Friday, February 23, 2018

ГРУЕВСКИ ПАДНА, ЗА ГРУЕВИЗМОТ ‒ ЌЕ СЕ ИЗНАЧЕКАМЕ.




  Деновиве читав нешто за Ахеменидското Персиско Царство и вистинско чудо е како ние Македонците не сме вовеле во историјата дека потекнуваме од Дариј I Велики, туку само од Великиот Александрос. Како ли само смеевме да го пропуштиме тоа!? Така е тоа кога целата наука ни е „сила“, како и државава!

 Добро, штом веќе не сакате, еве јас си се прогласувам за наследник на Дариј, а вие што си сакате бидете си од левото јајце на Александрос Мегас. Замислете, царството на Дариј било далеку поголемо од
Александровото (како копчето на Трамп од она на Ким Јонг-ун), и тоа многу години пред Александровото, уште од VI век п.н.е. и зафаќало 75% од територијата на Македонија-на-Македонците. Дури потоа дошле амебите, па Хазарите, Словените, Куманите, Сасите, Келтите, Илирите, Пајонците, Фригијците, Трачаните, Черкезите, Ерменците, Србите, Наполеон, Крсташите, Турците, Австроунгарците ‒ и Австријците и Унгарците, Немците, Бугарите, Татарите… И од сите нив, произлеговме ние ‒ "чистите" к'о солза Македонци, згора на тоа уште и "антички". Сè сами Александросови епигони-дијадоси.

 И повторно, овојпат нов владетел нè убедува дека било само до името. Дека до 2019-та ќе сме влегле во ЕУ, иако зацртаната стратегија на ЕУ ја предвидува 2025-та-та ако бидеме умни. Повторно истата шарена лага, дека тоа, ама баш името, и само името, е она што нè кочи на патот кон НАТО и ЕУ и дека Грците си имале проблем со нашето име, а не ние самите со себе. Небаре Грција е таа што е блокирана на патот кон одредени асоцијации. Сè е средено кај нас, само уште да влеземе во НАТО и ЕУ, па ќе ни расцутат розите!

 Груевски падна, но груевизмот упорно опстојува, и натаму си владее, ги влече конците, молзе од државава и од нејзините жители, а груевистите мува не ги лази. Како да не се виновни за ништо. Си седат по Управните одбори и во разни други Совети… И натаму ги бива за сè. Таленти! Оние што го организираа насилничкиот лов на пратеници во Собранието на 27. април минатата година минаа со лесен притвор од 90-тина законски дена, што никогаш не беше случај со разните измислени шпиони, кодоши, агенти, предавници, митаџии, метастази, фаланги, змиски ока, неплаќачи на даноци и слични измислени „државни непријатели“ притворени од Грујо и компањоните, чии притвори траеа најчесто преку 9 месеци. Тоа не е случај ниту со оние јадни наивковци воспалени „патриоти“ кои насила влегоа во Собранието удирајќи по пратениците со разни предмети убедени дека извршуваат некаква света задача. Овие партиски војничиња експресно беа осудени. Дел (миленичињата) пребрзо, за да не добијат поостри казни, а само еден од нив доби и соодветна казна според делото што го сторил (напаѓачот на Шекеринска). Наредбодавците, оние кои ја изманипулираа толпата, повторно си останаа нечепнати. Нема пресуди за нивните градоначалници дрпаџии. Нема ниту притвор за премиерот-кадија, за полтрон-министерката за внатрешни работи, нема ниту за неговиот братучед ‒ все и всја во државава, најголемото државно уво. Тие си поминаа само со одземени пасоши. Казнети се, кутрите, со забрана за прошетка надвор од државава! Излегува дека Дпмнајците се во право кога тврдат дека тие ги сториле кражбите, уцените, присилувањата, прислушкувањата, обидите за убиства (веројатно меѓу нив и одреден број безочни убиства кои останаа нерасветлени*) и останатите злодела, повеќе од една деценија, исклучиво од „патриотски побуди“ или од чисто незнаење, од обичен немар, сосема случајно, или тоа го сториле врз луѓе кои оправдано ги „разоткриле“ како предавници.

 Од друга страна, новава владеачка гарнитура на СДСМ во одредени случаи дури и се плаши да постапува според законите на РМ во кои јасно се наведени делата кои се кривично казниви. Се влечат како „Ќира“ со спроведувањето на законите, со носењето рески и јасни одлуки. Сенешто да не ги навредат бившите, да не ја нарушеле нивната нежна психа, случајно да не помислеле другине дека правдата ја спроведуваат водени од осветољубивост. Несватливо, ги оставија поголемиот дел директорчиња на јавни претпријатија. Ги оставија на позиции дури и судиите кои јасно носеа незаконски одлуки и решенија. Ги оставија и обвинителите кои одредуваа вина според партиски припадност и адвокатите кои си правеа „на ти-дај ми“. Не случајно Груевски си побара работно место во Судот. Си има искуство човекот, цела деценија ни беше кадија: и судеше ‒ и тужеше. Работните места си ги задржаа дури и оние чија задача по фирмите беше единствено да ги известуваат своите општински комитети за кажаното и да ја оценуваат подобноста на другите, степенот на патриотизам кај своите колеги. Веројатно уште ги плаќаат и оние вработени кои си седат дома, а редовно си примаат плати. И како врв на сè, овие од сегашнава власт изненаѓени и увреѓени ‒ се чудат од каде тоа сега некои работи не им одат, зошто некои планови им се изјаловуваат, зошто не им оди ама баш ништо како што треба.

 Замислете, дрпаџиине од ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ цела деценија трупаа свои верни војници во јавната администрација, по приватните фирми, во фирмите сместени во технолошко-индустриските развојни зони, во полицијата, армијата, по министерствата, школите, факултетите, здравствените установи… во М-НАВ, АЦВ, Лотарија на Македонија… И ништо од тоа одамна не функционира како треба… Сега наеднаш на дпмнеовциве им текна да се залагаат за департизација, небаре тие не беа креаторите на таа најцрна партизација и на најдолниот непотизам што Македонија го видела од своето постоење наваму. Одеднаш, здравството стана скапаница и ништо во него не функционира. Преку-ноќ образованието ни стана никакво. Експресно, судството стана корумпирано и јадно, а правдата стана кривда во служба на „политичкиот прогон“ на „вистинските патриоти“. Наеднаш, јавната администрација стана нефункционална и покрај „успешните реформи“… А, СДСМ ‒ си молчат и гледаат во чудо, изненадени зошто не можат ништо да започнат, ниту да довршат! Намерна саботажа!? Диверзија!? Тивок бојкот по партиска задача!? Ма, неЕее…! Врска нема! Не ги менувајте тимовите што не функционираат, да не помислат дека сето тоа е водено од пустата желба за реваншизам и од подмолна осветољубивост! 

 Клиниките и болниците сè уште се во хаос. Во некои од нив пациенти примаат инфузии и терапии по ходниците, во некои нема доволно лекари и персонал. Во подрумите и по спратовите има места каде можете да го снимите најстрашниот хорор филм од кој на гледачите косата ќе им се исправи и од кој нема да можат да заспијат со ноќи. Амбулантите по малите места напуштени… Приватните клиники во сјај, но тешките случаи секогаш ги праќаат во Универзитетските клиники и институти кои, глеј финта, го носат името на „Мајка Тереза“ која ги оставала сиромасите господ да им помогне, се во стилот ‒ ако преживеат се чесни, ако умрат ‒ му згрешиле нешто на бога. Зградите на „Скопје-2014“ однадвор осветлени со блескави сијалици, или тонат во вода, или прокиснуваат. Училишните сали со патриотски имиња градени како коцки насекаде по ист терк, со онаа препознатлива црвено-жолта комбинација се распаѓаат. Училиштата ‒ да не си денес ученик. Во нив одамна не владеат правилата заради кои ги испраќаме своите деца таму (воспитување и образование), туку станаа арени за преживување во кои владее малтретирањето (булиингот), а наставниците се плашат да стават лоша оцена на неуките или да ги казнат агресивните ученици заради последиците кои можат да ги доживеат од одредени осилени преку-ноќ обогатени родители, или од оние кои станале партиски или државни моќници. Дури и капацитетот на оние кои треба да ни ги учат децата, на оние кои треба да нè лекуваат, да нè бранат, да нè тужат и судат стана сомнителен. Болниците ‒ да не се разболиш, судовите, шалтерите ‒ да не стигнеш таму, полицијата, политичарите ‒ да не им се замериш.

 Живот за сите!? Да, се согласувам… но не можете сите оние кои за последниве десетина-единаесет години се изнаживеаа (и из(на-из)живуваа) на сметка на другите, кои ни го загорчуваа животот последниве десетина години, оние кои посредно и непосредно ни ги одредуваа судбините, да ги ставите во привилегирана положба на неказнивост. Не можете да ги оставите и натаму да си обавуваат функции каде ќе одлучуваат за битни и небитни работи за државава-претпријатието-установата-институцијата. Едноставно не можете да ги ослободите од сета одговорност за стореното од лични, себични, егоистични, користољубиви, прилично профитабилни побуди бранејќи ги со „ги уценувале, па не смееле да говорат“ или оправдувајќи ги со „биле под притисок, па го направиле тоа“. Извинете, ама поголемиот дел од нив се изнаживеаа и стекнаа огромен број поволности (најчесто незаслужено) во општествово, за себе и за своите поколенија. Патем, можете да уценувате само човек кој некаде згрешил, или кој правел или се обидел да направи некаква матна работа, па бил фатен, некого кој во некој момент прекршил некакви општоважечки правила. Не можете да уцените некого кој не ги прекршил законите и моралните норми. Морални норми!? Правила!? Што беше тоа?

 Во меѓувреме… металната ограда околу шампитастата зграда на Владата сè уште си стои! Стојат и јонско-дорско-коринтските капители. Си стојат и коњите, галиите и митските чуда од хеленизираната македонска митологија, дури и фонтаните-прскалки. Сите тие ‒ симболи на најголемиот грабеж извршен врз граѓаните што некогаш се случил во Македонија, а веројатно и во регионов. „Националната гордост“ на простите и будалите! Ветер и магла, купени со народни пари! Веројатно уште си стојат и кич сликите над главата во канцеларијата на Заев и бенкер-брас ламбата на неговата маса од масивно дрво што му ги остави во наследство неговиот претходник. Си стои и она „музеј на жртвите од комунизмот“ под „Музеј на македонската борба за државност и самостојност и музеј на ВМРО“ (вадењето на буквите изгледа „чини многу пари“), па уште и матичната служба ја преселија таму за да се прават венчавки под ликовите на Тодор Александров, Ванчо Михајлов, Мусолини и Хитлер, претставени како позитивци. Они херои, а комунистите саде сатрапи.

 Го снема единствено Ќосето. Све је исто, само Гwујокио го нема… барем не е толку често по екраниве, како некогаш во „славните времиња“!

No comments:

Post a Comment