Thursday, December 6, 2012

ГРАБЕЖ





„Ко украде један хлебац,
Тога тежа казна стиже,
Него оног - правдо худа,
Милионе који диже!“
 („Лопов“ – Коста Абрашевиќ)


Актуелно е барањето за воведување санкции за кражбата на електрична енергија и вода, како и градењето на туѓо земјиште како кривични дела кои ќе се казнуваат со казна до 20 000 евра и до три години затвор. Не знам зошто ваквите кражби досега беа премолчувани и зошто не се внесени како опција во кривичните закони. Зарем секоја кражба не е кражба?! Зарем има и дозволени кражби?! Ќе треба ли да воведуваме посебни членови во законите и за грабежот што го вршат моќниците од позиција на власт, или тие вршат „корисни малверзации“ со кои воопшто не нè пљачкосуваат?

Како главен мотив за грабежот најчесто се наведуваат сиромаштијата и гладтта. Секако, гладот и сиромаштијата повикуваат на оправдување, но дали сите лопови што ги познавате се сиромашни и гладни? Познавам мноштво ненаситни криминалци кои да можат и кожата би ви ја одрале, само за да тие имаат. Како нив да ги оправдаме? Како ли нив да им простиме за грабежот? Со тоа што имаат деца?! Оние кои ги немаат не смеат ли да крадат? Со тоа што некогаш биле сиромашни и гладни?! Изгледа дека токму затоа сега се ненаситни во огграбувањето.

Неспорно е дека крадењето струја од бандера, или поинаку кажано „диво приклучување во мрежата на електрична енергија“ е кражба, па со самото тоа треба да влезе под ставката кривично дело кое ќе се санкционира. Секако, грабеж е кога незаконски ќе се приклучите и на водоводната мрежа и тука нема никакво оправдување од типот: „сиромашен сум“ и „немам пари“, особено не тогаш кога сте изградиле повеќеспратна куќа која наликува на хотел. Огромна дрскост е да посакате туѓо и на туѓ имот да си изградите палата, а при тоа да си останете неказнети. Тоа е грабеж par excellence, криминал и безобразлук од најголем степен, токму како и некому да му ги одземете насилно куќата, или станот, да му се вселите внатре и потоа да се прикажувате како сопственик на тој имот. Овие кривични дела, како и градењето дивоградби, станаа со години незабележани од законите, дела на кои им се прогледуваше низ прсти, а со самото тоа станаа едни од најкористените начини за богатење во социјализмот, ставајќи ги оние кои чесно си го заработувале лебот и кои не се одлучиле на таков чин (и покрај сиромаштијата) во подредена положба. Постојано се наоѓаше оправдување во тоа дека се работи за сиромашни луѓе кои немале како да ги прехранат своите деца. Кукањето е стил за богатење на многумина. Јадни оние кои не ја научиле таа вештина! Тешко на оние кои научиле чесно да заработуваат и да ги плаќаат своите давачки, а не ги научиле ваквите итроштини. Секако, тука нема да ги вметнам оние кои изградиле трошни живеалишта од картонски кутии, лимени гаражи, колиби од плитар и иверица со кровови од најлон, но зарем некој кој нема пари може да изгради куќа од цврста градба на неколку спратови! Токму тие, „сиромашните“ кои изградиле цврсти дивоградби (многу од нив и повеќекатници) се најмногубројните крадци, приклучени диво на далекуводите и водоводите, оние кои дрско грабаат туѓи имоти!

Секако, за да имате право и правдина треба да ги извагате и двете страни, па да донесете решение кое не е на штета никому, а не да се носат еднострани закони и одлуки кои се обврзувачки само за едната страна, а другата да ја ставате во привилегирана положба. Уште во II век, во стариот Рим, Секст Помпониј запишал дека „главен принцип на правичноста е никој да не се збогати правејќи му штета и неправда на другиот“ (Iure naturæ æqum est neminem cum alterius detrimento et iniuria fieri locupletiorem). Neminem lædere, вели една друга латинска поговорка. Тоа е сржта на правото и правичноста!

Не е ли грабеж користењето на ставката (превземена од социјализмот) за наплата на 33,33% ангажирана моќност? Ако во социјализмот и имаше некакво оправдување затоа што ова претпријатие фигурираше како општествена сопственост, сега, во услови кога тоа е приватна сопственост со 90% на странска компанија и кога цената на електричната енергија е зголемена стократно, тоа претставува перфидно навлегување во џебот на граѓаните. Веднаш да напоменам, овие проценти за „ангажирана моќност“ се изгледа изговор за наплата на десетте проценти кои се во сопственост на државата. Дали не е кривично дело кражбата на моите пари со укинувањето на пладневната евтина тарифа? Чиста кражба е, штом моето броило не е подесено за минусирање на овој термин за евтино тарифирање! Сите оние стари броила кои не се контролираат далечински се оставени за наплата по принципот кому иде, а такви се далеку повеќе во земјава, бидејќи е невозможно сите да се заменат. На кој начин ја пресметуваат потрошената електрична енергија за тој период? Од каде знаат кога и како сте потрошиле според пладневната, а кога по вечерната евтина тарифа?! Токму затоа сметките ви се дупло повисоки отколку во истиот период лани. Тука воопшто нема да го вметнам „погрешното“ читање на броилата кога непотрошени киловати од следниот, ви се додаваат во тековниот месец.

Иронично делуваат рекламите и огласите за штедење на електричната енергија од типот „не оставајте отворени прозорци додека ви е вклучена греалката“. Се подбиваат со граѓаните, правејќи нè малоумни!? Зарем некој кој штеди отвора прозорци кога му е вклучена греалката. Колку пари чинат ваквите реклами и со чии пари се прават? Зошто ЕВН секоја година дели вишок плати на своите вработени со децении наназад? Кој ги плаќа тие вишоци? Тогаш кога власта ќе го усклади овој дел со законите и со правото, дури тогаш може да бараат член во кривичниот закон со кој кражбата на струја се квалификува како кривично дело! Инаку, секоја кражба е кривично дело, па така и кражбата на струја, вода, а особено градењето на туѓо земјиште, и во тој дел ја имаат мојата поддршка, но тогаш кога како кражба ќе ја вметнат манипулацијата со сметките за комуналиите. Плаќаат ли политичарите сметки за комуналиите? Сте виделе некој од нив во редиците пред шалтерите, или тоа за нив го прават посебни слуги? Можеби се толку современи што одамна плаќаат по електронски пат, па затоа не ги гледаме, само што оние кои јас ги познавам не верувам дека знаат да стиснат некое копче на компјутер, а не пак да плаќаат сметки на тој начин!

Се извинувам што не сум ги навел сите начини на кои државата, во содејство со приватниот капитал, со разни итри глави и мудреци, ви ги празни џебовите. Ова е само дел од нив, а тие се толку инвентивни што луѓето чии умови не работат на таа фреквенција никогаш нема да можат да се сетат на нив.

No comments:

Post a Comment