Thursday, February 1, 2018

ПРОМЕНАТА НА ИМЕТО



 Документот со кој Македонија е примена во ООН ѝ наложува таа во меѓународните организации и односи да се именува како БЈРМ сè „до решавање на разликите кои се појавија околу нејзиното име“, односно, сè додека не се дојде до заедничко решение за името со Грција (според билатералната времена спогодба). Тоа значи дека кога Македонија побарала прием во ОН и меѓународните организации прифатила и условеност дека ќе се именува како БЈРМ (FYROM) во ОН „додека не ги реши
разликите со името“ („this State being provisionally referred to for all purposes within the United Nations as "the former Yugoslav Republic of Macedonia" pending settlement of the difference that has arisen over the name of the State.“ A/RES/47/225). Според тоа, самите сме прифатиле промена на името, а тоа била обврска за прием во ОН. Називот FYROM не го користат само Грците, туку и поголемиот дел од меѓународната заедница. Патем, во овој назив не гледам никаква навредлива конотација. Ние сме Бивша Југословенска Република, исто како што се сите останати банана-републики кои произлегоа од противзаконската сецесија потпомогната од Западниот империјализам и неговите подлизурковци-агенти кои ни ветуваа „во ЕУ до 1996“. Токму сецесијата од Југославија е моментот кога станавме земја и луѓе без иднина. Изминаа 26 години, ние уште се влечеме по патот кон ЕУ, најчесто заглавени во минатото, пишувајќи историја врз основ на искази и бапски приказни. Тргнавме кон Европа, а стигнавме во Африка. Какво ли чудо! Дури и некои африкански земји се далеку посредени и поразвиени од нас.

 Време е да се разбудиме од овој кошмарен сон. Ниту минатата, ниту сегашнава власт не му кажува на народов дека, според новата планирана стратегија на ЕУ за проширување, сите влезови кон ЕУ за Балканот се замрзнати до 2025 година „кога ЕУ ќе размисли дали оние од Западен Балкан ги исполниле условите“. Што ќе правиме дотогаш?! Ќе ни говорат ли и натаму лаги дека уште утре-задутре ќе бидеме таму, сè додека не стигнеме навистина сите пред нивните порти како некој нов бран емигранти, само овој пат од Западен Балкан, а не од Африка!

 Верувам и дека немаше друг начин Македонија да биде признаена во меѓународните односи, освен оној под референцата БЈРМ/FYROM, а признавањето и членството во светските меѓународни организации (секако, не мислам на НАТО и на ЕУ) се примарни за опстојувањето на една држава во меѓународните води. Да не беше референцата, веќе немаше ни да постоиме. Токму тогаш кога започна сецесијата, ВМРО-ДПМНЕ ја започна приказната за „нашиот дел окупиран од Грчиштата“ и ветуваше конгрес во Солун (кој „е наш“). Тогаш и Циле и Тодор Петров клечеа на границата со Грција правејќи блокада, на што Грците одговорија со економска блокада. Учењето дека постои „наш дел“ во Грција, како и фактот дека дел од денешните Македонци се умислени „чеда на Александар“ и повикувањето на „географско-етнички граници на Македонија“ (картата на овие граници е создадена пропагандно од Димитар Јаранов 1933 година во Софија), нè доведе во состојба Грција да инсистира за промена на името. Самите си го стокмивме проблемот. Сè додека постои ваквиот наш поглед во односите со Грција односно, сè додека вината ја бараме само кај „Грчиштата“ - нема да имаме напредок.

 Да не заборавиме, во ДАГ и ЕЛАС не учествуваа само Македонци туку и во поголем дел Грци кои исто беа раселени во Источниот Блок, по наредба на Третата Интернационала, како и голем дел од Македонците. Да не заборавиме дека грчката држава издала и „Абецедар“ (1925) за „славофонското“ население според нивниот говор од Флорина (Лерин) и Битола (Монастири). Да не заборавиме дека и денес признаваат постоење на Славомакедонци (Σλαβομακεδόνες) https://el.wikipedia.org/wiki/Σλαβομακεδόνες, но, со право, никако не можат да прифатат постоење на Антикомакедонци. Токму овие два изрази Славомакедонци и Славомакедонија се најприфатливи за нас и најмалку задираат во националниот идентитет. Ако не се прифатат, тогаш најубаво е да си останеме БЈРМ, име што одлично нè дефинира. Наместо да го прифатиме изразот под кој Грција веќе нè прифатила и да инсистираме на заштита на нашето малцинство таму, секако во смисла на барање нивни права за да си ги сочуваат својата култура и јазик, а не да го злоупотребуваме како меѓник дека „до таму е наше“, нашиве политикастери-псеудопатриоти ни ја ископаа дупката уште подлабоко, па уште додаваат и млака вода во неа за да стане што покаллива и што повеќе да се заглавиме. Дваесет и шест залудно загубени години - од инает и од глупост! А што сме друго, ако не Словени? И битно ли е воопшто кога и како тие се доселиле на Балканов!? Со сите словенски народи можеме да се разбереме и без преведувачи бидејќи говорат сличен јазик, за Грците, Румуните, Унгарците, Германците ни треба преведувач. Што би изгубиле од ваквата промена? Би станале помалку луѓе!? Би биле покорни и без иднина? Слуги!? Па ние станавме слуги и безлични празни души уште во моментот кога се отцепивме од Југославија, под раководство на ЦИА!

 Некои постојано ги спомнуваат „промена на знамето“ и Уставот извршени под силен меѓународен притисок. За кое знаме говорат!? За наводно „македонското-национално“?! Тоа знаме воопшто не е симбол на Македонија, најмалку е некакво „национално“ знаме. Самото „Сонце од Вергина“ станува „македонски симбол“ од националистите после 1990, а симболот е откриен во 1977 година, при археолошки ископувања во Вергина (Кутлеш). Па како тогаш може да стане „вековно национално“ кога дотогаш немавме поим дека има некаква „Ѕвезда“ во Кутлеш?! Единственото знаме кое е македонско национално и македонско државно е токму знамето со црвена ѕвезда петокрака оивичена со златни ивици, од кое приметувам, под дејство на константната антикомунистичка пропаганда, многумина левоопределени, а и многумина кои се прикажуваат како комунисти се откажале. Под него македонските партизани заедно со југословенските извојуваа слобода, под него илјадници загинаа, а под него Македонија стана држава. Под него е создадена и Втората македонска ударна бригада во Фуштани, Егејска Македонија.

 Што се однесува до измената на Уставот, таа е извршена како логична последица од идејата за „наши (окупирани) делови“ (впишана во историските читанки) и пропагирана како врв на патриотизам. Вметната е во членот три како откажување од територијални претензии кон други држави и дека границата на РМ може да се менува согласно Уставот и меѓународните норми... И ќе ве прашам - што има лошо во ваквата уставна измена? Оттаму, ве молам, не ми ги повторувајте фразите кои упорно ги верглаат некои заслепени националисти.

 Многумина признаваат дека името е најмалку битно за опстојот на нашата татковина. Далеку побитни се уредувањето и успешноста на нејзиното функционирање во корист на граѓаните. Залагањата за средување на администрацијата, здравството и образованието, чистењето на правниот систем, законодавната и извршната власт од користољупци, профитери, укинувањето на дел од нивните привилегии, намалувањето на нивните плати, правната еднаквост - важењето на законите за сите подеднакво, како и создавањето модерна инфраструктура, услови за економски просперитет, воспитани и образовани граѓани и нивна социјална и економска сигурност треба да се нашиот приоритет. Македонија не мора да влезе ниту во НАТО, ниту во ЕУ, ако ги оствари овие цели. Искрено, ако ги оствареше досега, немаше да има никакви проблеми со името, ниту ќе имаше условувања за влез во ЕУ.

No comments:

Post a Comment