Tuesday, November 13, 2012

РАЃАЊЕ НА РЕНЕСАНСАТА




фреската „Оплакување Христово“
од црквата „Св. Пантелејмон“, Нерези
 Деновиве бев шокиран од новото тврдење во владиниот рекламен спот „Истражи ја Македонија“ дека, покрај барокот, кај нас започнала и ренесансата. Тоа да ни била владина „кампања за промоција на Македонија како атрактивна туристичка дестинација“, па затоа било дозволено да кажеме сè и сешто во неа.(?!) Всушност, не можам да се одвојам од впечатокот дека пропагандната преродбеничка машинерија постојано се обидува да нè убеди дека Македонија е центар на светот. Според нив, таа е матката на светот.
Тука настанало човештвото, велат, откривајќи ни го „Славе македонски“, мегалитски опсерватории, знаци и писанија во карпите и сл. и трупајќи им милениуми, без основни докази, дури и не прашувајќи ги историчарите, историчарите на уметноста и археолозите. Доволно е некој медиокритет што се накитил со научна титула да се појави со тезата дека ја открил најстарата азбука на светот и веќе следниот ден започнува лавина неаргументирани докази кои тврдат „верувајте ми на зборот, нашата писменост трае осум милениуми“. Доволно е да се појави лампа со лик со антички шлем, па наместо препознатливата Атина да прогласиме дека тоа е ликот на Александар Велики.

Не би било чудно и воопшто не би се сомневал во искрените намери на кампањата, ако само неколку месеци порано не гледавме серијал од владини кампањи во кои „атрактивната туристичка дестинација“ наликува на авантуристички потфат од типот „Опстанок“ во кој на туристите не им се гарантира ниту дека ќе преживеат. Веројатно се надеваа на авантуристичкиот дух на идните посетители. Така се родија „Македонскиот езерски Келнер (I и II дел)“, „Македонскатапансионска газдарица“, „алфа мажјаци“, „пазарски продавачки и продавачи“ и „градски таксисти“ и сите тие беа жигосани со придавката „македонски“, окарактеризирани како посебен ендемски вид кој вирее само во „горда“ Македонија. Ви треба воена обука за да опстанете во РМ им тврдеше на туристите една од овие реклами, прикажувајќи нè како дестинација ризична по нивниот живот. Каква контрадикторност со желбата да нè претстават како туристичка атракција. Само неколку недели претходно одеа пропагандни спотови и плакати (финансирани од американската амбасада) со слоганот „не биди свиња, змија, папагал…“, на кои македонската влада немаше никакви забелешки, утврдувајќи го мислењето кај странците дека сме топ туристичка дестинација според кое најверојатно треба да стекнат чувство дека влегле во некаква огромна зоолошка градина.

 Сè повеќе сум сигурен дека ваквата реклама служи само за перење пари и мозок, партиска пропаганда, преку која налудничавиот проект на власта наречен „Скопје 2014“ се велича како ефект после кој ќе имаме навалица несопирлив бран туристи кои ќе ги остават парите во Македонија, а со тоа ќе настапи и преродбата во нашата нокаутирана економија. Вложиле, како тврдат, заради финансискиот обрт, за добробит на целата нација. Секако, ова најмногу како оправдување за фрлените преку 250 милиони евра (можно е да се дупло повеќе) државни пари, како вешто раширена густа магла од која никој нема да го забележи нивното претопување во владетелските ненаситни џебови. Туристите, оние странските, и натаму се вистински раритет на овие простори.

 Ајде, да се вратиме на тезата дека „тука се родила ренесансата“. Не можејќи да се воздржам, на линкот од спотот прокоментирав: „Welcome to the Disneyland!Не знаев дека тука започнала ренесансата!Јас глупав,сè си мислев дека таа почнала во Италија!“. На мојата забелешка, авторите на спотот („Аквариус дизајн“), ми возвратија со тезата дека се работело за фреската „Оплакување Христово“ насликана во црквата „Св. Пантелејмон“ кај Нерези (сликана од непознат мајстор во XII век). Велат, штом таа настанала пред „Оплакувањето“ и другите дела на Џото¹ (посочен од Вазари како човек кој раскинува со византиската сликарска традиција), тогаш, сигурно од тука започнала ренесансата. Мојот одговор гласеше дека се согласувам со тоа дека фреската во Нерези е сликана пред сликите и фреските на Џото, но ренесансата е далеку покомплексен правец кој не ја опфаќа само ликовната уметност, ниту може да се ограничи само на визуелното и на естетиката. Една ластовичка не ја чини пролетта (Аристотел), па оттаму ниту една фреска не може да биде „предвесник на ренесансата“, а одоколу да има само пустелија. Всушност, невозможно е да говориме за ренесанса, ако ја сведеме само во границите на ликовната уметност. Таа претставува нераздвојна целина со книжевноста и со архитектурата, но најбитно од сè е што таа воопшто не би била детерминирана како ренесанса, ако кон сето тоа не се приклучила и преродбата во науката. Наглиот развој на медицината, математиката, физиката, астрономијата, географијата, биологијата и на другите науки, кои се јавуваат како антипод на црквената догма, се основи за именување на периодот како „ренесанса“. Патем, поголемиот дел од ренесансните сликари се сестрано образовани личности, се бавеле со научни истражувања, со книжевност, биле и архитекти и изумители. Самиот Џото, раководи со градењето на фирентинската катедрала Санта Марија дел Фјоре, а ја проектирал и нејзината камбанарија. Се заборава (а и како врв на мојата контратеза дека ренесансата се родила во Македонија) фактот за постоењето на каролиншката ренесанса, преродба која настанала во периодот на владеењето на Карло Велики (771-814).

 Воопшто не спорам за значењето и вредноста на фреската „Оплакување на Христа“од „Св. Пантелејмон“. Нејзината вредност со право ја истакнува историчарот на уметноста Ендрју Грахам-Диксон² како пример кој му претходи на сликарството на Џото. Таа е единствена по својот колорит, по реалистично изразената болка по умрениот и по истакнувањето на човечниот карактер на ликовите, но да се потенцира дека одовде започнала ренесансата е премногу. Недостасуваат додатните елементи во развојот на писменоста, науката и уметноста. Секако, не подалеку од творбите на Џото ди Бондоне, а и далеку посилни во својот ликовен израз и со сите ренесансни карактеристики, се и фреските на солунските мајстори Михаил Астрапас и Евтихие, насликани низ црквите во Македонија („Св. Никита“во с. Бањани, Скопска Црна Гора, „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане и др.).

 Сме му дале на светот писменост, а си останавме неписмени. Сме го владееле светот, а сега тој нè владее нас. Сме му дале ренесансна уметност, а не се знае ниту кој ни од каде бил уметникот. Сме заборавиле дури да му го забележиме и името, или само неповратно сме ја избришале трагата за неговото постоење. Сме создале сè на светот, уште и пред да биде создадено, а немаме ништо. Цветаме, а всушност тонеме.  Недостасува уште да погледнеме кон сонцето и да го прогласиме за македонско.

¹ Авторите на спотот во својот одговор погрешно ја сместија фреската во XI век. Црквата е изградена во 1164 од Алексиј Ангелус Комнен.

² Ендрју Грахам-Диксон во неговата документарна емисија „Ренесанса“ (1999), продукција на Би-Би-Си.



 

No comments:

Post a Comment