Friday, November 23, 2018

АЈВАНИЗМИ IV


Ајде да продолжам со моите Ајванизми, на чудење на оние кои мислат дека сум замолкнал. Овие се збир од моите постови на ФБ профилот кој ми беше „демократски згаснат“ за да не јадам многу трици. Не, не молчам, го снимам оддалеку лудилово и не можам да му се изначудам. Што ли земја станавме, во што ли луѓе се претворивме! (афоризмиве се збирка од моите постови на Фејсбук.).




 (2011 година)

Често имам впечаток дека нормални луѓе се затворени во лудниците, а оние психички пореметените и умоболните се главна вест на ТВ-екраните. Не знам зошто?

Постојат зборови кои никогаш не би ги изговорил пред човек што не го познавам, а не пак, пред ФБ пријател!

Бидејќи сум унисекс генерација и малку приглуп, имам еден мал проблем: Кога ќе му се обратат некому со „господине“ често ме фаќа срам и чувствувам голема нелагодност. Не знам дали го заебаваат човекот, или се навистина сериозни! И… кога го заебаваат? Кога му се обраќаат онака мртви озбилни, или кога му го кажуваат тоа со насмевка? :0))

Сè се врти и сè се менува, но ние... каде и да тргнеме, повторно ќе сме си на почетокот!

Срцето ми остана расфрлено низ неколку градови од таа земја што веќе ја нема.

Која ли будала плати 700.000 евра за ваква будалаштина?! :0))

Грабаме напред со 1200 чекори, ама постојано ги правиме на „Орбитрек“!

„Признавам! Од мене се посилни само Лавовите од Македонија“ (изјава на Сандокан - Тигарот од Малезија, во моментот кога минувал крај „Фонатаната на победата“) :0)))

Дефинитивно ‒ најупотребуваната фраза кога некого ќе го фатат „жив“ и со см’кнати гаќи е: ― „Не е тоа ти што мислиш“! :0))

Скопски доручек: „кифла со празен бурек“. Можеби за вас е празен бурек, ама за мене е највкусната симит-погача!

Најинтересно од сè е што ВМРО-Δ.Π.Ν.Ε. се стави во одбрана на Времената спогодба, составена во време на СДСМ, а до вчера ја критикуваа како несоодветен документ и фрлаа по неа и со дрва и со камења!

Напред! Кон светлото минато!

Кога глупоста е на цена, умот е безвреден!

Оглас: Мермер, бронза и монументални споменици - Г.Д.„Споменик“, А. Д. „Влада на РМ“! Нашето мото е „Ние се грижиме за вашиот Мирен Сон“! Ве очекуваме!

Бргу, пратете едно возило на итна помош на плоштад! На воинот изгледа му се слошило, почна да менува бои! :0))

Навистина не ми пречи што Аце бил педер, самооОо… Постојано се мачам да одгатнам како ли му успеало да остави зад себе толку многу конзервативни потомци кои тврдат дека тоа е болештина! Сигурно открил некоја посебна ин-витро техника резервирана само за го0Оолеми мажишта!? =:0))

„Сложно и обединето кон една иста цел!“ А, која ли е целта!? Античка Македонија?! Праисториска Македонија?! Имбецилно е да се упатуваш кон целта наметната од некој кој го загубил компасот!

Ние сме очигледен доказ за тоа дека земјата е топка ‒ постојано се вртиме во круг!

Ова е мојата земја, но народот... со него сè помалку се идентификувам, не го препознавам веќе!

Од зачинот на политиката во секоја чорба, ми се згадија и спортот, и уметноста и науката! Отидов да повратам!

 Владата реши да нè изнасмее, за таа цел формира проект наречен „Скопје 201… Извинете, згрешив… За да не им се смееме постојано, ќе формира и театар „Комедија“! Изгледа, наскоро и смеењето на несоодветни места ќе ни биде строго забрането и регулирано со закон!

Адреса на театарот Комедија: Театар „Комедија“ - Д.О.Е.Л. „Трагедија“, булевар „Илинденска“б.б., Скопје!

Па недозволив е хаос во оваа област. Замислете владино обавестување на ТВ: „Се дозволува смеење исклучиво во театарот Комедија (адресата ви е позната:)“, или,замислете вест: „Во Собранието влезе во процедура предлог за донесување на Закон за смеење“! Очекуваме наскоро владата да ни отвори и национална куќа за плачење, Театар „Скриена Солза“, каде единственото задоволство ќе биде тоа што таму ќе може да се изнаплачеме до бесвест! 
 П.С. Немој некој случајно да се насмеал! :0))

Не го даваме Бо, ниту за „Воинот на коњ“, а ниту за кралство! :0)) (*посветено на македонскиот настап на Кошаркарското првенство во Вилнус) 

Најдобри сме во украдени топки, најдобри сме во украдени химни, најдобри сме во крадење туѓа историја, архитектура, најдобри сме и во крадење туѓи пари и имот… Ма, има ли некој подобар во лоповлукот од нас?!

„Отишле на одмор на Халкидики бидејќи бил наш, па да не се заборави!“ (ВМРО-овско оправдување за „патриотските“летувања во Грција) …Епа… до година, одам на пат до Индија, via Турција, Египет, Ирак, Иран, бидејќи биле наши! Се надевам владата ќе одвои средства и за мојот незаборав! :0)

 Во општество со испревртени вредности, криминалците стануваат чесни граѓани, нелегалното ― легално, неприродното станува природно, тапчовците ― генијалци, неинвентивните ― таленти, убијците ― невини жртви… Превртете ме наопаку за да можам и јас да ѝ се израдувам на „преродбава“!

„Грција ќе се распадне“! „Европската Унија, само што не пропаднала“! „САД пропаѓа!“... Ми се чини, дури и кога целиот Свет ќе пропадне ние ќе продолжиме да постоиме! Среќно ќе си живееме на пустиов остров, ни на небо-ни на земја, сами и изолирани од светот!

На патот кон успехот, далеку поуспешни од кодошите се покажаа оние кои таму стигнаа преку лигавењето! 




No comments:

Post a Comment