Два настани се актуелни деновиве во Германија. Едниот е откривањето на фактот дека германската обавештајна агенција ги шпионирала ЕУ и НАТО, а вториот е судењето на Јосип Перковиќ и Здравко Мустач, поранешни припадници на југословенската тајна служба обвинети за убиство на наводни хрватски дисиденти во осумдесетите години од минатиот век, кои се всушност членови на усташка екстремистичка организација во Германија.
Тоа дека некоја служба за разузнавање шпионирала, прислушкувала и проверувала податоци на некоја друга држава или служба, воопшто и не треба да е изненадување. Тоа спаѓа во основните дејности и задачи на таквите служби. Токму затоа државите формираат вакви служби, за заштита на своите државни интереси. Што друго инаку би работеле овие служби?! Проблемот на целава приказна е што неа кај нас владините апологети и провладините мегафончиња се обидуваат да ни ја претстават како оправдување за прислушкувањето десетици илјади наши граѓани, како да е тоа нормална појава за сите тајни служби во светот, во стилот „ете, гледате, и таму прислушкувале“. Ваквиот став го пропагираа и кога беше откриено прислушувањето што го вршела НСА на европско тло, најчесто врз претседатели на другите европски држави и функционери на Европската Унија! Од една страна ни пласираат оправдување дека и САД, а сега и Германија, вршеле следење на комуникациите во нивниот препознатлив стил „и тие така правеа/прават“ за да го оправдаат прислушувањето што „нашата“ тајна полиција го вршеше и сè уште го врши врз нашите граѓани, а од друга страна нè убедуваат дека, снимките кои УБК ги направила заради глупост, а во кои се снимени гласовите на „нашиот најмил“ Пастиw, на братучедот и на неговите блиски соработници, биле сечени, лепени и монтирани. Веројатно сметаат дека сите сме затуцани и неуки како нивното членство!
Вториот настан кој ја преокупира германската јавност е судењето за убиствата на поранешниот директор на југословенскиот нафтен гигант ИНА Стјепан Ѓурековиќ и на други хрватски емигранти (усташите). Тоа е всушност пилатовско однесување во кое БНД се обидува да ја испере својата вина при „распнувањето на Исус“ (крвавата граѓанска војна во Југославија и нејзиното разорување). Германската пропагандна машинерија од петни жили се обидува да ја извитопери приказната. Како всушност се гради искривената слика?
Во тамошниот печат сите оние наводни жртви се претставуваат како хрватски „социјалистички дисиденти“, или како некаква демократска опозиција, што воопшто не е точно. Се работи за усташки приврзаници, фашистичка организација која во Втората светска војна е одговорна за најмалку 800.000 жртви само во логорите Јасеновац и Стара Градишка, од кои најмногу Срби (700.000), 80.000 Роми и околу 23.000 Евреи! Преку 100.000 од убиените биле деца! Убивани се со маљеви и палки, колени се со „србосјек“, правен е сапун од нив, фрлани живи во вжарените гротла на Пацилиевите печки, силувани се девојчиња, девојки и жени, сечени им се дојките, вадени се со ножеви неродени деца од утробите на бремените мајки, деца се фрлани на бајонети, вршена е психичка тортура врз затворениците, а забележени се и случки кога хрватски националисти продавале „српско месо“ „1 динар за кило“. Ѕверства какви нормален човек не може ни да си замисли, а сето тоа под патронат на тогашната германска држава и со благослов на католичката црква. За жестокоста на усташката идеja говори и геслото на Миле Будак, еден од идеолозите на усташтвото и хрватски министер во НДХ: „Усташкото движење се темели на верата. За припадниците на малцинствата имаме три милиони куршуми. Третина од Србите да се покрстат, третина да се протераат, а третина да се ликвидираат“, вели тој во својот говор во Госпиќ, а текстот е испечатен во „Народне новине“ од 7. јули 1941.
Наспроти сево ова Зидојче цајтунг оплакува неколкумина усташки терористи, а Дојче веле пренесувајќи го истиот текст донесува и филм спакуван како прилог „Убиство во Титово име“. Не, тие не ги оплакуваат жртвите туку се обидуваат да го прикријат злосторот планиран во кујната на БНД! Бројни се и очигледни манипулациите во филмот. На почетокот е прикажано сведочење на синот на еден од наводно ликвидираните од УДБА кого авторите (Филип Грил и Франк Хофман) го прикажуваат како југословенски дисидент (Јуре Загајски), за подоцна неговиот син да посведочи дека истиот негов татко како член на организацијата „Хрватско револуционерно движење“ активно учествувал и планирал терористички акции на територијата на СФРЈ со цел вршење терористички бомбашки напади во туристички места во Југославија („каде многумина Германци летуваат и трошат пари“), но синот „невино“ објаснува дека планот предвидувал да се дејствува кога местата за напад ќе биле празни, ноќе, без луѓе. Кој знае, можеби сите оние муслимански терористи во своите бомбашки напади го планираат истото, само, нешто поаѓа по зло, па планираното завршува со десетици и стотици мртви и ранети.
Филмот потоа раскажува за апсењето на „поранешниот југословенски агент“ Јосип Перковиќ и наивно прашува „дали овој човек има врска со убиството на Ѓуро Загајски и на другите агенти“! Молам!? Агенти!? Па нели се работи за невини жртви?!
Филмот продолжува со прикази од 1968 кога е ликвидирана група од тројца „хрватски дисиденти“ во Минхен. Иако наведуваат дека убиствата се неразјаснети, тие продолжуваат со приказната дека се дело на југословенската тајна служба. Ем неразјаснети, ем се знае убиецот!? Одлично! Општопознато е дека ваквите терористички групи беа блиски со разни криминални банди. Јавна тајна е дека истите беа обучувани, вооружувани и здушно финансирани од тајните служби на земјите во кои престојуваа заради интервенции против Југославија. Зарем не е можно тие да се ликвидирани токму заради некаков долг кон германското подземје, заради трговија со дрога, или во меѓусебна пресметка меѓу завадените фракции во самата организација? Не! Авторите не оставаат ни ронка сомнеж! Направете ги усташките терористички групи „хрватски дисиденти“ и потврдете - тоа е дело на УДБА! Дури и гастрбајтерите кои заминале таму на работа заради заработка, а добро знаеме дека нив ги имаше многу, ги сведуваат во графата „противници на режимот“. Доволно, за да наивните поверуваат.
Друг сведок „дисидент“ (Лука Краљевиќ) кој бил угостител раскажува како во 1983 му пукале во главата. Ноќта кога го загубил видот некој пукал низ прозорецот, ниту го фатиле, ниту некој го видел, ниту знаат колкумина биле, но ете знаат дека тоа биле разузнавачките служби на СФРЈ.
Стјепан Ѓурековиќ е пронајден во својот таен штаб во една печатница во Волфратхаузен во близина на Минхен (1983). Соработник е на БНД и шпиунирал за неа. Велат дека причината за неговото бегство било откривањето на негово учество во фашистичката усташка организација во младоста и одавањето на позициите на складиштата за гориво за тенковите и авионите на ЈНА. Ја финансира усташката организација со пари преточени, испрани и украдени од ИНА уште додека е нејзин директор, а сето тоа го прави со помош и во организација на германската тајна полиција. Авторите на филмот воопшто не ја кријат неговата улога, па дури и ја потврдуваат со документи од БНД. Германската тајна служба му дава заштита, често му го менува живеалиштето, му го крие идентитетот, постојано ги проверува неговите контакти, но не успеваат да му спасат животот. Завршува мртов во гаражата која служела како тајна база, каде што печателе летоци со антијугословенска содржина, контактирале со останатите екстремисти, спремале диверзии и бомбашки напади, атентати. Уапсениот за неговото убиство, член на екстремнната усташка (хрватска) емиграција е осуден во 2008 како соучесник во убиството.
Манипулацијата која се врши е неверојатна. Зборовите терористи и екстремистички групи намерно се заменуваат со „југословенска опозиција“, или „хрватски иселеници“. Членовите на усташката организација се опишуваат како добродушни семејни човечиња, мирни, трудољубиви и повлечени, кои побегнале од „југословенскиот режим“ кој ги прогонувал само заради нивните политички ставови, или како обични гастрбајтери, иако е општопознато дека дури и да бевте тежок криминалец во Југославија Западот ќе ве примеше само ако го изгазевте, или исплукавте југословенскиот пасош и ако раскажевте приказна дека сте политички прогонувани. Прават замена на тези, па терористите ги преправат во жртви и се бара оправдување (борба против тоталитарниот режим) за нивното делување. Државен терор против потивниците на режимот, велат, а „противниците на режимот“ вооружени и обучувани од БНД со една единствена цел ‒ предизвикување цивилни жртви и материјална штета со намера да се уништи југословенската држава, пред сè. Уништувањето на социјалистичкиот систем и на „диктаторскиот режим“ се користи само како изговор, параван, во плановите на БНД за разорување на Југославија. Да не заборавиме, Германија прва ја призна самостојноста на југословенските републики по крвавата сецесија, најнапред на Словенија, а потоа и на Хрватска и покрај противењето и одлуката на ЕЗ (сега ЕУ) и САД да не го прават тоа! Во Македонија го стори истото, само многу пософистицирано, преку Бугарија која е вечно под нејзина закрила.
Дури и самиот првоосомичен Јосип Перковиќ (иако потпишан во филмот како шеф на југословенската УДБА) воопшто не бил во сојузната безбедносна служба туку најпрвин во локалната служба во Осијек, во 1979 го префрлуваат во Загреб, а во 1986 го назначуваат најнапред за помошник, потоа и како републички министер на внатрешни работи. Во времето на Туѓман преминува во хрватското министерството за одбрана по барање на Гојко Сушак, но по прикажаниот филм на ХРТ кој имплицира негово учество во ликвидација на Бруно Бушиќ, еден од водачите на усташката емиграција и активен соработник на БНД, Сушак (поранешен член на истата таа усташка емигрантска организација, тогашен министер за одбрана) експресно го рехабилитира и го поставува за свој советник. Во 2014 Хрватска ѝ го израчува на Германија. Дали е можно хрватската републичка државна безбедност да работела самостојно? Факт е дека во тој период сите југословенски републики веќе си имаат оформени свои разузнувачки служби, оддели и групации кои делуваат независно од командата на сојузната управа, а ваквото давање автономија во делувањето на овие служби на крајот и доведе до распадот на СФРЈ, бидејќи секоја републичка власт, вклучувајќи ги и нивните служби за државна безбедност и разузнавање, како и единиците на територијалните одбрани (активно вклучени во моментите на сецесионистичките војни), беа посилни од сојузната и имаа можност да манипулираат со податоците, да планираат и да раководат со акциите.
Германија го поддржува(ше) југословенскиот режим со кредити, велат во филмот. Забораваат дека Германија никогаш не ја исплати воената репарација на Југославија и на земјите кои произлегоа од неа, ниту по Првата, ниту по Втората светска војна! Ако Студената војна е одамна завршена, зошто би се копало по убиства извршени пред повеќе од триесет години!? Ако таа е завршена, зошто се поведува судски процес за случај кој е постар од три децении!? Која е целта? Желбата за правда!? Сè наликува на една сомнителна игра во која БНД се обидува да ги прикрие трагите на своето вообичаено повеќедецениско делување, или, пак, влогот е многу поголем. Во меѓувреме, „Дојче Веле“ водат антисрпска пропаганда која сè уште е заглавена во Првата светска војна, обвинувајќи ги Србите за војната.
No comments:
Post a Comment