Monday, July 21, 2014

ПОКОНДУРЕНА БАРОКИЈАДА



Минував вчера крај зградата на Владата на РМ, онаа поранешна зграда на ЦК на СКМ и наеднаш ме зашемети изгледот на новата нацибарокна фасада на зградата. Искрено, очекував секој момент на заѕиданиот прозорец без стакло да се појави прекрасната Јулија Капулети во ликот на легендарната Боркица.


Очекував во секој миг оздола во тревникот да го видам Патриотот Ромео преправен во ликот на нашиот Гwујокио, кој вели: „О, Боwкице, дwага Боwкице!“ и веднаш потоа следува сцена како таа очанички се обидува да излезе соѕидана од зад прозорецот: „О, Wомео, мој најдwаг патwиоту Wомео!“. Секси е, нели?

Која инвентивност! Каков врв на барок и класицизам! Каков зенит на современа архитектура! Прозорец без стакло, и тоа не некој таму обичен селски прозорец туку пенџере со барокна рамка! Измислица на векот! Луѓе мои, па тоа го нема ниту во мојата родна Буџумбура! Недостасува уште златна боја на столбовите од рамката.  Тоа што нема стакло, а вам ви изгледа како соѕидан, тоа е масонско-вмронска симболика која ретко кој може да ја разбере. Треба искрено да си ги напрегнете вашите закржлавени сиви ќелии за да го разберете овој изблик на генијалност. Тоа е ремек-дело на новата нацибарокна ренесанса, верувам ќе напише некој респектабилен весник кој ја третира архитектурата! Можеби во легендарниот „Домус“ќе пишува: „Чудо во Земјата на чудата!“. Генијалност која го претвори награденото дело на Муличковски во нагрдено.

Кој знае, а можеби ваквиот прозорец-балкон е во чест на храбриот герој од војната во 2001 во чест на неговата летечка жена! Знаете, онаа која излета преку затворениот прозорец на застаклената тераса. Та, само патриотите живеат вечно, додека нивните жени летаат.


И глеј чудо! Та, не бил саде еден туку уште три такви прозорци! Каква симболика! Масонскиот ред има посебен респект кон бројот три. Тој заедно со уште една тројка ни го дава бројот триесет и три, а тој е волшебен. О,темпора! О, морес!

Можеби е сево ова само израз на гневот кон „комунистичките сатрапи“, па од преживеаните трауми и силни душевни болки владетелот мораше да ни ја разубави иднината и да ни ја претвори во минато!

П.С.
Во мојот роден град Буџумбура, луѓето секојдневно го прашуваат владетелот каде и за што ги троши парите. Паси, мој народе!

 СкопскоууУууу... и сè е можно!

1 comment:

  1. This comment has been removed by a blog administrator.

    ReplyDelete