Monday, December 1, 2014

ДИСПЕРЗИРАНО ПАСОШКО ОДДЕЛЕНИЕ




„Кога слепецот води слепци“
Питер Бројгел Постариот
 Петок е. Гледам, и не им верувам на своите очи. Не смеам! Велат, гледањето и прогледувањето биле антидржавни дејства. Пред мене се појавува работилница за дисперзирано издавање пасоши: купишта пасоши, кутии, ножици, хартии наредени што на тепих, што на маса… и еден тег за јакнење на мускулите. Си велам, нема никаква симболика, само неколкумина беа погубени јавно. Добро, сега… имаше и една пејачка што учеше летање низ тераса, ама тоа мора да е нечие херојско дело.



 Се загледувам во снимката. Луѓето вредно си работат, штанцаат ли штанцаат, а еден од нив урла (веројатно во телефон). Така обично разговараат оние елитнине граѓани, гордост македонска… секогаш се дерат во телефонската слушалка: „А бе, кој ќе се расправа тука! А бе, мајката нивна комунистичка, бееее…! А бе, слушај… ај бе, таму... а бе, батали ги таму! Кој, ш’о ги онади! Дајте, ај, соберете се… ајде… ти, ти… тоа, тоа… ај, работи…!“. „Лелеее, колку е речит човеков!“, си реков воодушевено. Мора да е некој од солидно образованите кадри завршени на дисперзираниве студии. Просто ми дојде желба да си завршам уште еден факултет, дисперзирано да се дообразувам, да станам учен и елоквентен како вмровциве. Гледам, човекот бос оди по тепихот и се чудам зошто не му купиле барем патики. Има на Бит-пазар колку сакаш, а и не се многу скапи. Би заштеделе! Па, нели они работат исклучиво домаќински, вредно и посветено, штедливо… Не арчат држава за разнопразни глупости како канализации, патишта, нови училишта, стадиони… Глупости! Ќе граделе ново! Има доста од старите, ќе им сменат фасада и личен опис и оп – „имаме нова зграда, нов стадион“!

  Не ми се верува во она што го гледам… И нормално е! Веднаш стигнува потврда дека ми се причинува и дека снимката е продукт на обична фатаморгана. Ете,се појавува Гоца и вели: „Не им верувајте на своите очи! Нема докази! Афис е дома, се успал“!

 „Пасоши!? Па ние тука, во еден од локалите спроти амбасадата и македонски лични карти си земавме и за оваа услуга си добиваме пари. Една позната најпатриотска партија ни ја врши уплатата, веднаш по приемот”, вели еден мој пријател од Тирана, ама јас не му верувам. Верувам само на Пастирот, Гоца и на МВРО. Штом тие велат „нема криминал“, така е. Видео – нема, аудио снимка од нечиј глас кој бара милион евра – нема. Гледаш, не догледуваш! Слушаш, не дослушуваш! Немој случајно некој да се дрзнал да верува на „злите јазици“, или да им поверува на своите уши и очи! „Нема што ти да мислиш!“, ме убедуваше еден познајник кој едвај заврши факултет, ама сега е директор на една од провладиниве телевизии.

 „Гле’аш!“, си велам – „Т’зи дупка не е дупка“ – си повторувам себеси толку гордо, како на некое гордо Македонче, и веднаш отрчувам да се лекувам со еден од спомениците на преродбата. Не гледам, оќоравев, си велам! Сум ослепел! Ме фаќа страв. За малку да им поверувам на злите јазици… а то0олку убава власт си имаме… и кротка, и штедлива, и посветена… во арчењето. Удирам со главата во споменикот, тој потпукнува и почнува да наѕира од него стиропорот. „Не! Ми се причинува!“, се убедувам себеси. И навистина – се јавуваат неколкумина овластени од владата да соопштат и да ги демантираат моите зли сомнежи: „Т’зи стиропор е барок“ – велат… „Не деј да се тревожиш Ајван“, се убедувам себеси, та нели и гладните не се толку гладни, а ситите се толку сиромашни што ни после осум години владееење немаат никаков имот и живеат во становите што им ги купила мама… А, кој знае, можеби немаат ни за јадење, кутрите? Наеднаш, чувството на страв ми се менува и нагло преминува во жал. Огромна тага и болка почнувам да чувствувам за нашите сиромашни политичари. Ете (си велам), наместо што кукаат, невработените може да се организираат и да почнат да собираат пари и храна за нашите сиромашни политичари! „Спаси еден политичар од сигурна и брза смрт“, или „Здрава храна – за здрав и поубав наш политичар“ би биле вистински хуманитарни акции, а не оние бесмислени „Спаси го дрвото и зеленилото“.

 Ех, чудна е оваа моја земја!

 Чуден сум и јас самиот – слепец! Што има тука нејасно!? Како последица на оние Самоилови 14 – тина илјади ослепени војници, денес имаме приближно еден милион слепи, при очи... кој на едното, кој на двете очи!

No comments:

Post a Comment