Monday, December 13, 2010

УТРЕ Е ПРЕДОЦНА!



Народот, има легитимно право да бара смена на легално избрана власт која го прелажала и се заборавила во своето владеење! Надмени, самобендисани, апсолутни шампиони во аматеризам, со приземно и површно знаење од секоја област (претставено како научен зенит), без идентитет, без скрупули, со огромен малограѓански невкус... Тие се мали умислени богови кои себеси се поставуваат над законите, корумпирани борци против корупцијата, грабливци-лешинари кои се борат против криминалот... Тоа се само дел од карактеристиките кои ги поседува оваа власт!


Последиците од неа!? Државата се распукува по сите шевови: јавната администрација, здравството, образованието, културата, надворешната политика... станаа непоправливи руини! Последиците од ваквото инфантилно владеење ќе ги чувствуваме уште долго, по нивното заминување. Македонија е вратена во времето на Голооточкиот „комунизам“! Заглавени сме во античка праисторија и сè повеќе наликуваме на луна парк, или некој циркус! Стоте „преродбенички“ чекори си го покажуваат својот вистински лик во пустошот оставен зад нив! Имаме десетици квазибарокни градби, прогласени за врв на постмодерната архитектура. Имаме стотици кичфигурини, стокмени од соцреалистички кичмајстори, кои се умислуваат дека се наследници на Караваѓо, Веласкез, Бернини. „Треба да го надокнадиме пропуштеното. Треба да ја вратиме гордоста на нацијата“, повторуваат постојано. Надриархитекти нè убедуваат во нивната необична лековитост, токму како некакви трули надрилекари-астролози, од типот Клео Патра. За тоа време јавното здравство скапува. Паѓаат кровови, клиниките остануваат без апарати неопходни за дијагностицирање и лекување, без основни медицински материјали (ракавици, шприцеви, завои, игли...)! Состојбата во училиштата е идентична! Немаат учебници, нагледни средства, но „имаат компјутери, имаат дури и интернет“, велат тие.

Што ќе им оставиме на нашите деца? Што ќе оставиме во наследство на идните генерации? Секојдневно слушаме и читаме за грабежи на банки, силувања, тепачки, убиства... Што е тоа што се случува во оваа земја? Дали е на повидок анархија, или веќе одамна сме длабоко навлезени во неа, па толку сме се навикнале на неа, што сега, веќе ни наликува на нешто нормално? Како инаку да се протолкува, состојбата кога, покрај секојдневниот пораст на грабежи и убиства, ќе слушнете од власта, дека нема потреба од загриженост, или пак, за превземање дополнителни акции, или мерки за спречување на криминалот? Станува ли Македонија земја од минатото, налик на истата од ’20-тите години од минатиот век кога владееле теророт и затуцаноста?!

Веќе неколку години по ред, се случува за учениците да недостасуваат учебници. Она што досега го обезбедија се безвредни учебници, преполни со глупости и искривени факти. Учебници во кои главниот извор на знаење е македонскиот оддел на „Википедија“ во кој се испишани  неверојатни „бисери“ (на пример: дека  во Куманово, во Средниот век „главен водич бил Александар Македонски заедно се неговиот татко“!?)! Замислете учебник, каде Кромањонците се  впишани како Кро-Магнонци! Или учебник во кој врв на културата е Слаткар, човекот кој не знае ниту една проста реченица да состави, а камо ли, да пее. Замислете, уште колку ли глупости се распоредени низ новите учебници! Сте чуле за Цезар? Тој во новите учебници се нарекува Каесар (од латинскиот Cæsar, што отсекогаш се читало како Цезар, дури и во стариот Рим)!  Како ли ќе ги разубедиме идните генерации дека супкултурата никако не се меша со културата и дека Пикасо, Пусен, Рубенс се ненадминливи за „нашите“ кичмајстори, од типот Д. Филиповски, Е. и Д. Дуковски, К. Јанев? Или, дека Бах, Вивалди, Фаринели, или Бодони се немерливи со М.Вукичевиќ, Ј. Јованов, А. Масевски, Ребека, С. Спасовска! Онаму, каде „татковината е состојба  на поседување земја“, а дрогата „неверојатно особено пријатно доживување“...  Замислете, сега, учебник по анатомија со вакви будалаштини! Или по статика и кинематика, или некој за проектирање!? Какво знаење би произлегло од нив како резултат? Каков напредок ќе имаме дури тогаш!? Можеби е и нормално што власта ги нуди бесплатно учебниците? Па тие навистина толку и вредат!

Избори сега, или не, е прашање на опстанок на државата, прашање на просперитет на граѓаните препуштени на стихијата на лудилото! Тоа е тесно врзано со можноста за експресно избледување на идентитетот на Македонецот, и како нација, но највеќе од сè - губење на неговиот идентитет како човек! Да се биде, или не? Дваесетгодишниот морален и економски пад на граѓаните, секојдневните убиства, политичкиот криминал и правниот хаос во кој живееме, се доволни знаци кои повикуваат на делување сега, затоа што веќе утре може да биде доцна! Доволно доцниме зад светот! Текот на современата буица, не се фаќа со експресно градење на стотици квазибарокни градби, ниту со стотици кичспоменици, ниту со барање предавници, претставувајќи се исклучиво себеси за патриот! Најмалку со мултиплицирање на факултети и нивно преполнување со студенти во име на „просветителство“ и описменување! Никако со реклами во стил „прочитај книга“, „внимавај дрога“, „чиста околина“... Не, со тоа што ќе објавиме дека сме го оствариле недостижното! Тонеме полека, но сигурно и секој ден, секој миг одложување е веќе предоцна!

Секако! Противниците на оваа идеја се оние на кои им е тешко да ги напуштат привилегиите и фотелјите! Поборниците, се оние кои имаат намера одново да ги стекнат! Но Народот, Граѓаните, ја имаат моќта да му стават крај на ваквото биполарно владеење! Треба само да се откажат од своите визии дека некој близок ќе им ја освои власта и дека еден ден ќе си го остварат сонот и тие да бидат величини на кои комшилукот ќе им завидува! Величини, кои веднаш ќе се вработат, или преку-ноќ збогатат! Од сонот, дека без доволно знаење ќе станат шефови, директори, министри... Некој, кој ќе ја одредува судбината некому „затоа што му се може“! Од мислата, дека ќе станат дел од оние, за кои законите на оваа земја се само празно слово и дека најпосле и нив ќе ги нарекуваат „елита“. И токму тогаш, во моментот на рушење на заблудите за величините, ќе може да им го кажат јасниот и единствениот можен одговор на ваквите состојби, во име на просперитетот на заедницата: Едно убаво Громко „Не!“, кое најпосле ќе го изустиме, ќе го означи доаѓањето и созревањето на колективната свест за средување на состојбите!

No comments:

Post a Comment