Friday, January 12, 2018

ЖИВОТ НА ШКРГИ, ВО КОНТЕЈНЕР (1)





Скопје ― за празници, во саботите и неделите
Скопје ― за празници,
во саботите и неделите
 Ете, природата си дојде по своето. Се потруди да ни врати за децениското молчење заради нејзиното уништување. Се труди да ни врати за сите зла нанесени врз неа во текот на оваа „деценија на воскресение на националната гордост“. Наеднаш, пекол во Скопје. Дишеме на шкрги, но радосна вест е што и надлежните од власта (општинска, градска и републичка на сите нивоа) и нивните деца, новокомпонираните дами и господа кои не можат без парно и
без автомобил со клима, па дури и оние најодговорните за загадувањето, го дишат истиов гнил воздух, несвесни дека проблемот не е само народен, за обичните смртници, туку е и нивен, на малите умислени богови.

 За загадениот воздухот не постојат граници, него не го дишат луѓето од само едно маало, од една општина, еден град, ниту од една држава. Тој пробива и низ прозорските окна и влезните врати на домовите, институциите и училиштата. Џабе ви се прочистувачи со алпски воздух, џабе ви е органска храна, забрана за пушење на јавни места, џабе ви се и маски со активен јаглен и други салтанати... Порано или подоцна ќе стигне до секого, освен ако херметички не си ги запечатите домовите и просториите во кои престојувате и ако не излегувате од нив, а тогаш... тогаш ќе ви требаат боци со кислород. На Балканов конфигурацијата на теренот е како на сврзани садови, па, ако е загадена Македонија, загадени се и Србија, Грција, Албанија... и обратно...

 Најновата вест што ја пренесоа поголемиот број македонски портали е откритието на еден Србин, радиолог од Ниш, дека осиромашениот ураниум е здрав за луѓето и околината. „Стручно“ ни образложува дека според статистиката на Србија и онаа на Косово и Метохија не е зголемен бројот на заболени од карцином. Среќа, кај нас и нема таква статистика! Не. Нема да образложувам што е погрешно во неговото „тропање“. Доволно образложив во својот текст на блогов со наслов „Здрави бомби“. За оние кои веруваат во здравјето на вака приготвениот ураниум од (бело)светските „ослободители“, нека го погледаат германскиот документарец „Смртоносен прав“ од Ф. Вагнер, забранет во Германија, во кој германскиот професор доктор Зигварт-Хорст Гинтер раскажува за последиците од „здравиот“ осиромашен ураниум врз населението и за проблемите кои ги имал заради неговото тврдење. Патем, најголемиот број вакви бомби се фрлени врз Косово, а не врз Србија. Сетете се колку е тоа далеку од Скопје, од Македонија! Нема да ме изненади ако се јави некој „стручњак“ кој ќе нè убедува дека и смогов низ Скопјево е за наше подобро здравје.

 Втората вест е дека Дрисла загадувала со палење на медицински отпад. Додатна, британската влада, загрижена за нас, нè почастила со токсичен инсинератор уште во 2001. година кој во цела ЕУ би бил илегален, но во изблик на неверојатна хуманост и грижа за Балканот, легален. Биле убедени со нашиве тогашни владетели дека неговата токсичност ќе нема никаво влијание врз библискиов народ од кој потекнуваат амебите. Онаа другата, веста за уништувањето радиоактивен отпад во истава депонија изустена од новиот градоначалник на Скопје, Шилегов, веднаш исчезна од медискиот простор. „Железара“ и „Цементара“ ги заборавивме — загадувале домаќинствата кои се затоплувале на дрва, а не индустриските капацитети. Како да во Скопје отсекогаш се греевме на парно и на плин од легендарниот ни гасовод (та нели јужниот проток е сопрен?).

 Во меѓувреме, сите изненадени, сите навредени, сите нешто креваат џева, џавкаат... Пцујат, ќе се загушеле, им смрдело на пластика, не можеле да дишат... Надлежните неми, а мерните станици здивеа. Уриваат рекорди на загаденост. Четиристотини, петстотини микрограми ПМ10 честички на метар кубен. Поединци и „невладини“ организации врескаат децата им се затруле, се гушеле. Никој не можел да дише, па ќе ја бојкотирале наставата, родителите немале да ги пуштаат своите деца на училиште, се закануваат. Добро, и?! Мислите дека децата ќе ви седат дома? Кој знае. Мислите сите ќе носат маски? Мислите маските со активен јаглен се решение и дека тие ќе им помогнат!? Или можеби само вие имате деца, останатите чуваат мајмунчиња дома.

 Имаше периоди во Скопјево кога мерните станици покажуваа загаденост од преку 800 μg/m³ (5 декември 2011), мерено со официјалните апаратури поставени од Град Скопје. Индикативно е тоа што тогаш мерните инструменти посочуваа дека најголема загаденост е во утринските часови помеѓу 3:00 и 4:00 часот. Во тој период бев доста активен на Фејсбук, па секогаш посочував и кој е главниот виновник за гушењето на градот: неконтролираната сеча на дрвата и уништувањето на зелените површини, особено во централното градско подрачје и непланското градење низ Скопје, особено на Водно и околу Вардар. Ваквиот екоцид континуирано го вршеше тогашната градска управа на чело со тогашниот градоначалник, потпомогната од градежната мафија и по наредба на Владата и бившиот ни пВемиеУ на кој таквите немилосрдни градежни активности му беа единствената нишка преку која можеше да ја изрази наводната продуктивност на индустријата во Македонија и порастот на економијата под негово „мудро“ водство. Бетонирањето и армирањето на зеленилото беше немилосрдно, а многумина го прогласија за репер на градско живеење (*Сотир Костов, во неговите колумни). Ретки беа протестите по социјалните мрежи, тук-таму понекој ќе изразеше срамежлива (еко)свест, а „зелената“ партија (ДОМ) која беше коалиционен содружник на ваквата налудничава власт молкум ја одобруваше скопската какозелија „2014“ верувајќи во лагите на вождот дека „со него ќе се воздигнела националната гордост на Македонецот“.

 Како врв на сè и веста дека: „новата Влада и новиот градоначалник на Скопје ќе превзеле итни мерки за заштита на граѓаните од загадувањето.“, а мерките... Истите, оние старите: ослободување од работни обврски на бремените жени и на лицата постари од 60 години, на болните со хронична астма, оние кои прележале миокарден и целебрален инфаркт, да се реорганизира работата на оние кои работат на отворено, забрана на спортски активности и други манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемена активност на брзата помош, домашната посета и патронажната служба... Општините, да ги намалат цените на билетите што „би ги поттикнало граѓаните да користат јавен превоз“, да обезбедат бесплатен јавен превоз (!?), зголемување на фрекфенцијата на автобусите на јавниот превоз на сите дестинации, редовно, секојдневно чистење на улиците и пешачките површини и сл.

 По што се разликуваат овие мерки од оние на претходната власт и Коце Дрвосеча?! Ама, баш, со ништо! Истата песна ја свират и едните и другите залегнати во своите удобни фотелји, не излегувајќи од своите скапи автомобили, носејќи делумни мерки од денес — за утре, колку да се каже дека нешто превзеле. Се надевам имале парички автомобилите да им се со тренди ЕУРО и не се возат со некоеси старо Пунто како претходнион ни пВемиеУ кој од својата платичка, кутриот, не заштеди ниту да си дозволи еден луксузен Мерцедес, како оној што глуми дека е на МВР, со екрани на задните седишта за дечињата, па сега вози стара „канта“.

ПРОДОЛЖУВА...

 *Предупредување: пишував под влијание на загаденост под 50 μg/m ПМ 10 честици, така што воздухот немаше никакво влијание врз текстов!

No comments:

Post a Comment