасада во станот на мајка му во кој живее со сопругата, дечињата и со мајка му? Не!? А зошто не, кутриот, штом биле толку убави ваквите фасади? Дали би ѝ платил хонорар на својата братучетка со избришани две-три нули од цифрата која ѝ ја исплатија за „воинот со коњ“ за друга бронза „воин со коњ“ од иста големина во дворот на неговата зграда? Нема доволно пари!? Ги дал за „убавините“ на Скопје?! За најсиромашните?!

 Преката потреба од нова влада не беше само за да се стопира диктатурата на оној досегашен фашизоиден десничарско-лев режим, туку и да се сопрат неговите погубни дејства врз општеството, врз институциите, но и врз културата и уметноста. Погазена е, омаловажена, посрамена, исмеана, испревртена и преправена целата национална култура и уметничка традиција на нашиот народ од XX век и заменета е со грчки столбови и полукаријатиди од гипс! НАМА сега наликува на ташкентскиот ЦУМ! Центарот на градот наликува на најлошиот селски панаѓур. Ако тоа не е видоизменување национален идентитет на Македонците, тогаш не знам што е! Проектот Скопје 2014 е најголемото злосторство извршено врз градот Скопје! Најголем и срамен антицивилизациски чин, но секако уште повеќе тој е и злостор извршен врз македоската нација заради нејзино осиромашување и обезличување. Тоа е најголемиот македонски цивилизациски срам! Преку Скопје-2014 е извршен тотален културоцид врз македонскиот народ што го немаат направено ниту Османлиите во оние нивни пет векови. Никој ги нема толку обезвреднето и до тој степен обезличено досегашната повеќедецениска македонска култура и уметност како овие патриоти. Никој, па ниту неговите најголеми непријатели и окупатори, ги нема исмеано до тој степен народната чест и гордост, како што тоа го сторија возобљубениве од народов. Сигурно проманета на идентитетот нацијата нема да ни дојде со промена на името во Славомакедонци, ниту со тоа можат да ни ја уништат традицијата! Ние си ја уништивме самите! Ни ја уништија нашите „најголеми патриоти“! Сигурно промена на идентитет и уништување на националната култура и традиција не е фарбањето на овие грдотии со боја! Традиција не може да се нарекуваат нешта стари две-три години, а сигурно е и дека не можат да влезат под поимот „национална култура и уметност“. Слободно можеме да речеме дека овие објекти се израз на „нашата“ национална некултура и на нечија неспособност да создаде уметност, повеќе како резултат на самоволието и на налудничавата желба на искомплексирани суштества, довчерашни маргиналци, ситни души на кои им се дозволи преку нив да си ја докажуваат својата моќ.

 Проблемот со оваа парахронична малограѓанска парафора не е само сумата на потрошените милиони евра до сега за нејзино одржување, туку што таа понатаму секојдневно молзе и ќе испумпува милиони евра од државната каса за нејзино одржување, за осветлување, за поправки, за доградба, за реновирање, за слични глупости… Цифрата за целото лудило Скопје 2014 е преку 683 милиони евра (досегашната изброена цифра е преку 683.149.803 евра). Трошоците ќе стануваат сè поголеми како што ќе изминуваат годините и како ќе почне да се распаѓаат и гнијат објективе. Цел месец траеше поправката на подната фонтана на плоштад (стара две години) и не се поправаше само делот каде што пропадна камион, туку очигледно беше дека се поправа уште нешто, веројатно системот на прскалките. Сега кога веќе стана јасно дека единствената цел на градењето ваква безвредна гротескна циркузијада била перењето пари и богатењето на поединци од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а не вознесувањето на македонската нација, наеднаш почна да се пропагира дека разместувањето на оваа смеурија ќе чинело многу пари, дека немало пари во касата за дислокација на овој злосторнички проект, па дури има и повици за негово амнестирање и оставање, или надградување со нови налудничави објекти. Велат 4-5 милиони евра ќе чинела само дислокацијата на „Воинот на коњ“. Не верувам дека дислоцирањето на оваа безвредност со цена од преку 10 милиони евра би чинела половина од сумата фрлена за нејзиното создавање. За што би биле трошоците!? За користење на кран? За превоз?! За демонтирање!? Па, колку тогаш чинело монтирањето? Веројатно фирмите ја зголемуваат цената намерно, за да се откаже целата операција и заштити лудилово.

 Што ли чека сегашнава власт!? Новава Влада ветуваше итни промени во оваа сфера. Една од првите работи беше отстранувањето на железната ограда и на капиите со кои претходниот „сенароден“ режим ја опколи зградата штитејќи се од претераната народна љубов. Отстранувањето на оваа ограда и на капиите симболично ќе го означеше падот на разуларениот режим на здружената организација против државата Груевци-ΔΡΠΑΜΕ & Ко. Потоа би требало да следува чистење на центарот на главниот град на Македонија од „преродбеничките“ криминални лудории: отстранување на скулптурата на Ченто и Карев, Портата, војничињата, коњаниците, лавовите, коњите, трудниците и доилките од центарот на Скопје и нивно сместување (преместување) во некој забавен парк* (*бидејќи никој не би ги купил за друго освен за старо железо) во кој ќе се поканат туристи од целиот свет за да се изнасмеат. Верувам дека секој ќе посака да плати за добра смеа. Секако работите од суштинско значење за жителите се соодветна градежна инфраструктура, снабдување на болниците со основни потрепштини и изградба на нови, изградба на целосно опремени училишта и сл., но не би смеело ниту да помислат да ја остават оваа лудорија на мира за да продуцира натамошни трошоци на сметка на граѓаните.

 „Бргу ќе се вратиме на власт“ ‒ не случајно се надева Груевски. „Ние наскоро пак ќе си бидеме власт“, тврдат груевци. „Како изгледа, овие набргу повторно ќе дојдат на власт“ велат многумина обични смртници, насетувајќи ја несфатливата млакост на овие што станаа власт, нивната млитавост, неможност или неспособност да се справат со саботажите на прекубројно напиканите вмровски војничиња во државните институции и јавните претпријатија.

 Изминаа повеќе од два месеци, а сè си остана на ветување. Сè е по старо! Оние кои нè ограбија, нè презадолжија и ја исцицаа државната каса се сè уште на слобода. Оние кои го подржуваа квазибароков, уште го воспеваат и се обидуваат „стручно“ да го дообјаснат и надградат, да го амнестираат. „Панорамското тркало сепак ќе се гради“, велат дрско од ЈСП. Сваровски судиите и оние кои судеа во име на партијата си седат онаму каде што се. Обвинителите, исто. Директорите на институциите и јавните претпријатија преку кои се плакнеа и испираа паричките, уште си директоруваат. Оставен им е временски простор на раат да ги фалсификуваат и уништат документите од кои би се виделе малверзациите што ги правеле во изминативе години, а многумина од нив само си ги заменија вмровските книшки со оние на „СДС-то“ (СДСМ). Партиските војничиња во сите овие институции си се на истите позиции и сè уште си работат во име на Партијата (ΔΡΠΑΜΕ), но и од нив многумина експресно си се префарбаа во сино, па глумат дека биле угнетувани и уценувани и станаа поголеми неверници во претходниот режим дури и од оние кои уште од првиот момент го окфалификуваа како инфантилна фашизоидна диктатура. На слобода се и разбојниците кои дивееа низ Собранието обидувајќи се да ликвидираат пратеници од спротивниот табор. Уживаат во мирот и слободата и оние кои го организираа сето тоа. Ниту влакно од главата не им фали. Стои и оградата околу зградата на Владата, стојат и железните капии. Стојат нечепнати спомениците на „преродбата“. Дури и Шарените „револуционери“ замолкнаа. Не повикуваат веќе на боење на лудилово. Зарем не е тоа малку чудно!? Токму сега кога многумина од нив влегоа во власта и кога можат слободно да ги фарбаат и да ги премачкуваат, дури и со поддршка на полицијата, тие се претворија во бубачиња. Стивнаа, им издишаа сите оние балони кои ги фрлаа по грдотиине. Наеднаш им се дупнаа, им пукнаа! Им снема фарба и сите си замолкнаа. Како да им годи седењето во растур-барокниве фотелји на Гwујокио & Лоповите, меѓу елинските столбови! Како грдотииве (градбите и спомениците) веќе да ги снемало, како да испариле сами од себе та не ги гледаат веќе! Се најдоа бројни изговори во стилот недостиг на пари во државната каса и преголема цена на чинење само за да не се отстрани барокниов срам!

 Извинете, но јас не верувам дека отстранувањето и транспортот на овие народни грдила би вредел повеќе од милион евра. Ако е толку скапо, верувам дека многумина и доброволно би се пријавиле да помогнат во отстранувањето на најголемата дамка врз Македонецот! Би ги отстраниле за најмалата можна цена од секоја друга понудена.
МАКЕДОНСКИОТ РАСТУР-БАРОК ‒ ГОРДОСТ ИЛИ ПРЕДРАСУДА (1) 


No comments:

Post a Comment