Честа е појавата, кај нас законите да се донесуваат на брза рака! Некој во законодавниот дом спомна како било многу подобро да се донесе било каков закон, одошто, воопшто да не се донесе никаков! Така дојдовме во фаза кога сме преполни со закони кои се нефункционални, противуставни, неприменливи и најчесто двосмислени...
Закони кои ни служат за украс, или само колку да се пофалиме дека имаме таков закон, кој го нема во повеќето нормални држави. Често се случува непотребно дуплирање на законите. Причина за ваквиот дуализам на законите е најчесто недореченоста на некои претходни закони.
Замислете во држава каде веќе постои Кривичен закон, каде би требало да се опишани актите кои се сметаат за кривично дело, ние носиме уште еден како што е Закон за спречување на корупција, или друг кој се нарекува Закон за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело. Постојат дури и такви закони кои се ништат еден со друг, како на пример оној за легализација на дивоградбите, кој е во конфликт со уште најмалку пет, па и повеќе слични закони, а е во целосна спротивност со Уставот на РМ, легализирајќи го криминалот на градење диви градби, непознат термин во повеќето правни држави!
Најновиот бисер е Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција (уф, колку звучно име) во чиј член се вели: „Лицето од членот 5 на овој закон, кое било носител на јавна функција, а кое не е починато, е должно да поднесе писмена изјава заверена на нотар до Комисијата за верификација на фактите, со која изјавува дека не соработувал со органите на Државната безбедност...“!?!? „А кое не е починато“!? Зарем кај нас законите почнаа да важат и за починатите лица!? Каков бисер! Замислете, лицето кое починало да треба да ја поднесе пријавата дека „не соработувал со органите на Државната безбедност“! Дали тоа значи дека оваа држава наскоро ќе признава и Зомби-граѓани? Замислете ваква вест: „Граѓанинот Икс Иксов, кој почина во далечната 1942, денес поднесе изјава до соодветната Комисија за верификација на фактите, дека воопшто не соработувал со службите на Државна безбедност, иако претходно во периодот од 1941 до неговата смрт, работел активно во Службата на Б’лгарската безбедност и бил близок соработник и на Гестапо“! Смешно, нели? Не! Ова е наша трагична реалност! Зарем е потребно да се наведе дека законот, или некоја обврска од него не важи за починатите граѓани!? Замислете да стои напомена: „важи само за починатите до 1991“! А, кој знае, можеби ќе донесат и закон кој важи исклучиво за починатите граѓани! И после, кажете дека не сме биле Земја на Чуда!
No comments:
Post a Comment