Изминатата недела, македонската виртуелна социјална мрежа ја
шокираше видео-изјавата на едно петнаесетгодишно малолетно девојче. Тоа
одлучило да проговори за своето наводно сексуално искуство, советнички
одговарајќи на прашањето на своја другарка за болот при првиот сексуален однос.
Приметно е што македонската јавност повеќе ја возбуди фактот дека оваа
малолетничка наводно веќе го имала своето прво сексуално искуство, одошто другите
појави околу самиот видео клип. Нормално, први се јавија нејзините „најдобри другари“
раскажувајќи ја сказната дека таа била „скината“ уште на тринаесет години и
дека работата не си ја завршил „шизикот“ Миле, туку некој сосема друг („поголем
шизик“ од него), па потоа следувале деведесетина (леле, каква сериозна
колекција на искуства).
Новинарите побрзаа да ја раскажат сторијата,
потенцирајќи ги годините и наводното „сексуално знаење“ и „пребрзо созревање“
на денешната интернет-генерација. Веројатно, поттикнати од „преумната преродба“,
убедени се дека знаењето исклучиво може да го приберат на интернет. Ги најдоа главните актери, ги изнесоа „доказите“ за настанот.
Се сеќавам на приказната на еден мој иселен пријател кој
раскажуваше дека, во моментот кога неговата малолетна ќерка креирала профил на „Фејсбук“ веднаш му влетале во куќата полиција и социјална служба која почнала да
и`раскажува за опасностите кои ја демнат на мрежата. И одржале убаво предавање,
а девојчето беше толку преплашено што веднаш си го избриша профилот. Кај нас,
имаме случаи учителки во нижите одделенија ги канат своите ученици и ученички
на дружење преку Фејсбук!? Каква неверојатна педагогија! Во земјата на мојот
пријател, девојчињата во основно (државно) училиште не смеат да носат мини,
танги и голи пупачиња, ниту да доаѓаат нашминкани во училиште, а забраната за
мобилните и смартфоните важи за сите ученици од прво, до деветто одделение! За
да не помислите дека се работи за некоја „заостаната земја“ од афричкиот
континент, веднаш да ви кажам дека се работи за западноевропска демократска, капиталистичка и високоразвиена земја. Кај нас, девојчињата шетаат во ултрамини здолништа и се шминкаат, а момчињата си разменуваат
порно клипови на своите смартфони (исклучиво на оние најскапите и со пристап на
интернет) уште во прво одделение.
Во целата популарна турбофолк приказна на „Мони & пријателите“ најмалку ме
згрози сексуалниот чин што го имала (ако, и со кого, го имала) „легендарната“
Моника. Не ме загрижи ниту фактот што таа го „раскажува“ своето прво сексуално
искуство со само 15 години, а другите (нејзините другари-алапачи) нè убедуваат
дека тоа го сторила уште кога имала 13 (изгледа и`светеле). Воочливи се лагите
во исказот ― „Не се каам, затоа што во тој момент сум била среќна“, вели таа,
за да веднаш потоа другарски му препорача на другото девојче, кое прашува за
совет, да не го прави тоа за да не „плаче к’о магарица“ (зборот „рика“ го нема
во видеото). Она што шокира се изразитата „речистост“ (вокабуларот) на младите трач-наратори и фактот дека се работи за деца кои се препуштени самите на себе. Слично „искуство“ имавме и пред некоја година со порно видео снимено во вецето на едно од скопските елитни гимназии. Каде им се родителите?! Ова никако не важи кога се работи за поправање на лошите оценки! Тука, родителите се први во училиштата, цврсто слепени до своите мезимчиња и спремни се на секакви гадости
― од уцени, сè до поткупување на наставниците кои широкоградо си го прифаќаат понуденото. Резултат се оценки кои немаат никакво покритие во знаењето и безброј средношколци запишани на универзитетите кои не можат многу да се пофалат со своето знаење.
Изнесувањето на најдлабоката интима пред јавноста, во обид да се возвиши сопственото его пред друштвото, е слика на наопаку превртените вредности во нашето болно
општество кое ги воспева нештата кои во нормални средини не ја избегнуваат
осудата. Видео-приказната на децата воопшто не е печат на некакво прерано и експресно
стекнато знаење, или на некаков голем ум, како што им се воодушевуваат одредени
новинари на „прерано созреаните и осознаени“ пубертетлии, туку напротив, на
простотилак и изразит примитивизам ― грдо плеснат на интернет како
новокомпонираниот кичерај низ градов. Врв на малограѓанштината, изнедрена во
општество на поединци влезени во турко-американски-латиноамерикански серии и разните
а`ла Рамбо филмчиња.
И на крајот, околу вистинитоста на целата претстава. Колку
девојки знаете кои при дефлорација „плачеле како магарици“ и им течела шминката
од очите „уште повеќе од ова црно“? Патем, што ли сакаа да ни кажат малото
неписмено девојченце и нејзините уште попрости (бивши) другари? Не требаше ли
да започнат со учење?!
No comments:
Post a Comment