На 15 јули македонската јавност, тие што гледаа Си-Ен-Ен, или Јуроњуз, имаше можност да гледа во живо како изгледа еден обид за пуч: војска, полиција, тенкови, авиони, хеликоптери, истрели од оружје, неколку експлозии…
Ништо од ова не наликуваше на „македонскиот пуч“ од јануари минатата година, кога масовни полициски сили беа (зло)употребени за апсењето на пензионираниот разузнувач Верушевски и на политичкиот опонент Заев. За да чудото биде поголемо двајцата беа обвинети под сомневање дека планирале и извеле пуч и дека во УБК организирале прислушкување, со
државна апаратура. Ниту војска на улиците, ни тенкови (ако воопшто функционира старото железо поклонето од браштата Б’лгари), ниту татнежи, ниту народ на улица, иако вемерето ги повика своите членови преку СМС „спонтано“ да излезат и да се соберат пред споменикот на бранителите во Паркот Жена-Борец, точно во 17:00ч. за да ја „одбранат демократски избраната власт“ и ги осудат јавно „пучистите“ кои „на сила сакаат да дојдат до власт“.
Владата до денес не одговори на главното прашање како е можно пензиониран службеник на УБК да прислушкувал со години граѓани на Македонија со апаратура на самата УБК (како што чувме набавена во Израел), а при тоа никој од власта ниту од УБК да не биде одговорен затоа што не внимавал и го дозволил тоа! Не одговорија ни на тоа како е можно да се измонтираат милиони снимки на преку 20.000 прислушкувани лица и кои се „странските служби“ кои го извеле пучот и акцијата на масовно слушање на граѓаните.
Секако дека има разлика меѓу режимот на Груевски и оној на Ердоган! Ердоан фрли преку 650 милиони долари за Белата Палата (Кач-Ак Сарај) од преку 300.000m², за која подоцна и самиот Врховен Суд на Турција донесе решение со кое ја прогласи за дивоградба. Стилот на палатата е инспириран од архитектура од времето на Селџуците (XI - XIII век). Самата палата на почетокот беше наменета како седиште на премиерот, но подоцна откако Ердоан стана претседател и самата палата беше преименувана како Претседателски комплекс. Оваа палата има најмалку 1150 соби, посебен дел за претседателот и неговото семејство со 250 соби, соби за гостите, ботаничка градина, специјална соба со сателитски воено-комуникациски систем, бункер проектиран да издржи напади со хемиско, биолошко и нуклеарно оружје... Комплексот е со висок степен на безбедност, а за да се спречи инсталирање бубици ниту една соба нема приклучоци за електрична енергија и опремен е со специјална изолација против прислушкување. Во комплексот има џамија со капацитет за 4.000 луѓе и културен центар, а сместен е во природен резерват.
За разлика од него, преправањето на изгледот на зградата во која е сместен нашиот самопрогласен султан ја чини Македонија најмалку 10 милиони евра. Десет милиони евра за полистирен и уште најмалку 700.000 додатни евра за „царска“ ограда од железо и мермер, со царски двери. Не успеав да најдам податоци за квадратурата, но таа веројатно не е поголема од околу 4.000m². Стилот на царскиот бел дворец на Гвујонаш е превземен од грчката архитектура од периодот од пред IV век п.н.е. Преовладуваат столбови од коринтски ред, со тимпанон украсен веројатно со прикази од животот на Александар Велики, или некој дел од античката „македонска митологија“. Останува непознато што сè е инсталирано за заштита на нашиот најомилен-во-народот водач-со-највисок-рејтинг-во-историјата-на-Македонија, но слушајќи ја снимката со неговата гатачка дознавме дека причина за премачкувањето на Зградата на владата не биле провевот и слабата изолација туку дека тоа е направено по нејзина препорака со цел да се промени негативната енергија што наводно ја зрачела старата зграда,а која му шкодела на здравјето на Пастирот. Јас знаев дека е болен, ама не и дека е до толку болен! Ако е за здравје, нека му е со аир! Страв ми е само дека и цело Скопје се премачкува во идиотскиов барок заради „промена на енергијата“, по налог на вемереовската гатачка. Откако Вангелчо (Божиновски) нè убеди дека спомениците на преродбата биле народен лек и илјадници се излекуваа крај нив, зошто не би ѝ верувале на гатачката дека така ќе се излекува некрунисаниот наш крал!? Здрава нација, здрава држава... Македонија силна!
Приказната за Ердоан и ситуацијата во Турција се само доказ за тоа колку може да забега една демократски избрана власт. Официјалните претставници на Соединетите Американски Држави веднаш уште вечерта додека пучот беше во тек излегоа со изјавата дека „го поддржуваат демократски избраниот претседател“, а истото го сторија и претставниците на ЕУ и Русија. Да не заборавиме – и Хитлер победи на демократски избори во 1932 година! Тој ја имаше поддршката на САД до 1942. Не сум сигурен дека она што следуваше седум години подоцна беше волја на германскиот народ: милиони жртви, спалени и уништени домови, разурнати држави... Неколку милиони завршија во логорите на смртта. Најбројни беа Словените (меѓу нив најбројни Русите, Пољаците и Србите) Евреите и Ромите.
Евидентно е дека изборите не гарантираат дека оној кој ќе ја освои власта ќе се однесува демократски и во наредните години на неговото владеење, или дека ќе го почитува правото и слободите на граѓаните, што се докажува и во случајот со нашиов владетел.
Она за што нашиве новинари молчат, а не смеат да премолчуваат, е говорот на Ердоан во Истанбул следниот ден (16.7.2016) кога пред илјадници народ насобран на Таксим повикуваше на „една држава“ („до Босна и Херцеговина“), на „едно знаме“ („црвено и крваво“) и на „еден народ“ (вметнувајќи ги тука и Бошњаците и Ерменците)! На истиот оној плоштад на кој само после три години од настаните во кои истиот тој Ердоган, тогаш како премиер на Турција, употреби сила да ги растера насобраните илјадници протестанти, претежно млади луѓе, кои му ја пееја „Бела Чао“. Беа уапсени стотици демонстранти, а најмалку дванаесетина новинари беа повредени во протестите кои беа организирани против сечата на преку 600 дрва во паркот. Сите податоци говорат дека и пучот е инсцениран токму за да има оправдување за чистките (на кои можат да му позавидат и Хитлер и Сталин, но и повеќето „демократски држави“ и за јачање на своите позиции, измислувајќи надворешни и внатрешни пријатели како Гвујонаш! Разликата е што таму пучот наликуваше на вистински: аскерот на улиците, полицијата, тенковите, пукањето, мртвите, ранетите, експлозиите...! Кај нас, се расшетуваа полициските сили по наредба на Пастирот!
Деновиве сè појасно излегува на виделина причината за пучот во Турција. Сè појасно ни е кој е неговиот автор. Преку 9.000 луѓе се уапсени, меѓу нив 3.000 војници и стотици офицери, 85 генерали и адмирали, 2.747 судии. Приближно 8.000 офицери во полицијата се суспендирани и против нив е започнат процес. Се сомничат за учество во пучот. Веднаш се разрешени и отстранети од работните места 24.000 наставници и вработени во министерството. 15.000 од министерството за образование, 8.777 отпуштени од одборот за високото образование, од 1.577 универзитетски декани е побарана оставка, 492 се отпуштени од Дирекцијата за верски прашања, 393 се разрешени во Министерството за семејство и социјални прашања, 257 отстранети од канцеларијата на премиерот... Илјадници научници примиле имејлови од Советот за високо образование преку кои се информираат, сите од јавните и од приватните високообразовни институции, дека се наложени рестрикции во нивните патувања по понеделникот напладне. Професорите на Универзитетот за култура во Истанбул се известуваат дека „до натамошното известување сите патувања во странство се запираат, а оние кои веќе се вон земјата треба најитно да се вратат дома“. На веб-страницата на Советот во понеделникот осамна образложение дека мерките се превземаат заради „потребата да се очисти академската заедница од елементите на паралелна држава“!(?)
Хаосот е целосен. Луѓе сведочат за масовно кршење на индивидуалните права и слободи. Јавниот линч станува вообичаена пракса, а масите се во делириум. Приметно е дека токму оние неуките повикуваат на пресметка со „непријателите“, а меѓу нив, меѓу наводните непријатели на државата, се токму најучените. Официјален претставник на ОН ја повика вчера Турција да се придржува кон владеењето на правото заради неуспешниот обид за пуч и изрази сериозна загриженост заради масовното отпуштање судии и обвинители. Високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Раад Ал Хусеин повика независни набљудувачи да ја посетат Турција за да се уверат во состојбота во која се наоѓаат притворените и дека затворените имаат слободен пристап до адвокати и до нивните семејства.
Очигледно е дека на Турција и престои тежок период во кој отворено ќе се гушат и нарушуваат човековите права, а особен повик за узбуна е залагањето на Ердоган да ја врати смртната казна „по барање на народот“.
Она што кај нас загрижува е тоа што во целава ситуација опозицијата се однесува премногу лежерно верувајќи во доброчинителството на странскиот фактор. Особено впечатливо е таквото однесување во таборот на СДСМ, особено на нејзините највисоки раководни кадри кои си ги штитат привилегиите и своите бизниси, па премногу калкулираат во преговорите со владеачката камарила. Не се ни свесни дека, ако и овој пат победи ВМРО-ДПМНЕ, по следните избори, можно е пресликување на состојбите од Турција на домашен терен. Нема да ме зачуди ако според истото сценарио Груевски сите кои не мислат како неговата свита, или оние кои не се членови на ВМРО, ги прогласи за непријатели и предавници на државата, а наводните пучисти (Верушевски и Заев), но и новооткриени нивни соработници конечно се најдат зад решетки „по желба на народот“.
Потоа ќе следуваат апсења, отпуштање на „стари комуњарски кадри“, обвинувања, а веројатно ќе ни следува и нешто во стариот стил на вемерето – ликвидации на поединци.
No comments:
Post a Comment