Thursday, July 8, 2010

ИН E АУТ



Еден текст во денешните дневни весници говореше за лошата детска игра, во која преовладува насилството, за штетното влијание на интернетот, барајќи го проблемот дури и во храната полна со хормони. За жал проблемот е многу подлабок и посложен од кажаното!

Рушењето на нормите на однесување, извитоперувањето на Вредностите, погрешните информации, срамот од книгата, се само дел од причините кои нè водат кон кошмарното современие! Дел од проблемот лежи во реченицата „Така е и на Запад“, меѓутоа имаме многу проклет обичај од Запад да го внесуваме само најлошото! Позитивните работи „од Западот“, кои до вчера беа вообичаени и кај нас, ги отфрламе како да се работи за безвредни нешта! На западот, материјалните и духовните богатства се стекнуваат со децении. Кај нас, преку-ноќ обогатените, прогласуваат дека нивните примитивни кавитети се големо духовно богатство.

„Глупав“ е човекот кој работи, глупав е и оној кој се грижи за работата, глупав е ученикот кој учи и своите ценки ги стекнува без врски, со знаење... Глупи се оние кои читаат... Глупи се сите оние кои немаат по две-три работни места, едно во јавно претпријатие, другото, како шеф на свое приватно претпријатие. Третото може и по избор: во управни одбори, или како општински советници, талентирани за сè и сешто… Глупи се тие кои немаат џип, кои имаат постојано место на живеење, со документи на вистинската адреса за живеење… Малоумни се оние кои не се во минус на својата сметка, кои не земаат кредити, или бланко меници од банките, кои не се во партиите, во форумите!

Сељак е детето во основно без скап мобилен, без фирмаџиски пердуви (најчесто нивна бедна тајванска копија), без „петсто кец“, без мини сукњичка до половината, без шминка (уште од првото одделение во основно училиште) и кое не излегува по задимените дискотеки, клубови, до раните утрински часови… Сељак е, иако само тој знае дека земјата се врти! Не се Сељаци оние кои својот прст го копаат во ноздрите сè до мозочните вијуги, оние кои вчера ги собуле своите опинци, па сега не можат без парно и без клима-уред, кои сеуште плукаат по подот во училницата, го фрлаат ѓубрето на улица не трудејќи се да го скријат својот срам, верувајќи дека направиле прекрасно дело... Не се сељаци, оние кои се длабоко убедени дека врне, затоа што така сака господ!

Женска е онаа која ќе се соблече пред камерите на „Големиот Брат“ и јавно, пред ТВ-гледачите ќе има секс, со сите во просторијата, иако, покрај тоа што е студент, јавно изјавува дека е скарана со книгата и дека тие (книгите) и се непријатели! Женска е таа која на својот концерт намерно ќе клекне, плеснувајќи го своето меѓуножје пред носот на илјадниот аудиториум! Не е женска таа што нема „да се мува“, која нема да се опијани уште во V одделение и носот го закопала во книгите, обидувајќи се нешто да дознае за животот и светот, за науката, за поезијата, уметноста... Маж е оној кој ќе се драпа за својот полов орган пред другите, оној кој плука, смрди на пот и прдеж… Цар е неписмениот, оној, кој ќе го прелаже другиот и покрај тоа што другиот е далеку поумен од него!

Не дека во времињата изминати, дечињата на таа возраст не се тепаа. Силеџии имаше и тогаш! Гледам некои пропагираат етика виа религија. Очигледно е дека се заглавени во лагата! Ништо помалку од нив не се религиозни Педофилните попчиња, кои цел живот си ги простуваат гревовите со читање буквица. Виновен им бил безбожниот комунизам! „Ете, да верувале во бога сè ќе било во ред“- велат тие. Вистината е дека тие беа верници и тогаш, само се преправаа со нивната вродена мимикрија, заради привилегиите што ги нудеше тоа општество! Или, пак, се преправаат сега дека се длабоко религиозни?

Нема докази дека насилството меѓу децата е помало во Кинескиот комунизам, или во слободарската Америка. „Ресетирањето“ и „Фајт клабингот“ постоеа и во 70-тите, беа безимени, но и удирањето беше со усул, пазејќи да не осакатите некого. Овие, сегашниве „верници“-деца се натпреваруваат кој-кого повеќе ќе го Осакати, или Навреди! И тогаш постоеа локални мангупи и удираа Чврги: „Копиљ,купи 10 Југославии на парче!“! Само што сега, овие локални мангупи-кавалири, може да изедат куршум од ваквите копиљаци. Пребргу си ги набиваат комплексите! Тогаш, Во „трулиот“социјализам, не смееше да се случи машко да натепа девојче. Денес, тоа е мода - вообичаен начин на однесување на јуношите од „посилниот пол“.

Не случајно старите Римјани посочувале дека Неказнувањето го поттикнува злосторството. Проблемот денес не е во гледањето филмови „касапници“, ниту во „порниќите“ или во интернетот. Проблемот е во недостатокот од стравот од казна, како последица за лошото однесување. Не смеете да ги казните мамините и татините дечиња. Тие се „цвеќенца“! Не смеете да го повлечете за уво, да му врзете шамар, ако претера... дури и на главата ако ви се искачи - Не смеете ниту да го избркате од Часот, вон класот - „не било педагошки“. 

Ниту е вината единствено во интернетот, ниту во телевизијата, ниту во демократијата. Потребно е малку подлабоку да се погледнеме себеси пред огледалото. Проблемот е во разбирањето на Слободата, како средство за лично ослободување, средство за ослободување на своите примитивни нагони, при што сакаме својата „слобода“ да ја изразиме и покрај тоа што силно ја загрозуваме онаа, на другите индивидуи, поинакви, или не толку поразлични од нас!
Подлабоки се корените на малолетничкото непримерно однесување. Тоа е слика на општествените прилики, на Срушените Вредности, каде, единствено скапиот мобилен и скапите автомобили се величина - супститути за Знаењето. Слика на владеењето на парите и силата над Законот и Умот!

No comments:

Post a Comment