Wednesday, July 16, 2014

ИЗГОРЕНИ ОД СОНЦЕТО

Сцена од филмот „Изгорени од сонцето“


 Жртви на комунизмот би требало да се лица кои се разликуваат по својата идеологија од него, лица кои се залагале за слобода на говор, за слободна мисла. За жал, најголемиот дел од нашите сегашни „жртви“ се националисти и национал-социјалисти, кои зад себе кријат залагања за етнички чисти (самостојни) држави на своите нации, наспроти мултиетничноста и мултикултурализмот на тогашната земја.
Се работи за сепаратисти кои активно работеа на разбивање на таквата мултиетничка држава и кои прогласуваа дека другите не чинат само затоа што се од друга нација. Најчесто тоа се луѓе на кои им е непозната демократијата и слободната размисла. Луѓе кои не се либат да поддржат најцврст режим во кој ќе се проповеда идејата за „една држава, една нација и еден фирер“. Такви кои само да им дадете моќ, би затвориле секого кој мисли поинаку од нив, кој не се согласува со нивните убедувања, или таквите кои мислат дека другите кои се различни од нив треба да ги имаат истите права во државата, дека треба да ги споделуваат истите права и обврски со оние кои се поинакви од него.

 Вистинските дисиденти се ретки меѓу оние кои денес галамат против поранешното социјалистичко општество. Тоа се најчесто оние кои го поддржувале Советскиот Сојуз, Русофили на кои словенството им е светина. Таквите, кои мислеле дека Сталин е водачот кому единствено можат да му веруваат, на кој можат да се потпрат и кој ќе го оствари сонот за рамноправноста на народите, за еднаквост (социјална и правна, секако) меѓу луѓето. Русија за нив била остварувањето на идеалите за кои се залагале, мајка на социјализмот. Нонконформисти, кои не се плашеле да критикуваат дека црното е црно, а не розово и идеално, како што им го пласирале умилкувачите на власта. Овие луѓе никогаш нема да ги најдете меѓу оние бучните, кои се удираат во градите дека биле против комунизмот, дека биле за поубав живот во Македонија. Често не се ни жалат дека биле прогонувани од системот, туку ја бараат вината во несовесни, извитоперени и подли поединци на кои предавството на другиот им било единствениот начин да се искачат за едно скалило погоре во општеството. Ја бараат во таквите кои газеле сè пред себе за да дојдат до врвот и до моќта. Особено кај оние кои преку тоа ги запоседнале туѓите богатства и продолжиле да располагаат со нив како туѓото да е нивна сопственост.

 Останаа тивки, убедени во својата верба за исправноста на идеалите за кои се залагале, во идејата за братство меѓу народите и рамноправност меѓу луѓето, поддржувајќи го секогаш правото на различна и поинаква мисла од другите која ќе е поткрепена со знаење. Овие вистински и искрени дисиденти никогаш нема да ви кажат дека се бореле против комунизмот, како што се фалат денешните „противници на режимот“, туку токму спротивното ― дека се залагале за негово доследно спроведување. Нивниот комунизам воопшто не значи, и никогаш не ни значел, изживување со неистомислениците, или поддршка за одземање на парите и имотите од побогатите и населување во туѓиот имот. Нивниот идеал никогаш не беше богатење на мрзеливите, неуките и измамниците. Идеал не им беше власта да ја приграбат полуписмени дибеци кои едвај завршуваа школо по принцип „наше дете“. Никако не се согласуваа со оние кои мислеа дека треба да го завземат општествениот имот, или државниот да премине во нивните раце. Ним им беше кристално јасно дека тој е заедничка, државна, сопственост на сите, а не „сечија“ и „ничија сопственост“. Тие никогаш не би се согласиле да поседуваат нешто што не било нивно, но исто така не би се согласиле со останување на поседите во рацете на оние кои ги стекнале своите материјални богатства врз туѓата пот, со лоповлук, измами и преку други нечесни дејства. Овие луѓе не би скинале ниту слива од туѓиот двор без да го прашаат за тоа сопственикот и секогаш имале јасна претстава за разликата меѓу правичноста и неправдата, и се залагале за вистинско правно општество кое нема да за засновува врз поддршка на моќта и одредени елити туку такво пред кое сите ќе бидат рамноправни.

 Познавав еден голооточанец кој покрај тоа гниеше во затворите на Кралството Југославија, гниеше во затворите на Бугарија (беше осуден на смрт), а по ослободувањето некому му стапна на жуљ и заглави на Голи. Долго време пред неговата куќа стоеше „пазач“.

 На оние кои се сè уште меѓу живите длабоко им се поклонувам, на починатите ― нека им е вечна слава!

 (*Посветено на оние кои гниеа по затворите за својата комунистичка идеја)

No comments:

Post a Comment