Wednesday, September 26, 2012

ГРАДИТЕЛИ — РУШИТЕЛИ



„Филип II“ и „Олимпија“ на Плоштад
„Карпошово востание“?!
 Деновиве, пропагандната машинерија на владетелот, испровоцирана од пишувањата на еден наш универзитетски професор, дека „Скопје 2014“ треба да се растури со употреба на француски клуч, повторно манипулира со јавното мнение, прикажувајќи ни ги кичфигурините и псеудобарокниот кичерај како високовредна уметност. Во светот има порцелански фигурини (пониски од 14,5 cm) кои во себе содржат поголеми уметнички вредности од псеудоуметничките достигнувања на „скопската“ инсенија (насилно наметната квазиуметност од полуписмени и не(д)ообразовани политичари).
Токму тука извира бесцелноста на целата расправа околу проектот. Да се расправа за уметноста и за архитектурата стручно и со нивно познавање е сосема во ред, но кај нас изгледа секој се наоѓа повикан да го каже своето мислење за нив, особено оние кои не можат да набројат ниту еден уметник од „периодот на кој му се воодушевуваат“, а за кој се убедени дека сме го прескокнале при својот културолошки развој. Вообичаено, го величаат безвредниот кичерај како уметност воспевајќи ја неговата накитеност и пренатрупаност со детаљи. Имаме лавина „мислители“ на таа тема по медиумите, а избраната „стручност“ за дискусиите се политички подобни уметници, директно, или индиректно вмешани во проектот, како и вообичаените новинарски шкрабала: Мирка, Миленко, Дарко, Јанко, Сотир и други.

 Причините за ваквата засилена пропаганда во одбрана на неодбранливото може да се најдат само во обидот да се одбранат енормните државни издатоци, во фрлените народни пари за „градителски“ глупости. Уште посрамно е што ваквите продукти на грдиот кичерај се нарекуваат дела, иако се производ на очигледно недело. Кандински, посочува дека обидите да се оживее уметноста од минатото раѓаат мртвородена уметност — парахрони дела изгубени во времето. Простирањето на мртва, безвредна уметност, чија душа е однапред одземена, како што е случај со онаа од проектот „Скопје 2014“, создава безличност која залудно го завзема просторот во центарот на градот во обид да го пополни „празниот простор“. Банализирајќи ги работите, целата приказна е сведена на лажна поделба на луѓето на поборници и противници на градењето. Ги воспеваат непостоечките вредности кои се и главното алиби на власта за огромните трошоци. Едните, велат, биле рушители кои се против сè („убаво“) што се гради, а другите биле „родени градители“, намерно превртувајќи го основното прашање кое произлегува од налудничавиот проект и кое не гласи дали треба, туку — што, зошто и како (да) се гради во „Скопје 2014“! Лудоста оди дури и дотаму што поставуваат стражи, кои ги чуваат „националните вредности“, формирани од групи заблудени пензионери, но неретко и од плиткоумници вработени во јавната администрација. Седат и се менуваат на смени, со сиот памет. Ех, пред каква „вредност“ денгубат!

 Оние што го оправдуваат градењето на прескапо платените анахрони циркус-градби и смајли-споменици најчесто немаат ниту основно предзнаење за да ги образложат нивните естетско-уметнички „вредности“, со што би ја докажале нивната оправданост. А, токму така најдобро и најуспешно би го одбраниле целиот проект! За нивна жал, дури и кога би имале врвно познавање за постулатите на уметноста и естетиката, не би можеле да го одбранат погубното влијание на плеснатата грозомора низ градот. Тогаш, би ја увиделе болната вистина дека поголемиот дел од „скулптурите“ се со нарушена неурамнотежена композиција („Ченто“, „Воинот“, „Димитрија Беровски“, „Филип II“…), со дисхармонични пропорции (очигледни се кратките нозе и смешниот коњски лик кај „Никола Карев“ (келнер без послужавник), плеснат пред Собранието), со нестабилизирана и несмирена динамичност која продира насекаде, распределена хаотично и во сите можни правци („Воинот на коњ“сосе фонтаната) и со отсуство на магијата на играта на сенките и светлоста во облиците и формата заради нивната машинска (и сериска) обработка („Ченто“ и сл.)… Ќе согледаат дека отсуствува најбитното, она што и`овозможува на една уметничка творба да ја нарекуваме „дело“ — оригиналноста! Никогаш нема да можат да одговорат на суштинското прашање: зошто и кому му е потребно градењето на кадавер-култура, која и покрај обидот за нејзина реанимација засекогаш ќе си остане ладен блед мртовец?! Најзагадочното прашање кое се наметнува е: зошто токму барокот, кога светот познава уште стотина други правци во архитектурата и уметноста?! Зошто е одбран токму стилот со кој католицизмот ја воспева хеленската култура, спротиставувајќи му се така на претестантското реформаторство, а устата им е преполна со навреди и омраза кон Грците, а самите се со фанатична слепа верба во православието?

 Градбите и спомениците секогаш треба да ги следат современите текови и да соодветствуваат на времето во кое се изградени. Сигурно е дека не живееме во времето на Аце Големиот, ниту во она на Кралот Сонце, уште помалку, дека сме современици на Сталин, а и далеку сме од Ташкент! Натрупаноста на спомениците и на градбите, предизвикана од ваквата идеја, е залуден обид „да се пополни“ некаков „празен простор“. На нивното место секогаш поубаво би стоело „празното“ зеленило! Многу поубаво ќе му личеа на плоштадот цвеќињата, зелената трева и дрвјата! Секако, меѓу нив и некој скромен (*по своите димензии) споменик! Патем, францускиот клуч е погрешно средство за расклопување на инсенијата! Динамитот му е мајката! Тој е сосема фер средство за брзо, ефикасно и безболно отстранување на наметнатите грдотии создадени од тапоглавата малограѓанштина!

 Очигледно е — со проектот „Скопје 2014“ си изградија споменик на глупоста! Изградија нов Стар скопски театар и го поставија наопаку — тоа што на него некогаш било лево, сега е десно (*разгледајте ги фотографиите од старо Скопје, ќе се уверите!). Градат „Комплекс Карпошово востание“ (така е именуван плоштадот на левата обала на Вардар), а скулптурите во оградениот простор за него се „Филип II“ и „Олимпија“!? Патем, скулптурата на „Карпош“ е стотина метри пред комплексот, поставена крај нагрдениот од аматерска реставрација Камен Мост. Изгледа, изворникот за историјата им е во македонскиот оддел на „Википедија“. Таму беа посочени Филип и Александар како водачи на востанието, кое се одиграло 2012 години, по смртта на Александар, за што и пишував во еден свој коментар. Неколку денови подоцна, текстот беше поправен. Врв на царството на незнаењето! Таквиот срамен текст во оваа наша „значајна енциклопедија“ (со партиски уредници) стоеше таму со години! Поставија скулптури под кои е испишано „староградска носија“ (со објаснување за морони: „машка и женска“). Во овие натписи има само еден „мал“ проблем — во градовите во тоа време се носеле облеки (а ла турка и а ла франка), а не „носии“! На секоја зграда во светот, на самата фасада, стои годината кога таа е изградена, а кај онаа недоизградената за потребите на Министерството за надворешни работи ставена е годината на проектирањето, но „најбитно“ е што тоа ја испишале со римски броеви (MMIX). Насекаде во светот латинскиот текст гласи „Justitia“, но кај нас латинскиот на „Паметникот на паднатите херои“ да ти бил испишан со фиорентински дијалект („Justicia“), кој (според кажувањето на авторот) би требало да нè внесе во одредена вонземна мистика. Ставија барокни фасади на современи градби, барокни огради на мостовите изградени во втората половина на XXвек! Во светот, барокот е мртов најмалку двесте, класицизмот и неговата „нео“ варијанта се мртви најмалку седумдесет години! И соцреализмот е барем триесеттина години избркан од Русија, а „нашите врвни“ уметници и архитекти возобновуваат нивни неуспешни копии!? И тие, згора на сè, се осмелуваат себеси да си ја налепат придавката „современи градители“ и „реформатори“?! Какво лудило! Изгубени во времето и обременети со незнаење и простотилак, какви што се, заборавиле само една ситница, дека одамна сме навлезени во XXI век! Заборавиле и на фактот дека барокот е граден од папи, кралеви, благородници, кои имале огромно познавање од уметноста и кои за истото си трошеле свои пари, а не оние од државната каса. Тие ја ширеле уметноста, затоа што тоа било прашање на престиж за нивните држави! Оние кои чепнале во заедничката каса, ги симнале итно од тронот и најчесто завршувале на гробиштата. „Нашите“, пак, шират кичерај залудно обидувајќи се да глумат племство, сè уште не вадејќи си ја носијата од под оделата.

 Поставувајќи нè назад во времето, го руинираа и го негираат сиот досегашен напредок во уметноста и архитектурата, преправајќи го и пресвлекувајќи го сето современо, изградено пред и по земјотресот, во нивниот псеудобарокен ретро лумперај, со што го уништуваат националниот идентитет и ја разградуваат државата. Истовремено, поголемиот број споменици од изминатиот период се препуштени сами на себе и на забот на времето. Пренатрупаноста на објектите и на скулптурите го оддава нивниот „истенчен вкус“ за убавото: што пошарено, тоа поубаво — што понатрупано, тоа поисполнето! Ваквиот дрзок „сè-знам“ однос кон јавноста е причина повеќе зошто овие објекти треба да бидат отстранети од центарот на градот и да се сместат во посебен „Парк на инсенијата“, или да се демонтираат и распродадат како старо железо, бидејќи немаат ама баш никаква естетска, уметничка, историска, ниту културолошка вредност. Залудно и дрско ги фрлиле нашите пари на непродуктивни зданија, или, што е уште посигурно, успешно си ги претопиле во своите ненаситни предлабоки џебови!

3 comments:

  1. Глеј, тие „мислат“ на идните поколенија (што ќе ги нема)- никој нема да може после сто години да им рече ВИЕ НЕМАТЕ КОНТИНУИТЕТ. Тие ќе имаат континуитет исклесан во камен, нема врска после колку време. Комплекси и болештини

    ReplyDelete
  2. Bidejki sum tapa i nemam poim kako da izberam profil za da pisam zbor, dva, izbrav anonimus. Od vreme na vreme komentiram ovde-onde pod nikot Koba. Epa, samo da te pozdravam doktore. Sekogas mi e zadovolstvo da citam tvoi komentari. Tekstov ti e prva liga. Samo napred.

    ReplyDelete
  3. Ти благодарам,Коба!Поздрав!

    ReplyDelete