Saturday, November 27, 2010

АМЕНЦИЈА И НЕЈЗИНИТЕ БЕБИЊА



Аменција е стара и грда баба, но секогаш се движи како боксер и токму како во бајката за Снежана, го преобразува ликот во мирно и кротко јагне. Всушност, таа постојано е накриво насадена и секојдневно, заслепена од својата удобна фотелја, умислува дека нејзината големина е барем десет пати поголема од природната! Секојдневно се огледува во огромното огледало, поставено среде собата, гледајќи го својот лик на кој стои круна неколку пати посветла од сонцето. Фотелјата, со својот одраз во огледалото, секогаш наликува на најсјајниот и најголемиот трон што некогаш сте можеле да си го замислите.
Се појавува пред огледалото глумејќи ја легендарната сцена од „Таксист“- прави неколку чекори со раширени раце (како каубоите од вестерн филмовите) чекори со раширени нозе, под кои стои коњот (заборавен некаде во некоја пустелија) и ја повторува (на ужасен инглиш) добро познатата мантра: „Аw ју тоукин’ то ми?! А... Аw ју тоукин’ то ми?...“, вртејќи се наоколу. Таа, постојано доцни, а со неа најмногу доцни и „Чудоленд“! Сопствениот лик постојано го пренесува преку државната телевизија на која едниот канал е секогаш резервиран само за неа и нејзиниот „прекрасен лик“!

Приказната за Аменција секогаш започнува нагло и на препад. Овој пат, старата и грда Аменција, која секогаш доцни и постојано ја чекаат, со трчање се појави пред една телевизија која постојано избегнува да и’ ги прикаже грдите навики како доблест и највеќе од сè, да го претвори нејзиното грдо и набрано лице во прекрасен лик! Всушност, таа, воопшо и не се појави, туку ги испрати полицијата и своите буфони (бебињата) да го сторат тоа наместо неа! Сонила некој лош сон во кој ја напаѓаат и и’ го одземаат богатството и, што е најлошо од сè, сонила како ја затвораат во темна и мемлосана зандана! Во сонот толку дрско и ги пребројувале парите „стекнати со пот“ и имотите, што, во моментот кога се разбудила, веруваше дека дошол судниот ден и дека некој ги побунил масите да и’ се спротистават!

Се правдаше дека пребарува некакви списи, документи за докажување на злодело кое во Земјата на чудата беше вообичаена појава! Појава, толку честа што народот, со потсмев, а повеќето и со верба во кажаното, постојано повторуваа: „Само будала може да биде министер, а да не краде!“! Повеќето „будали“остануваа заборавени и од граѓаните и од политичарите кои, посочувајќи кон таквиот, сложно повторуваа : „Ех, тој (мислат: будалата) со крстот на чело“! Што беше чудното во налетот на гневот? Појавата на полицијата во ноќните часови (работат ли тие дење?!) пред А1 телевизија, без налог! Затворањето на портите на телевизијата од каде никој не можеше ниту да влезе, ниту да излезе, укажуваше на чудни случувања кои никогаш нема да ви се случат во нормални и правни држави! Проблемот беше што новинарите на кои им завршило работното време, не можеа да си одат во своите домови! Оние кои доаѓаа не можеа да влезат, но и оние кои остануваа на работа, не можеа да се движат слободно надвор од зградата, ниту  во дворот. Какво инакво решение имаа новинарите, освен да објават дека се спречени да го искажуваат својот глас? Зарем ваквото однесување на власта не укажува на обид за замолчување на овој медиум?! Власта посочува: Била наложена асистенција на полицијата, бидејќи газдата бил криминалец и не дозволувал (ова е добро) цели 8 (подоцна станаа 16) месеци, УЈП да ја прегледа документацијата за фирмите кои ги поседува! Какво чудо! Влада која постојано се фали со сузбивање на криминалот и корупцијата, чека цели 8 (или 16, што е уште пострашно) месеци да ја примени „правдата“! Фингирана и прецизно дозирана селективна примена на правдата. Се прашувам дали и мене би ме чекале толку?

Зошто токму во моментот кога А1 објавува податоци за преку-ноќ стекнатото непријавено богатство на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање? Зошто токму во моментот кога се изнесува податок за неговиот имот и фирма во Чешка? Токму тој и’ е близок роднина на баба Аменција. Се прашувам постојано, има ли држава во светот каде, во власта, на највисоките позиции се стрините, бабите, братучеди, сестри, зетови, вујковци...? Дали мислевте дека можеби главната причина е спротиставување на изместувањето споменик финансиран од сопственикот на телевизијата!? Можеби мислевте дека причина е посветеноста кон правдата, или искрената желба за борба против криминалот и корупцијата!? Па бабата владее цели четири години! Приметивте ли намалување на корумпираноста во државните органи?  Се намали ли криминалот?! Намален ли е бројот на секојдневните убиства? Кој верува во овие приказни?! Се прашува ли некој како може за едногодишно министерување да се заработат четири станови за мама? Се прашува ли некој уште колку нови станови си купила мама? Кој е тука поглуп: Оние силни „интелектуалци“ со сомнително добиени дипломи на принципот „наше дете“ (преку партиска книшка), кои секојдневно ломотат за „неверојатните успеси“ на совладување на светската рецесија која нè одминала, не ни припарила во кај нас, но ја има во мали количества... - или, пак, обичниот граѓанин? Зарем навистина некој помислува дека, човек кој едвај завршил на Економскиот факултет во Прилеп и кој зема магистериум во моментот кога стана владетел, може да се носи со науката од Оксфорд, Сорбона, Болоња, Јејл...?

Земја во која можете да добиете тапија дека не сте кодош и да останете на власт, иако од довчерашен лумпенпролетер кој живеел во керпич - сте станале сопственик на огромни богатства од невидени размери за најкраток можен период, е карактеристика единствено за општествата каде владее мафијата! И замислете, токму тие сопственици на дипломата „не сум кодош“активно се вклучија во кампања против А1, со намера да докажат дека лоповот е оној другиот, кој одбил да ја финансира бабата, или кој се дрзнал јавно да и’ се спротистави! Сè во стилот „држете го лоповот!“.

Токму овие прекуноќно збогатени опинчари (преку одземање на туѓиот и општествен имот, уште во доцните години на „социјализмот“) и власта, се главниот генератор на криминалот во државата! Едниот од нив држи во заложништво цел еден град со неограничена власт. Градот дури и почнаа да го нарекуваат според него - Ѕингоград! Целиот град е претворен во феудален центар, каде времето одамна прекинало да тече. Што е најопасно, оваа сподоба уште во времето на „социјализмот“си создаде приватна семејна империја со успешното претопување на туѓиот (општествен) имот. Уште тогаш (1982) надвор од „Чудоленд“ го нарекуваа „Карингтон од Македонија“!

Вториот, за експресно време (околу десетина години) успеа, од обичен книговодец, да ги достигне врвовите на бизнисот! Ваквото вртоглаво скокање од дното, поточно од каллта, до врвот (облаците) е необично и сомнително во сите правни држави!

Кој е овде глупав? Најглуп е секако народот, граѓаните на Земјата-каде-сè-е-можно! Особено оние 33% невработени и сиромасите со идентичен процент! Меѓу „тупаците“ е најголем бројот и на оние интелектуалци, кои никогаш не добиле прилика да станат постојано вработени, избегнувајќи да ја приклучат слободата на својот ум кон некоја од политичките партии! Оние кои работеле вредно и чесно, често и прекувремено, а се водат како „хонорарно“, „по договор“, „на неопределено“, и како ли уште не се нарекуваат овие измислени начини за искористување на трудот и на умот, преку изигрување на шупливите недоречени закони! А шупливи се како швајцарско сирење заради намерно оставена можност за манипулација до бесконечност!

1 comment: