Monday, December 15, 2014

МАКЕДОНСКИОТ ДРЖАВЕН ГРБ - СОЦИЈАЛИЗАМ, АНТИКА, ИЛИ БУДАЛАШТИНА?


Грбот на Жером де Бара
(1581)
 


 Ете, ја откривме најголемата пречка на патот кон посветлата иднина. Одот кон просперитетот цело време ни го попречувал државниот грб кој, замислете само, бил социјалистички! Ја избришаа дури и петокраката, со што композициски го нагрдија постојното дело, но „социјализмот“ си остана во него.

 Идејата, била протната уште лани, но сега повторно ја заживеа некоеси „Македонско хералдичко здружение“. Во прв момент помислив дека во него има историчари и уметници, но глеј чудо главен мајстор во ложата и ле Гранде Хералд да ти бил физичар, кој студирал теологија (не онаа православната), а магистрирал во Нови Сад, па потоа магистрирал и „Историја во Скопје“ (со два магистериуми треба да знаеме дека „историја“ не се пишува со голема буква, ниту пак останатите два збора во називот на здружението).
Со него во членството се уште двајца персеванти, едниот дипломиран правник заслужен за идејното решение на „Орденот за заслуги за Македонија“ и за орденот „Илинден 1903“(!?), вториот е софтверски инженер. Другите наведени членови се еден дипломиран стоматолог, еден завршен средношколец и уште еден за кого нема податоци за степенот на образованието, но има за неколку креирани грбови, дури и за „беџот на Обезбедувањето на претседателот на РМ“, еден магистер по политички науки и еден дипломиран професор по англиски јазик. Сè сами таленти!

 Сè уште не ми е јасно која е потребата од менување на грбот. Говориме ли за државен, или за земски грб?! Она што им боде очи на наци(онали)стиве е што досегашниот државен грб ја симболизира Македонија, а не нацијата. Единствениот државен грб на Македонија е токму овој досегашниов „социјалистичкиов“, креиран од ликовниот уметник Ѓорѓе Андрејевиќ – Кун, а нагрден по предлог на некој малоумник кој се осмелил да менува нечие ДЕЛО. Пратеникот Никола Поповски од СДСМ го дал ваквиот бесмислен предлог уште во 1995, а овие само го спроведоа во дело.

 Земскиот грб, пак, можеме слободно да кажеме дека никогаш и не постоел. Оние кои бараат измена на државниот грб и кои нè убедуваат во неговата македонска суштина и во неговото вековно поистоветување со македонската нација воопшто не прават разлика помеѓу област и државност. Ги мешаат поимите, како што ги мешаат националната припадност со државјанството, така што сите родени во Македонија ги пишуваат дека се припадници на македонската нација, иако се изјаснувале и чувствувале како нешто сосема друго. Едно е грб на областа Македонија, како географски поим таа се поклопува со повеќе нации и држави, а сосема друго е државен грб (тоа сме од 1945).

 Како земски симбол досега го величаа сонцето од Виргина. Сега, наеднаш, застанаа зад лавот. Лавот за прв пат се појавува на овие простори како симбол во семејниот грб на Вук Бранковиќ кој владеел со Македонија и со Косово во XIV век (1378 - 1389). Многу подоцна е назначен како можен грб кој би припаѓал на Alexandre le Grand во стематографијата на Жером де Бара. Парижанецот де Бара, уметник, златар и советник на синот на Катерина Медичи издал своја книга која се темели на хералдичка фантазија, па таму го илустрирал грбот на Александар Велики. Грб кој е претпоставен, вештачки доделен – измислен грб, плод на неговата уметничка имагинација, а не вистински негов грб. Оттука, погрешно сфатен како грб на Александар Мегас, тој станува симбол на знамето на бугарското Разловечко востание кое е дел од Априлското востание подигнато во организација на БРЦК, а во Малешевијата од активистите на солунското здружение „Б’лгарска зора“ чиј лидер бил Димитар Попгеоргиев Беровски. Тој претходно се борел и во битките за ослободување на Кнежевството Србија, што било сосема нопрмално во тој период кога двете кнежевства живееле во слога.

 Круната, во форма на тврдина (како графички клише-симбол) веќе е поставена како дел од грбовите на Охрид и на Радовиш во креација на истото хералдичко здружение. Зарем круната не е со идеолошки предзнак?! Зарем таа не претставува монархија, кралство?! Монархија, која Македонија ја немала никогаш во своето минато, токму како што го немала ни барокот – не заради некаква комунистичка забрана, туку заради историските околности. Непознато ми е кога круната стана симбол на републиканското уредување. Ете, токму оние од хералдичкото здружение нè убедуваат во лавот и во круната како „симболи на републиканското уредување“, иако истата хералдика има повеќе допирни точки со средновековието и со монархиите, со витезите и ламјите, а никако со републиканството. Ова со грбовите е изгледа некоја нова вморонска мода! Веројатно ќе имаме семеен грб на Груевци (со круна), Ставревци, Милошевци (со лакејска капа)… сè сами македонски барокни благородници! Е, јадна Македонијо! Бранковиќи во тебе колку ти душа сака!

 Историјата никогаш нема да може да го избрише Фактот дека единствен македонски државен грб е токму оној со петокраката – со Шара и Вардар, со Тутунот и со Афионот, со Сонцето. Многумина ме нарекоа комунистички носталгичар, само затоа што се противам на обидите насилно да се променат историските факти. Само затоа што укажувам на очигледното: дека некој си игра реформи со споредни и сосема небитни работи. Некој вештачки се промовира себеси во племство, оттаму барокот, оттаму круните. Во услови на вештачко намалување на невработеноста, со трупање неспособни војничиња во државна администрација, кога се уринира и наглавечки превртува образовниот систем, кога наместо болници и училишта градиме барок за егзалтација на малограѓанската ситна душа и нацијата, а сето тоа се прикажува како невиден успех – должност ми е да му се спротиставам на таквото лудило. Та, може ли украдено дело да го наречеме дизајн? Предлогот за нов државен грб е дело на Жером де Бара (XVI век), а не на македонското хералдичко друштво. На него е додадена само круна во форма на тврдина. Тој не е случајно предложен. Претставува измислен можен грб на Александар Велики, плод на хералдичката имагинација, измислица на де Бара, а не вистински семеен грб кој му припаѓал на неговото величество „најголемиот Македонец“, најмалку „земен грб на Македонија“!

 Во ЕУ „социјалистички“ грбови како македонскиот имаат Португалија, Белгија, Малта, Сан Марино, Италија (со црвена оивичена петокрака и со запчаник)… Во светот, со вакви грбови се: Аргентина, Бразил, Уругвај, Шри Ланка, Таџикистан, Азербејџан, Непал, Монголија, САД, Гватемала, ЕлСалвадор, Белизе… Знамето на Аризона има на себе петокрака, но никому нормален не му текнува да ја избрише. Кој се срамува од досегашниот македонски државен грб, заменувајќи го со наводно „земски“ грб на Македонија? Јас не, а вие?

 Колку убаво ќе беше да беше до грбот. ЌЕ го сменевме и веднаш ЌЕ зачекоревме во посветла иднина! Веднаш ЌЕ почнеше да ни течат мед и млеко по улициве, а барокните позлати и фасади ЌЕ се претвореа во суво злато. Преку ноќ ЌЕ ни рипнеше стандардот, ЌЕ се отвореа нови работни места, ЌЕ немаше невработени, ЌЕ немаше социјални случаи и сиромаштија. Власта изгледа најпосле успеа да погоди во сржта на проблемот – промената на „социјалистичкиот“ Државен Грб (кој всушност е и единствениот вистински државен грб на Република Македонија) ќе доведе до неверојатен напредок! Ќе нè вивне во вселената! Браво генијалци!

No comments:

Post a Comment